Српски шпиони го поттикнувале револтот на војниците, за ОЗНА да почне со апсења

Недела претпладне, 7 јануари 1945 година – Божиќ. Во Офицерскиот дом на плоштадот во Скопје се одржува Вториот конгрес на Народната младина на Македонија на чело со Крсте Црвенковски. Свечена, а како што милуваа комунистите да кажат, истовремено и работна атмосфера. Многу челници на тогашна Македонија се во салата. Меѓу нив и генералот Михајло Апостолски, началник на Генералштабот.

Генерал Михајло Апостолски

ЗА БУНТОТ НА КАЛЕ ВО ЈАНУАРИ 1945-ТАСрпски шпиони го поттикнувале револтот на војниците, за ОЗНА да почне со…

Gepostet von Filip T. Petrovski am Dienstag, 12. Juli 2016

Одеднаш, влегува аѓутантот на Апостолски и му шепнува вознемирувачка вест. Стотици војници, вооружени, се симнувааат од Калето и преку Камениот мост доаѓаат пред Офицерскиот дом. Транспаренти, извикувања, мешаница, изненадувачка атмосфера која на политичката елита во Домот не и’ се допаѓа. Никој не знае што се случува и зошто е сето тоа. Апостолски излегува надвор и не му се верува во тоа што го гледа: неговата војска излегла со оружје, а тој поим нема што се случува.

Така започнал бунтот на војниците од Калето во јануари 1945 година. Тој ќе предизвика една серија настани која ќе го претвори јануари 1945 година во еден од најкрвавите месеци во македонската историја. По бунтот на Кале следи тој во Штип, па стрелањето на 53-та велешани, стрелањата во Куманово и Ресен, а сето тоа води кон не баш славен почеток на новата комунистичка власт во Македонија.

ПЕТТЕ МИНУСИ НА МАКЕДОНИЈА

Кон крајот на 1944-та, додека народот се привикнува на југословенските точки наместо бугарските купони, далеку од неговите очи се одвива трескавична битка меѓу македонски ориентираните водачи на НОВ, предводени од Методија Андонов-Ченто (тој во тоа време ја предводи државата) и експонентите на белградската политика на чие чело е Лазар Колишевски (тој е на чело на партијата). Од Македонија немилосрдно заминуваат т.н, индустриски култури -афионот, сончогледот, памукот и тутунот. Ченто и неговите истомисленици се’ почесто и погласно прашуваат кој ќе го плати трудот на македонскиот земјоделец кој се движи само во правец кон север. Се’ оди нагоре, ама ништо не се враќа назад.

Додека Ченто негодува, праќа пораки преку разни говори за кои се расправа дури и на Политбирото во Белград, Лазо е поинаков човек – гледа што се случува, но наместо да негодува, ги бележи имињата на тие што негодуваат.

Неколку дена пред Новата 1945 година, во Скопје се одржува Второто заседание на АСНОМ, означено и како вонредно, на кое „великиот“ Јосип Броз не доаѓа. Тоа само по себе веќе е некаков знак кој не е добар. Го испраќа Словенецот Едвард Кардељ – Бевц. Маѓепсан од величината на гостинот, Колишевски понизно го слуша, а тој пак, без стеснување, на заминување му соопштува непријатни работи. Се ближи крајот на војната, му рекол Кардељ на Колишевски, а со тоа се ближи и денот кога ќе се поднесуваат сметки кој колку сторил. На сметката на Македонија има пет големи минуси: најдоцна почнала со востанието, најудобно ја минала окупацијата, имала најмали разурнувања, имала најмалку жртви и конечно, не учествувала во ослободувањето на Југославија.

Лазо избезумен го прашува Кардељ што да се прави. Овој ладнокрвно му вели: „Првите три работи не можете да ги исправите, но четвртата и петтата може да се поправат. Затоа ОЗНА треба веднаш да почне да апси и стрела, а вие под итно да испратите голема единица на Сремскиот фронт“.

Колишевски го повикал Апостолски, и тогаш почнуваат интензивните подготовки на војската стационирана на скопското Кале. Формиран е 15-от Корпус, а војниците со обука и искуство од герилска војна, сега се обидуваат да се подготват за сремската рамнина каде германските војски се добро закотвени. Тоа, ним, очигледно не им се допаднало.

