Во музејот на ВМРО ја промовиравме едицијата ЦРНИ СТРАНИЦИ НА УДБА.

Д-р Филип Петровски на промоција на едицијата ЦРНИ СТРАНИЦИ НА УДБА

Малку денови имаат вакво значење во животот на еден човек како овој денешниот. Ве молам да не ми забележите за возбудата затоа што ми е тешко истата да ја совладам. Ме заплиснува чувството на средба со македонската историја ВО ВЕЧНОСТА и стремеж за слобода и сопствена држава КОЈ ГОРИ ОДСЕКОГАШ.

Стремеж скапо платен. Стремеж до сега сокриен. Ѕверства оправдани со скапа странска пропаганда. Се со цел да заборавиме. Да се срамиме од самите себе си. Да сметаме дека не сме достојни, дека сме мали, дека сме небитни. О па сепак не е така. Нашата историја познава, запаметила големи МАКЕДОНЦИ. Големи МАКЕДОНЧИШТА. МАЖИШТА. Не се плашеле главата да им биде скината. За МАКЕДОНИЈА.

Ова што се наоѓа пред вас е сведоштво за едно време, бурно време. Период во кој била супресирана било каква мисла која што излегувала надвор од „дозволеното“ мислење на номенклатурата на власт. Дали се работело за политичко несогласување на лево, или за тоа како се практикувала тогашната идеологија на КПЈ или, многу почесто за чиста македонска промисла, сеедно, сите биле на мета. И најголем дел од нив имале формирани досиеа од тајната југословенска/македонска полиција. Од тие досеа подоцна се ваделе материјали за прогон кој завршувал со политичка, а често и физичка ликвидација. Не било воопшто благопријатно да се биде неистомисленик.

дел од присутните на промоцијата

Оваа табу тема, се отвори по демократизацијата на Македонија, односно по напуштањето на Југославија. Во деведесетите се погласно се говореше за злосторствата на УДБА кон македонската промисла. Но, поконкретна акција немаше. Сеуште беа јаки институционалните вклештувања насекаде кои што апаратусот во период од над 4 децении ги беше развил. Доволно е да се погледне Извештајот на Комисијата на Извршниот совет на Собранието на СРМ од 1966 година за испитување на состојбата во органите на државната безбедност во републиката за да се сфати големината на проблемот. Имено, во тоа време, самата власт утврдила потреба да ја исконтролира работата на државната безбедност. Како што самите навеле во овој круцијален документ, кој што е сведоштво за големината на злосторот кон сопствената нација, потребно било да се испита состојбата во организацијата (се мисли на денешно МВР), содржината и методите на делувањето на органите на Секретаријатот (МВР, заб. мој), посебно државната безбедност, во однос на задачите и целите на политиката… и да се утврди дали во делувањето на овие органи на републичката управа имало појави на политички и други злоупотреби и деформации….

Во музејот на ВМРО ја промовиравме едицијата ЦРНИ СТРАНИЦИ НА УДБА.Малку денови имаат вакво значење во животот на еден…

Gepostet von Filip T. Petrovski am Donnerstag, 6. Oktober 2016

За нас е особено значајна констатацијата дека државната безбедност е прикажана како орган кој работел како држава во држава. Комисијата сликовито оваа служба ја опишала како централизирана структура која се изолирала сама себе и стоела наспроти заедницата и општеството. За потоа да искористи уште посилни термини, како например, дека службата низ годините себе си се мистифицирала и си презела единствена улога да го штити системот, како и дека потоа самата почнала да делува надвор од определените надлежности и се служела со методи кои не биле дозволени ниту тогаш, за пресметка со неистомислениците. Се разбира тоа за тогашната комисија било „бирократска“ тенденција. Но, деталното анализирање на овој извештај ни дава увид за тоа колкав проблем за целото општество бил овој апарат, дури и за семоќниот ЦК на СКМ. Комисијата ќе констатира дека државната безбедност се претворила во механизам за политичка и идејна контрола над општеството, и дека истата постепено го проширувала доменот на својот убид и евиденција во поголемиот дел од општествениот живот до сферата на движењата во уметноста и науката…..

Па сепак она што е далеку највчудовидувачки и неочекувано е констатацијата дека комисијата открила дека под различен вид евиденција во службата за државна безбедност во тој момент (1966) се наоѓаат 96.351 лица на кои им биле отворани лични досиеја. Додека само една година претходно, односно во 1965 во таква евиденција се наоѓале фрапантни 136.682 лица што претставува близу 10 проценти од целокупното тогашно население на Република Македонија. Со лични досиеа бил опфатен широк круг на луѓе од „редот на општествено-политички, јавни и култуни работници, посебно универзиртетските наставници“. Некои од нив имале досиеа постари и од 20 години во кои перманентно се водела евиденција за нивното однесување и ставови. ….

