СТЕНОГРАФСКИ БЕЛЕШКИ од Четвртото продолжение на Триесет и четвртата седница на Собранието на Република Македонија, одржана на 11 февруари 2000 година

САВО КЛИМОВСКИ: Почитувани дами и господа пратеници, продолжуваме со претресот по Информацијата во врска со убиството на тројца припадници на Министерството за внатрешни работи во село Арачинов, претрес што го прекинавме на вчерашната седница.

Филип Петровски, член на Парламентот 1998-2001

ФИЛИП ПЕТРОВСКИ:
Почитуван претседателе, почитувани пратеници, најнапред би сакал, почнувајќи ја дискусијата, да го осудам убиството на тројцата припадници на МВР кои трагично загинаа за време на извршување на својата должност. И да им изразам длабоко сочувство на семејствата на полицајците.

Она што го слушнавме или добивме како извештај од страна на МВР, дава надеж дека работите може да се решат по повод овој случај, односно виновниците да се изведат пред лицето на правдата. Но тоа на нас како пратеници не ни дава за право да молчиме, туку се повикува, во една ваква многу опасна ситуација и не обврзува, гласно, прецизно и јасно да се произнесеме со сиот наш авторитет односно позиција што ја имаме како дел од државниот апарат и истата да ја вложиме во разрешување на овој случај односно во интерес на државата. Велам во интерес на државата, држава Македонија, поточно држава Македонија е единствената држава што ние ја имаме. Барем јас така ја сфаќам.

И ако овој случај сакаме да го гледаме како изолиран односно како поединечен, како случај што можеме да си дадеме за право да го минимизираме, тогаш можеби можеме да кажеме дека вакви работи не биле претходно, односно дека нема да се случат повторно. Но, дами и господо, јас никако не можам овој случај да го гледам од страна не заинтересирано или по некој етнички клуч, кој по дефиниција значи само замолчување за да не се нарушат “добрите” или некој како сака нека ги интерпретира меѓунационални односи во Македонија.

Сметам дека добрите меѓу национални односи не се градат со молчење или замолчување. Исто така тие не се градат со постојано потенцирање, ставање во преден план во едни вакви ситуации кој можат да бидат злоупотребени, или да ги сметаме за апсолутно непотребни и излишни. Последен случај за кој што и денеска расправаме е арачиновскиот. Тука имаме јасен криминален чин во кој апсолутно, да ми простите, не ме интересира која националност е во прашање, на тие што го направиле тоа, туку ме интересира да ги видам изведени пред лицето на правдата сите тие што го направиле тоа, односно да го видам убиецот, тој да излезе пред лицето на правдата и да ја добие максималната казна.

Си давам за право пред целата македонска јавност да побарам отвореност, пристапност на сите средства за јавно информирање, од почетокот па до крајот на овој случај за едноставно да биде симната маглата, да биде симнат било каков сомнеж од овој случај, да и биде јасен на македонската јавност, да нема недвосмислености, кои понатаму може да се злоупотребат во затегнување во меѓунационална тензија и да нема никакво оправдување за виновниците. Во таа отвореност која сметам дека треба да оди кон македонската јавност, сметам дека треба да оди во таа насока, затоа што мислам дека македонската јавност и средствата за јавно информирање се значаен сегмент на македонската држава. Таков однос треба да имаме сите од овој парламентарен состав, да бидеме искрени, бидејќи не се баш сите такви од овој парламентарен состав. Истите тие својот однос, своите настапи ги градат со, можеби, голема доза на лицемерие кога зборуваат од говорницата, повикувајќи се на некаква
усогласеност на пратениците.