12 СМРТНИ КАЗНИ

Борис Поп Ѓорчев, еден од најистакнатите македонски новинари, кој неколку децении се обидува да ги дознае сите детали за случувањата во јануари 1945-та сврзани со убиството на неговиот татко Богдан (заедно со други 52-ца од затворот во Велес на 15 јануари истата година), деновиве имаше можност интегрално да ги прочита пресудите на неколку десетици војници кои учествувале во бунтот од 7 јануари 1945-та.

„Своевремено, целата документација за овој настан, но и за бунтот во Штип од 14 јануари била пренесена во Белград. Оттаму е сместена на сигурно во некои босански бункери, за на крај, пресудите да завршат во архивот на поранешниот Воен суд во Сараево. Од Сараево, снимени на микрофилм, своевремено ги донесе д-р Растислав Терзиоски и ги предаде на Архивот на Македонија“, ја раскажува Поп Ѓорчев одисејата на документите во кои е запишана судбината на многу луѓе, учесници во настаните од 1945 година.

„Македонија ја дочекува 1945 година со пораките на Кардељ до Колишевски кои лебдат во воздухот. Исполнувањето на тие пораки веројатно се една од причините за бунтот. Кога војниците го исполниле плоштадот очигледно никој не знаел во што сето тоа може да се изроди. Тогаш всушност започнува јануарската драма во Македонија која потоа ќе прерасне во хистерија и ќе зацрни стотина македонски семејства“, вели Поп Ѓорчев.

За него, интересен показател е содржината на транспарентите со кои војниците дошле пред Офицерскиот дом: „Покрај стандардните пароли за тоа време – „Да живее Тито“, „Да живее Апостолски“ и на јавноста веќе познатите пароли „Не сакаме на Срем, сакаме на Солун“ и „Не на Берлин, туку на Солун“, во пресудите е запишано дека имало и пароли „Нејќеме Срби да не управуваат“. Тоа, да бидам искрен и мене ме изненади и внесува нов правец во обидот да се реконструира настанот. На плоштадот полн со вооружена војска било развиорено и едно знаме со бои чија комбинација во македонската историја ретко се сретнува: црвена, црна и бела’, ја пренесува Ѓорчев соржината на пресудите против војниците.

По собирањето на војниците на плоштадот, веднаш е алармиран Апостолски. Тој изглегува пред нив, успева да ги смири и да ги убеди да се вратат назад. Горе, на Калето, војниците го оставаат оружјето, а потоа ОЗНА почнува да апси. – „Така, за кратко време завршува тој дел од првиот и единствен вооружен бунт на една војска во Втората светска војна. Тоа е прв излив на еден своевиден патриотизам, кој некои го сквернават како национализам, обид за обединување на Македонија“. Во незавршена војна, македонската војска сака да војува за Солун, а не за целите што ги определило партиското раководство под контрола на Белград. Тоа е тежок удар за политиката што ја води македонското раководство, само некоку дена по заминувањето на Кардељ, но и за безбедносната служба која не насетила што се подготвува. Натаму, бунтот ја покажал мекоста на паролата за братството и единството. Што му е гајле на Македонецот за Срем – тој сака на Солун.

Интересно е што во тоа време за настанот со месеци молчат двете гласила во Македонија: весникот Нова Македонија и Радио Скопје. Не само во јануари, туку и подоцна, како ништо да не се случило. Општ молк. Спорадично настанот е претставен како незадоволство на група војници, националисти и пробугарски настроени, па дури и „Бугари“, вели Поп Ѓорчев. Но, исказите во истрагата и судењето на многу од судените војници, ја разбиваат таа теза. Навистина, војниците главно се од Источна Македонија – Струмица, Кочани, Штип итн., но судејќи според имињата и податоците кои Поп Ѓорчев ги забележал во пресудите, меѓу нив имало и такви со потекло од Кавадарци, Прилеп, Гевгелија, од Велес, од охридското село Велестово и од селото Лера, битолско.

„Значи, покриена е цела Македонија, па не може да стане збор за тоа дека биле само неколку побугарчени војници од Источна Македонија. За самиот настан во пресудите се вели дека е „вооружен бунт на регуларна единица“ што е веројатно единствен таков случај во Втората светска војна. Апостолски ги враќа војниците на Калето, тие го оставаат оружјето и тогаш ОЗНА почнува да ги апси. Следи истрага, а потоа војниците се изведени пред суд. Главното обвинување е дека станува збор „за отворен оружан бунт против установениот ред и поредок во НОВ на Југославија, што са фрлани пароли противни на единството на југословенските народи, што са организирале оружан бунт во касарните на Кале и на плоштадот пред Официрскиот дом во Скопје“. Во Скопје судења има веќе на 20 и 30 јануари и 1 февруари, кога се изречени 12 смртни казни, 12 војници добиле пресуди со кои се осудени на временски казни затвор со тешка принудна работа од 5 до 20 години. Други деветмина добиле помали казни, а петмина со недокажана вина биле ослободени“, раскажува Ѓорчев.

