Замислете ја возбудата кога открив нов документ поврзан со Берлинскиот договор од 1878 година и тоа во Стокхолм. Поточно членот 23 од истиот кој ја засега Македонија и кој е една од причините (повеќе изсторичари се сложуваат со ова) за избувнувањето на Првата светска војна.Документот е копиран и се наоѓа во Државниот архив на РМ.Директорот на архивот на Шведска ми рече дека ова се документи кои никој не ги барал повеќе од 100 години.Неисполнувањето на членот 23 од истиот договор е причината за формирањето на ВМРО.

Членот 23 од Берлинскиот договор е еден од двата основни документа, кои го определуваат државно-правниот концепт на Македонија од овој период – вториот е Уставот на Македонските востаници од 1878 година.Овој член, мошне добро ја открива не само играта на големите сили околу Македонија, туку и компромисите што се правени за неа меѓу големите сили и Турција. Тој предвидува Македонија, како турска провинција, да добие свој статут, поточно: устав, што значи, да добие посебен државно-правен статус, како оној на Крит, во рамките на Турската империја.

Според тоа, Македонија требало да добие свој гувернер и главен командант, кому би му била доверена командата на војската. Применувајќи ги принципите на територијалната поделба на Крит, Турција била задолжена територијата на Македонија да ја подели на санџаци (околии), чиј број би бил дополнително одреден. Со овие територијално-административни единици би управувале мутасарифи, и тоа половината муслимани, а другата половина христијани, меѓутоа и едните и другите требало да бидат службеници на царската влада. Помошниците на мутасарафите – муслиманите, би биле христијани, а на христијаните – муслимани. Околиите би биле поделени на кази со кои би управувале кајмаками. Органскиот устав на Крит, што значи и идниот устав на Македонија, предвидувал формирање специјален административен совет во секоја територијално-административна единица, составен од по три члена муслимани и три члена христијани.

Бидејќи вакви совети се предвидувало да се формираат и во пониските административно-територијални единици, доколку во нив живее исклучително христијанско – односно муслиманско – население, советот би бил составен од шест христијански претставници, односно муслимански. Со советот би раководел раководителот на територијалната администрација.Подеталната разработка и анализа на членот 23 од Берлинскиот договор открива дека Македонија, според него, би добила политичка автономија, во која македонскиот народ би имал пошироки можности да го изрази својот национален индивилуалитет отколку што ги имал дотогаш под турска власт.Оттогаш па натаму идејата за автономија на Македонија ќе биде водечка идеја што ќе го мотивира национално ослободителното и револуционерното движење во земјата, добивајќи во различни услови и различни облици, меѓутоа, секогаш присутна како барање и настојување македонскиот народ да добие свои државно-правни рамки.

Автономијата за Македонецот стана идеал на кој тој му ја посвети својата идна борба за национална и политичка слобода и од простата причина што утврдувањето на автономниот државно-правен статус на Македонија беше зацртан во државно-правен акт од меѓународен карактер. На тој начин, за првпат во политичката историја на Македонија нејзе ѝ се признава автономен статус и таа се третира како посебна етничка заедница и територијална единица. Практично, со членот 23 од Берлинскиот договор Македонија се конституира како автономна област во своите геополитички и етнички граници во рамките на Турската империја. На овој начин Македонија стана субјект во меѓународните односи и се здоби со признавање како „етнички територијална единица со елементи на своја самобитност и самоуправување“.

Следете ме на овие социјални мрежи

Филип Петровски

Македонски политичар, воен ветеран, библиотекар, колумнист, хроничар, коментатор, архивист, конзервативец, десничар и универзитетски професор.

поврзани текстови