Мислам на пратеникот од Арачиново кој вчера зборуваше и кој што самиот не треба само декларативно да се произнесува за случајот, туку малце и од своја страна треба да работи на позитивниот приод на релаксирање на тензиите, по повод овој случај, па ако сакате и на релаксирање на меѓуетничките тензии. Би сакал да забележам на неколку работи: Мислам дека во овој случај, за кој расправаме неколку дена, за кој што животно е заинтересирана македонската јавност, имаме многу луѓе кои што се директно допрени, не може да излезе пратеник и да се произнесе дека тоа се случило во негова изборна единица и затоа што тој е најдиректно умешан, што мислам дека треба нај јасно да се стави до знаење, не може да се зборува за аверзија од страна на Републиката кон Арачиново, туку во овој случај треба да зборуваме малку за аверзијата што ја има Арачиново кон Републиката. Тој спомна дека има неколку извештаи од МВР, од последните години кои говорат дека таму била релативно мирна ситуацијата.

Јас сум поминувал повеќе пати, кога сум одел на кај Куманово, низ Арачиново и можам да ви кажам дека ниту еднаш не сум видел полиција во Арачиново. Зошто е тоа така? Кој го создаде Арачиново, дали оваа власт, зборувам фигуративно, не сакам да се увредат оние луѓе кои што живеат во Арачиново, кои на некој начин можат да се осетат допрени. Меѓутоа ако зборуваме за Арачиново како случај во кој што пратениците на опозицијата зборуваат, или на позицијата, дека тоа е мека на шверц, оружје, дрога, значи како еден синоним кој што од денес ми се чини се употребува во македонскиот јазик, треба да се прашаме кој го создаде Арачиново. Дали е тоа оваа власт, ако е оваа власт да видиме зошто е создадено.

Ако не е оваа власт да видиме која власт го создаде. Повеќе пати во дискусиите на пратениците, посебно од опозицијата, има обид за поистоветување на власта и на криминалот. Јас само едно нешто сакам да прашам јавно. Од каде им толку голема сигурност на пратениците на опозицијата да излегуваат со такви ставови дека власта и
криминалот се поистоветуваат. Дали е тоа можеби некое лично искуство. Еве јас како пратеник кој ја поддржува оваа Влада, немам искуство дека власта може да се поистовети со криминалот. Не ја амнестирам оваа власт, ќе се покаже и ќе се докаже дали оваа власт има нешто што можеби личи на тоа за кое зборуваа пратениците од опозицијата, меѓутоа, сметам, ако се прави толку силна паралела, една паралела која што со таква сигурност се потенцира од толку многу пратеници, можеби треба да се запрашаме од каде доаѓа таа сигурност.

Тоа се дел од забелешките што ги имав. И една мала дигресија, ќе ми дозволите да се вратам на дискусијата. На крајот од овие забелешки сакам да нагласам дека токму правилно изградениот став кон сопствената држава, кон сопствената јавност за кое што зборував и по повод така изградениот став, едно достоинство кое што го носи човек, па и пратеник односно народен избраник. Во една таква ситуација, со едно така поставено однесување, мислам дека би ни сметало да одиме по странски амбасади и да зборуваме против Македонија, затоа што тоа достоинство не би ни дозволило.

Точно знаете на кој мислам. Затоа што, кога одиме по странските амбасади и кога дискутираме за тоа колку Македонија не е добро место за живеење, колку националните односи се такви или вакви, ние сме тие што им даваме за право на бело светските мисионери да ни се мешаат во внатрешните работи, да си испробуваат рецепти за работи за кој што се плашат да ги направат дома. Тука ќе се вратам на тоа што беше спомнато за коментарот на СИ-ЕН-ЕН, па понатака професорот Вилјам Дам, па тоа дека имало низа инциденти на меѓу национална основа, кои тие понатаму ја користат за своите анализи и само им даваме за право да ни се мешаат во внатрешните работи. Мислам дека тој однос не е честит кон сопствената држава.

