Почитувани,

Благодарам што дојдовте на ова наше заедничко дружење во градската библиотека. Зад нас се години на обнова на оваа институција и освојување на водечкото место во нашата област. Мислам дека сите ние успеавме да ја направиме оваа институција препознатлива, инвентивна, позитивна, креативна, пријатна, потребна. Сега веќе никој во Скопје не се прашува каде се наоѓа градската библиотека, туку според неа сите се ориентираат. Оваа зграда и целиот систем на библиотеки во градот сега располага со 100.000 книги повеќе, бројка која кажува дека се што е релевантно, потребно и ново во нашата држава објавено може да се позајми тука и веднаш. А тоа е наша најдобра препорака, нашите задоволни читатели, корисници, студенти и случајни добронамерници.

Но, ние не бевме сконцентрирани само на книгите. Она што го затекнав не се разликуваше воопшто од она за кое слушаме како информација на тв дневниците, затворени школи од санитарни инспекции поради немање услови за работа. Истата состојба беше и во нашиот систем. За да ја промениме. За да создадеме услови, кои се само нормални, но услови за кои другите може да ни завидуваат.

Ваков работен систем неможе да функционира беспрекорно ако се препушти сам на себе. Тој бара раководење, примена на методи кои даваат резултати. Со јасна намера да го направам функционален, на вработените им давав јасни, прецизни задачи и предлози како да се подобрат сите параметри. Колку во тоа успеавме сведочат бројките, но и се што гледате околу вас. А ми се чини, дека најповеќе сведочат лицата на вработените кои сега и тука може самите да ги погледате. Оваа прилика сакам да ја искористам за да се заблагодарам за се што направивме како заеднички проект. За сите убави, значајни часови проведени во соработка и напредување.

Немавме време овие години да ги претставиме сите наши акции, иницијативи, проекти и достигнувања. Дел од нив сега можете да видите како фото материјал кој оди зад на видео бимот. Да споменам за меѓународната соработка која ги вклучи скоро сите странски амбасади во Скопје, нивните културни аташеа, но и амбасадори. Бележлива е соработката со Американскиот корнер, со кој што имавме многубројни заеднички проекти, меѓу кои и донација за македонските иселеници во САД на неколку стотини книги. Да ја споменам и соработката со британскиот културен центар, кој што од неодамна ја пресели својата библиотека во рамките на нашата донирајки ги сите свои книги, касети и видео материјали. Потоа тука е италијанскиот институт Данте Алигиери, другите катчиња.

Направивме неколку стотини промоции, изложби, претстави, перфоманси и друг вид културни настани. Секој што до нас се обрати со потреба да го искористи  овој простор тоа можеше да го направи бесплатно. Со тоа мислам дека го оправдавме насловот ЈАВНА УСТАНОВА.

Почитувани присутни, да не должам, дозволете да се осврнам на колекцијата дигитални изданија која што можете да ја видите во холов.

Неколку зборови за овој наш проект.

Проектот за дигитализација на Македонското културно богатство започна со почетокот на 2006 година. Изданијата кои досега се дигитализирани се групирани во повеќе едиции.

          Најпрвин се започна со дигитализација на стари и ретки книги од Македонски автори издадени до 1956 година а кои се во сопственост на Градската библиотека. Тука се секако нашите познати автори – Коста Рацин, Блаже Конески, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Славко Јаневски, Венко Марковски, Константин Миладинов, Лазо Каровски и други. За да се заокружи со дигитализација на Зборникот на Браќата Миладиновци.

          Потоа продолживме со дигитализација на делата на доајените на Македонското сликарство како што се Личеноски, Мартиноски, Серафимовски Антички накит и други, како дел од Едицијата „Ликовна уметност“.

Следеше дигитализација на илустрираните биографии на Македонски дејци сместени во едицијата „Македонски великани“. Тука спаѓаат дигиталните изданија на Цепенков, Прличев, Пејчиновиќ, Крчовски, Браќата Миладиновци, и Џинот.

          Посебно значаен проект за мене се Аудио записите од Македонската книжевност наменети за корисници со пречки во видот. Овие дигитални изданија беа работени во текот на 2008 и 2009 година и ги содржат најзначајните дела од македонската книжевност, интерпретирани од наши познати артисти. Истите за жал не се доволно користени и познати на јавноста.

          Секако треба да се споменат и дигиталните изданија на книгите на Македонски автори, познати или помалку познати на Македонската јавност кои ги отстапија авторските парава на нашата институција со цел да се дигитализираат нивните значајни дела. Тоа се споменат Томе и Тамара Арсовски, Илија Максимовски, Благој Стоичовски, Јулија Темелкова, Христо Ботев и младата и талентирана писателка Стефанија Ацевска, како и Филип Петровски.

За крај треба да се нагласи дека колекцијата на дигитални изданија на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, Скопје се состои од 29 завршени книги и уште неколку кои се во изработка со што до крајот на 2010 година таа бројка би се зголемила до 35 дигитални изданија.

Со желба да продолжиме да се гледаме вака позитивно настроени, расположени за нови достигнувања и ведар живот во се заблагодарувам што сте тука и што бевте со нас минативе години.

Благодарам.

Следете ме на овие социјални мрежи

Филип Петровски

Македонски политичар, воен ветеран, библиотекар, колумнист, хроничар, коментатор, архивист, конзервативец, десничар и универзитетски професор.

поврзани текстови