БЕЛГРАД ИСПРАТИЛ НЕДИЌЕВЕЦ

Осудениците на смрт биле издвоени во две групи: во првата се четворица од кои дури тројца се Срби што е мошне индикативно: зошто Срби би си ја ризикувале главата за да подбуцнуваат македонски војници наместо да одат да се борат на Срем, да сакаат да тргнат кон Солун? „Индикативни се исказите на обвинетите пред судот дека откако дојдоа српски началници и инструктори во бригадата, меѓу војниците се осеќава некакво незадоволство, нарочно след случката во интендантството каде еден од дојдените Срби е говорел нешто за крал Петар, како тој ќе се врател назад, дека ќе се врати и Југославија, а Македонија ќе биде Јужна Србија“, цитира Поп Ѓорчев.

Во документите кои тој изворно одново ги препрочитувал во Архивот, а кои се објавени од страна на македонскиот Институт за национална историја во 1997 година („Настаните на скопското кале на 7 јануари 1945 година документи“), запишани се всушност повеќе дилеми на војниците околу заедништвото на Македонија со Србија и различното сфаќање на последиците од тоа. Во целата таа приказна, меѓутоа, се чини недоволно е расветлена улогата на тројцата Срби. Тоа не се Срби од Македонија кои тука живееле па биле мобилизирани меѓу партизанските единици, туку очигледно станува збор за нешто друго.

Во протоколот за распит од 9 јануари 1945 година на Слободан Бранковиќ (23) од Белград стои и дека е приватен чиновник, водник во противавионска батерија, а пред да биде мобилизиран во НОВ бил на служба кај Недиќ (српски генерал и премиер во Кралска Југославија) и бил еден од најактивните функционери во организацијата Национална слога. Тој лично учествувал во многу борби против партизаните, а потоа кога видел кој победува во војната, се вовлекол во НОВ и како стручњак бил испратен во Скопје. За овој човек е запишано и следното: – Но, и тука продолжува со активност – засилена пропаганда во полза на големосрпската реакција и се опитува да направи неред во артилериската бригада, откриен од ОЗНА и предаден на војниот суд и осуден.

Вториот Србин е Александар Вељковиќ (22) (во документите пишува Александар Велкович) од Ресен. Живеел во Ниш, потоа работел во Германија, се вратил назад, а од 15 ноември 1944 година мобилизиран во НОВ и пратен во Скопје како инструктор. Третиот е некој Душан Бечиќ. Тројцата најпрвин биле осудени на смрт, но потоа изненадувачки настанува пресврт – биле ослободени по поднесените жалби, иако еден од пониските судови за недиќевецот, немало сомнеж дека роварел против НОВ, што во тоа време се казнувало без многу размислување. Како и на кој начин биле ослободени, најкарактеристично објаснува случајот со Бечиќ. За него, по жалбата за која решавал белградскиот воен суд, во ослободителната пресуда било запишано: – Во однос на него работата е уште потемна. Просто е необјасниво како се појавил тој човек пред судот, а не се споменува ниту во истрагата ниту во обвинителниот акт. Тој упорно останувал при својата изјава: Останувам при показанијата дадени во ОЗНА.

Но тие „показанија“ односно изјави, не му биле презентирани на судот. Како и зошто, не е јасно. Всушност, од тоа се заклучува дека тројцата Срби имале една од битните улоги во целиот настан со бунтот на Кале, дека поради тоа ОЗНА ги испитувала, а потоа и биле осудени на смрт. Но, кога нивните жалби биле поднесени се покажало дека ги нема материјалите од испитувањето, па затоа во ослободителната пресуда за Бечиќ се вели дека е необјасниво како тој се нашол пред суд, што внесува тотална забуна во случајот. Каква била улогата на овие Срби и кој на крајот ги заштитил? Дали нивната улога не била токму во тоа: луѓе со проблематично минато за тоа време, испратени од ОЗНА да подбуцнуваат на бунт за потоа да може да се изврши чистка меѓу македонските војници и со тоа во корен да се исече желбата наместо на Срем да се оди на Солун?