изгледот на едицијата

На мета била посебно интелигенцијата. Според извештајот Службата редовно за своите досиеја собирала материјали поврзани со мислењето на интелигенцијата, посебно во областа на културата и науката. Најбројните кршења на правата на граѓаните се вршени при прибирање на материјали, кога и е вршено слушање на телефоните, и е отворана поштата….

Но по победата на парламентарните избори во 1998 година од страна на ВМРО-ДПМНЕ работите се сменија. Тогаш за прв пат се создадоа услови за реална демократизација на општеството и расчистување во структурите кои работеа на ист начин од 1945 година навака. Конечно се создадоа услови за да се донесе Закон за постапување со досиеја за лица водени од државната безбедност. Тоа законско решение требаше да биде отворање на процесот на лустрација и расчистување со сите оние елементи кои со децении го кочеа секое слободоумно размислување, особено промакедонската промисла. Со тој закон се даде можност секој што смета дека има свое досие во МВР да побара увид и копија. Авторот на овие редови го стори истото. И бев вчудовиден кога добив одоговор дека се водело досие во периодот 1997 и 1998 година во време кога бев дел од големите Студентско-средношколки протести. Водено е се до влез како пратеник во Собранието на РМ, по што се брзало со негово затворање. Во оваа пригода не е најважно зошто е водено тоа досие, и во тоа нема да навлегувам. Далеку побитно е дека воопшто се водело досие. А не смеело да се води. Имено сите ние сметавме дека со тој закон всушност ќе отвориме процес на расчистување на неправдите нанесени кон македонците во периодот 1945-1990, како што направија најголем дел од поранешните држави кои беа дел од источниот блок. Никој од нас не беше свесен дека во Македонија и по 1990 се си било по старо, односно дека тајната полиција продолжила со својата активност. Таа активност била особено сконцентирана и насочена кон партијата ВМРО-ДПМНЕ. Кон таа партија се применувани секакви методи, од следење на нејзините првенци и активисти, формирање на досиеја на претседатели на Општински комитети, па се до детална опсервација, фотодокументирање на седиштето и прислушкување на телефоните. …

Сосема случајно, во еден разговор со Зоран Тодоровски, откривме дека досието за следењето на ВМРО-ДПМНЕ не постои во евиденцијата на ДАРМ. Иако, како што веќе беше наведено, материјалите се предадени на трајно чување. Сосема нејасно ни беше како е можно еден толку важен материјал да не постои во евиденцијата, односно да не биде предаден во архивот. Тоа внесе додатна интрига на целиот процес. И започнавме да истражуваме каде може да биде истиот. По проверките кои Зоран ги изврши по службен пат, до Собранието на РМ, МВР и МО од сите добил повратен одговор дека тој материјал не постои во нивните евиденции или архиви. Бевме вчудовидени. Не е можно таков материјал напрасно да исчезне. Ако е така, тогаш кој го уништил? ….

оригинален документ од едицијата

По игра на случајност е откриено дека во ДАРМ недостасува целосно уште едно досие. Она на Ѓорѓи Доцев. Тој, исто така, за среќа ја искористил можноста во 2001 година да земе копијаНе е познато зошто истото не е предадено на чување во архивот….

Ѓорѓи Доцев бил мета на сериозно проучување на службата. Во мај 1970 таа донела предлог да се направи конспиративен претрес на неговото работно место. Конспиративен претрес значи дека целосно го провериле неговото биро до детал. По предлогот за претрес усвоен е план. По планот уследила реализација. А потоа и службена белешка. Посебно интересни се заклучоците. Еден од нив вели дека: групата на Доцев по трет пат започнала непријателска активост и се бараат нови членови; истите се поврзуваат со други лица осудувани за непријателска дејност; и се подготвуваат таа година да се соберат на вмровски конгрес. Службата уредно водела евиденција за нивните планови, но и за многу настани од минатото. Така ако внимателно се чита можеме да видиме дека Доцев со својот соговорник Дане (сокриен идентитет) се поврзале и барале да ги пронајдат повротно здравите сили од источна и западна Македонија. Доцев заклучил дека е дојден час од дискусии да се премине на конкретна работа. При оваа дискусија се споменува првиот повоен конгрес што ВМРО требало да го има во 1949 година во Стари Град. Службата, во фуснота посочува дека таа година се одржал состанок на членови на групата ВМРО „Правда“, претставници од Ресен и Битола, како и од Прилеп. На овој состанок „Дане“ бил избран за делегат кој пред ООН требало да го постави македоското прашање. На конгресот кој би се одржал на Илинден или непосредно би се симболизирала историјата на движењето и борбите за слободна, обединета и самостојна Македонија. Притоа овие луѓе не зборувале за самостојноста и обединувањето на Македонија како некаков мит, туку имале конкретни планови како истото треба да се оствари. Секој оној што се сеќава на Македонија од седумдесетите години од минатиот век знае дека вакви ставови биле опасни за оној што ги имал. Ова е 20 години пред осамостојувањето на нашата држава. Овие луѓе биле визионери. Но, нивната визија не е признаена, а нивната мака сеуште не е позната. Па дури и се е правено засекогаш да остане непознато низ што се минале за Македонија. Зошто е уништено досието на Доцев? Кој сакал неговата голгота да премине во заборав? Ова не се наивни прашања. Да не го зел во 2000та ова досие сега ќе беше целосно недостапно. Историјата ќе загубеше значаен извор…….