И сега во овој момент, веќе го спомнав тоа, меѓутоа опозицијата, посебно СДСМ го смета тоа за не популарна метода, но во еден ваков случај, со една ваква политичка тежина несомнено треба да се види, кога станува збор за овој случај, дали постои континуитет кој оди наназад, малку пред 1998 година, кој што се враќа на минатата Влада. Ако е така, верувам дека ќе собере сили опозицијата да признае дека имаше некои октоподи и слични животни, кои беа во нивните редови. Тогаш е крајно време да се прашаме уште еднаш кој го создаде Арачиново такво за какво што зборуваме денеска, а постојат повеќе Арачинова, денеска. Ако се има доблест тоа да се признае, и се обраќам на опозицијата, тогаш таа може да има поголема тежина и поголемо право да и се обрати и на оваа Влада и да каже и вие имате ваши Арачинова и Вие сте поврзани во не знам што.

Не знам за такво нешто, јавно го кажувам тоа, не ми е познат метод на такво владеење, во кој власта е поврзана со
мафијата и со криминалот, тоа сум го кажал повеќе пати. Да суди ја повикувам македонската јавност и сите органи во државата. Ако има такво нешто, ако се собере сила да се признае како било претходно, така може да се земе како аршин и за понатака. Кога зборуваме за овој случај, дами и господа сакам да одам еден чекор понатака и сакам да ги побарам имињата на сите приведени, инволвирани во овој случај, да ни бидат соопштени на нас пратениците. Мислам кога расправаме за една ваква значајна информација, треба да имаме малку повеќе информации. Ако тоа не може да се направи со овој парламентарен состав, односно ако е премногу широко да се соопшти на 125 пратеници, тогаш барам да се свика комисија за контрола на Службата за државна безбедност и Агенцијата за разузнавање и го повикувам претседателот да закаже седница, на која ќе разговараме за безбедносните детаљи, затоа што тука се споменуваше дека е доведена во прашање безбедноста, дека има некои сегменти кои што ја допираат безбедноста на државата.

Ако е така дајте да ги разгледаме тие моменти, ако тоа не претставува мешање во судската власт, сакам да ги дознаеме имињата, ние треба да ги знаеме имињата, ние сме сепак дел од институциите на државата и потребно е како комисија да излеземе со став. Нормално сметам дека како комисија немаме зошто да не ја прифатиме оваа информација, но мислам дека ние како пратеници треба да бидеме добро информирани. Јас би сакал сега да привршам, ризикувајќи на некој начин да бидам помалку и досаден, сакам да повторам некои работи. На некој можеби дури ќе му делува тоа и одвишно да се спомне.

Една е Македонија на цела нејзина територија и од таа територија ниту еден сантиметар никој нема право да отстапи кој што е Македонец, и кој што е државјанин, кој што ги ужива правата на оваа држава. Тоа се однесува и за сите националности. Дури напротив, сите имаат обврска да ја штитат нејзината целовитост и интегритет по секоја цена. Едно чувство сепак, стои кај мене над сите останати, а би сакал да биде неприкосновено и за сите вас како што е за мене, а тоа е љубовта кон Македонија. На тие што паднале за Македонија, зборувам после 1990 година, посебно на оние што загинале за служба на државата, треба да им се обезбеди достојно место во историјата.

Таа е логиката на нештата, барем таму каде што се прави држава, која што ја градиш и сакаш да ти остане. Предлагам, на несреќно загинатите полицајци да им се подигне споменик, кој што сигурно нема да ја намали болката на нивните семејства, но и на нивните семејства, а и на сите останати во оваа држава, а можам да кажам и на разните бело светски мисионери, кои што доаѓаат тука да ни понудат свои рецепти, ќе им го покаже односот на оваа држава кон оние кои што загинале во рамките на својата должност за неа, затоа што сметам дека напад врз полицаец е напад на држава.

Следете ме на овие социјални мрежи

Филип Петровски

Македонски политичар, воен ветеран, библиотекар, колумнист, хроничар, коментатор, архивист, конзервативец, десничар и универзитетски професор.

поврзани текстови