Поп Ѓорчев нема одговор на овие дилеми, но признава дека случајот е прилично чуден. Посебно што во материјалите наишол и на еден струмичанец кој во касарната на Калето дошол вечерта на 6 јануари во цивилна облека и таму преноќил, што е прилично несфатливо. Како може туку-така цивил да влезе и да преноќи во касарна, потоа за него да се констатира дека „внел голема забуна меѓу војниците со својата агитација и создал голема експлозија која довела до бунтот“, но, сепак, да не му биде судено?

Сето тоа е прилично чудно и покажува дека таму се случувало нешто што засега за нас е непознато. Како и да било, македонските судови продолжиле да ја извршуваат директивата за строга рака и чистки што на Колишевски му ја пренел Кардељ, па претседателот на Вишиот воен суд при Генералштабот во Скопје чиј гроб сега се наоѓа во алејата на великаните на скопските гробишта во Бутел, на 30 јануари 1945 година, спроти судењето на војниците обрнува „внимание на скопскиот суд дека во Штип судот донел смртна пресуда против 6 лица“.

Тоа вродило со плод, па биле донесени 13 смртни пресуди, но подоцна, истиот тој претседател на Судот е потписник на пресудата со кој повисокиот суд се откажал од ригорозните казни и ниту една смртна пресуда не опстојала до крај. Што се случило во меѓувреме? Интересно е што меѓу оние кои биле осудени на смрт па ослободени, бил и братот на еден од највисоките комунистички функционери на Македонија (неговата прва реакција била дека нема одвишок браќа за стрелање). Потоа следело и помилувањето од август 1945 година на Президиумот на АСНОМ, по што работите добиле поблага димензија. Но, во август 1945-та веќе немало спас за осудените на смрт од штипската касарна, за убиените од затворот во Велес, за кумановските и ресенските жртви. Тие засега остануваат нерешлива тежина за македонската историја и држава.

1944 во денешна Република Македонија се врши општа мобилизација, се собираат 80.000 борци СИТЕ се за ослободување на Македонија

Mеѓувреме бугарските окупатори под притисок на Советскиот Сојуз капитулираат и СЕГА ПОД ВОДСТВО НА БУГАРСКАТА КОМУНИСТИЧКАТА ПАРТИЈА ОБЈАВУВААТ војна на нацистицка Германија , НО БУГАРСКИТЕ ОКУПАТОРИ во Македонија пред да се повлечат тешкото оружје СЕПАК го ПРЕДАВААТ НА ОКУПАТОРСКИТЕ ГЕРМАНСКИ ВОЈСКИ КОИ СЕ НАОЃАТ НА ТЕРИТОРИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (во тоа време). …ТОГАШHАТА МАКЕДОНСКА ВОЈСКА БЕЗ ПОМОШ НА НИКAKOB НАДВОРЕШЕН ФАКТОР ЈА ОСЛОБОДУВА ТЕРИТОРИЈАТА НА Р МАКЕДОНИЈА И СЕ ПОДГОТВУВА ДА ОДИ НА СОЛУНСКИОТ ФРОНТ(Егејска Македонија)

Tогашната ситуација на Тито и неговата комунистичка организација БИЛА НЕИЗВЕСНА, четничкото движење во Cрбија, Босна и Црна Гора било огромно и добро наоружано, исто така и ХРВАТСКОТО, И СИТЕ ДРУГИ.

ТИТО го праќа Иво Лола Рибар со задача Македонските вооружени сили да ги ПРЕНАСОЧИ НА СРЕМ … (сега веќе во блиско време ИДЕН Сремски Фронт)

Така Иво Лола Рибар , Светозар Вукмановиќ Темпо заедно со Лазар Колиешвски дел од македонските водачи ги собираат на СКОПСКОТО КАЛЕ под изговор дека треба да се договорат ШТО ПОНАТАМУ … НО КОГА ДОШЛЕ МАКЕДОНСКИТЕ ВОДАЧИ БИЛЕ СТРЕЛАНИ ,..иста судбина ја имале и стотици други ВО СИТЕ МЕСТА ВО Р МАКЕДОНИЈА ,….ТОА СЕ СЛУЧИЛО ЗА ВРЕМЕ НА БОЖИЌНИТЕ ПРАЗНИЦИ 1944-45. Во завршните операции за ослободување на земјата, до 15 мај 1945 година, организирана во три корпуси, 7 дивизии, 22 ударни, 4 артилериски, 3 пионерски и 1 коњичка бригада, македонската војска брои 110.000 борци и старешини.