Во Велес. Промоција. И покрај молчењето на левицата за овој погром народот сепак дознава.

Со реден број 45009946 во евиденцијата на тајната полиција е запишан и Ченто. Повеќе од грдо делува претседателот на Президијумот на АСНОМ во затворска кошула која со ништо не ја заслужил. Самото листање на страните на неговото досие ја открива бруталноста, нечовечноста и уште повеќе злата намера да се украде и пренасочи историскиот процес на Македонија по секоја цена. ОЗНА за него запишала дека се обидел да пребега преку граница и дека ширел антинародна пропаганда. Истиот според документот за отворање на евиденцијата не се сложувал со политиката на ФНРЈ која според него не била во интерес на македонскиот народ бидејки, според него, неговото, македонското обединување на можело да се случи во истата. Ченто, според овој документ бил со мисла да оди во Париз на мировната конференција и ако таму не успее да се врати во Грција и по пат на насилие да ја отцепи Народна Република Македонија од ФНРЈ и да ја присоедини со Егејска Македонија. Истрагата потоа го соочила Ченто со неговите кодоши. За среќа сочувани се документите. Сведокот, како што го нарекле, Трајко Бешовски од село Полчиште ќе го изјави следново: „Кога ќе одам за Солун ќе одам при конзулот англиски и американски, за да направам да одам на мировната конференција. На то му реков да ќе погреши, Англија ќе не излаже, треба да одиме само со Русија. На то Ченто одговори да таја работа ке биди по арна да одиме со Англија оти само со Англија и Америка ќе можиме да ги добиеме и другите две части од Македонија – Пиринска и Егејска….

Велес, преполна сала на промоцијата на ЦРНИТЕ СТРАНИЦИ НА УДБА

Почитувани, пред вас се 9 тома, 16 книги или 13500 страници од 202 досиеа. При селекцијата внимателно се отстранети сите лични моменти. Приватните работи на сите што се споменати не се материјал за историската наука. ние не тврдиме дали некои од застапените досиеа се на жртви или пак на соработници; наша работа не беше да оценуваме кој е кој. Ние не тврдиме дека една личност не е и жртва и соработник. Во систем кој користел нечовечки методи многу возможно е иста личност да биде скршена, да подлегне на притисокот за да се спаси од прогон и мачење. Има и такви случаи кога и самата УДБА се сомневала дека тие што се согласиле да станат соработници, тоа го направиле за да ја заведат во погрешна насока или пак дека давале безполезни информации колку да се рече дека нешто направиле. Наша работа не беше ниту да коментираме. Тоа ќе го прави јавноста и историската наука. Нагласуваме, дека не навлегувавме и не објавивме страници поврзани со интимата на обработуваните. И исто така не заземавме страна. Забележавме дека во одредени досиеја кои се предадени во ДАРМ во одредени извештаи недостасуваат страници. Останува на идните истражувачи да утврдуваат што се случило и каде исчезнале истите. Верувам и дека ќе се запрашат зошто покрај споменување на нивни псевдоними и имиња на политички активни поединци, во многу досиеаја, сепак нивните ги нема во архивот. Досиеја на Дракул, Ѓузел, Славко Јаневски, Венко Марковски….

Детал од досието на Ѓорѓи Колозов

Нашата работа ја завршивме. Ги направивме достапни за јавност овие страници, црни страници на поновата македонска историја. Истовремено ги заштитивме од исчезнување. Ќе бидат засекогаш достапни и сведоштво на големиот нескршлив македонски дух кој ги совлада сите искушенија и ја издигна Македонија во постоење кое никој не ќе може да го оспори се додека постои сеќавањето на македонците и нивното крварење за ова што денес го имаме…..

Д-р Филип Петровски, 3.10.2016

Следете ме на овие социјални мрежи

Филип Петровски

Македонски политичар, воен ветеран, библиотекар, колумнист, хроничар, коментатор, архивист, конзервативец, десничар и универзитетски професор.

поврзани текстови