Ченто и другите НЕ ОДЛУЧНИ МАКЕДОНСКИ КОМАНДАНТИ БИЛЕ НАГОВОРЕНИ: ДА СЕ ОСЛОБОДИ ЈУГОСЛАВИЈА ПА ПОТОА ТИЕ ДА ОДЛУЧИЛЕ ЗА МАКЕДОНСКА САМОСТОЈНОСТ ТАКА Првата македонска и 41. Југословенска дивизија БРИГАДА СЕ ПРАЌА во Србија и ДАВА ЗНАЧАЕН ПРИЛОГ ВО БОРБЕНАТА РАМНОТЕЖА МЕГУ ТИТО И ДРУГИТЕ ШТО БИЛЕ ПРОТИВ НЕГО ,… ПОСЛЕ ослободувањето на Белград НЕКАДЕ ВО ХРВАТСКА МАКЕДОНСКИТЕ БОРЦИ БИЛЕ ВО ОПАСНОСТ ДА БИДАТ ЕЛИМИНИРАНИ (СИТЕ ЦЕЛА МАКЕДОНСКА УДАРНА БРИГАДА) ОД СТРАНА на СРБИТЕ АМА генерал од СОВЕТСКАТА АРМИЈА СЕ СПРОТИСТАВИЛ ВЕЛЕЈКИ ДЕКА ТОА БИЛЕ СОЈУЗНА АРМИЈА И ДЕКА ТОА НЕ Е МОЖНО,… (ОВОЈ историски факт е потврден од Пане Тодорoв кој бил учecник во 4 Mакедонска ударна бригада).

1946 тајната jугословенска полиција го АПСИ ЧЕНТО ПРВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НР МАКЕДОНИЈА И ГО ОСУДУВА НА ЗАТВОР 8 ГОДИНИ,..ПАНКО БРАШНАРОВ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА АСНОМ Е ПРАТЕН НА ГОЛИ ОТОК НА 60 ГОДИШНА ВОЗРAСТ.

Тито и комунистите ПАК ПОВТОРНО ГИ ДЕЛАТ МАКЕДОНЦИТЕ, И НЕ ДОЗВОЛУВААТ ПОМОШ ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА И ДРУГИТЕ ДЕЛОВИ ОД МАКЕДОНИЈА. ТАКА ПРОПАЃА ПОСЛЕДНИОТ ОБИД НА МАКЕДОНЦИТЕ ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ HА МАКЕДОНИЈА.

Македонците се бореа за сопствена држава

Со признавањето на правото за национална определба на Македонците и правото на сопствена држава во која македонскиот јазик се признава како посебен, Комунистичката партија на Југославија го постигна најголемиот успех во Македонија, и покрај тоа што мнозинството Македонци се до 1943 година не беа наклонети кон комунистите предводени од Тито, стои во извештај на разузнавачката служба на САД од 1945 година што се чува во Сојузна Република Германија.

„Со недвосмисленото признавање на постоење македонска нација, југословенските комунисти успеаја да го минимизираат влијанието што меѓу Македонците го имаше водачот на ВМРО Иван Михајлов”, пишува во анализата посветена на создавањето на македонската држава во рамките на Југословенската федерација, заведена под архивска ознака ЦДА, КФМ 36, 780/8.

Во неа се вели дека клучно за успехот на КПЈ меѓу Македонците е признавањето на вековните национални стремежи на македонскиот народ за сопствена држава. Според податоците на Американците, до 1943 година КПЈ имала 300 членови во Македонија и 400 приврзаници во организацијата на комунистичката младина. „И покрај превирањата што постоеја меѓу Македонците во првите две воени години од Втората светска војна, сепак, мнозинството од нив во 1943 година се вклучија во ослободителната борба предводена од комунистите на Тито. Нивната цел да се приклучат во борбата беше создавање своја држава, а мотивот го добија во довербата што ја имаа во даденото признание на нивното право на национално самоопределување, иако тоа беше предвидено во рамките на доктрината на југословенскиот национален федерализам”, е запишано во овој документ на САД.

Според Американците, со ваквиот став кон Македонците, КПЈ која до 1943 година има само 700 приврзаници, успеа да ги истисне до тогаш влијателните пробугарски елементи меѓу Македонците. За ваквиот исход, според Американците, клучни биле два фактора. Прво, цврстото признание на аспирациите на Македонците за своја држава од страна на КПЈ, наспроти дотогашната насилна српска асимилација преку полицисковоениот апарат на Владата во Белград во вардарскиот дел од Македонија. И успехот на КПЈ која докажа дека политиката на ВМРО под водство на Михајлов е истоветна на бугарските националистички претензии спрема Македонија.

Вториот фактор е пасивноста на ВМРО, односно на водачот Михајлов, кој во тој период бил протеран од Бугарија (за време на Втората светска војна И. Михајлов престојува во Хрватска и е советник на водачот на НДХ, Анте Павелиќ).„Михајлов во тој период, наместо да ги мобилизира Македонците во борба за своја држава, сметаше дека бугарската окупација на Македонија е првиот чекор кон воспоставување автономна Македонија. Поради ваквиот став, на што се должеше и неговата пасивност и нерешителност, доведе до губење на неговата поддршката и популарност меѓу Македонците, и покрај големиот ореол и славата на ВМРО.

Дополнително влијаеше и отпорот на Македонците кон бугарската окупација”, пишува во анализата. Во таа анализа се констатира дека македонскиот национализам е производ на жестоката асимилаторска политика на националистичките кругови во Србија и во Бугарија врз Македонците. Србите се обидоа од 1919 година до почетокот на Втората светска војна да ги србизираат Македонците, или ако не успеат да ги направат Срби, тогаш да ги приклучат кон другите националности што живеат во Македонија. На тој начин се обидуваа да го ферментираат македонското национално чувство. „Нема подобро потхранување на национализмот кај еден народ од обидот да му се одземе правото да си го зборува својот јазик за да му се наметне туѓ. Мерките на Србите за негирање на македонскиот јазик, колонизаторската политика, високите даноци, отсуството на инвестиции, исклучувањето од партиципирање во власта, беа контрапродуктивни и го предизвикаа македонскиот национализам”, заклучиле Американците во 1945 година.

Од друга страна, Бугарија преку националистичката окупација во текот на Втората светска војна, во обид да ги врати границите од Санстефанскиот договор, ја уништи добрата волја што постоеше во Македонија спрема Бугарија.„Бугарските националисти не можеа да го прифатат фактот дека Македонците можат да имаат поинакви аспирации, освен да бидат апсорбирани како чисти Бугари во бугарската држава. Од друга страна, ниту бугарските комунисти не успеаја да се соочат со реалноста дека Македонците се посебен народ, како што тоа го направија југословенските комунисти предводени од Тито. Бугарските комунисти не можеа да се приспособат на реалноста, пред тоа да стане доцна”, заклучуваат Американците.

Во ваквата состојба лежат причините и за неуспехот на Иван Михајлов да ја исполни задачата поставена од Германците, во септември 1944 година, под нивни патронат да основа независна македонска држава. Откако Михајлов се сретнал со свои приврзаници во Скопје, заклучил дека веќе е доцна и нема услови да се реализира проектот. Според американската разузнавачка служба, голем број млади интелектуалци меѓу Македонците, кои пред војната биле наклонети кон Михајлов, сега веќе се бореле за добивање државни позиции во македонската држава во рамките на Југословенската федерација. Според Американците, македонската интелигенција решила да го прифати предлогот на Тито како најповолен, за подоцна да заклучат дека и немаат друг избор. Решението на КПЈ не било веќе алтернатива, туку единствена можност.

Во извештајот посебно е нагласено дека во прокламацијата од конституирањето на македонската држава, била поздравена новата југословенска држава на чело со Тито, но немало поздравни зборови кон СССР и Црвената армија, Бугарија, Грција и Албанија. Во Прокламацијата била истакната надеж дека народната демократска власт ќе се распространи врз целата територија на Македонија. „Македонците кои се надеваа дека државата ќе ја воспостават на целокупната географска Македонија, се распоредуваа надвор од Македонија, или пак против лицата со такви тенденции се преземаа репресивни мерки”, пишува во извештајот.

Следете ме на овие социјални мрежи

Филип Петровски

Македонски политичар, воен ветеран, библиотекар, колумнист, хроничар, коментатор, архивист, конзервативец, десничар и универзитетски професор.

поврзани текстови