Мислења

Скопје беше на чекор да биде ко Таксим и Киев, а ВМРО го спасуваа НЕАЖУРИРАНИТЕ

Како гледам на овој текст 16 месеци подоцна – Повиците на Филип Петровски пред ДИК го пратија амбасадорот Бејли во штабот на ВМРО-ДПМНЕ

Филип – Бејли

Да ја запазиме историчноста. Во време кога е создадена веста Македонија беше во тешка политичка криза и тресење. ВМРО-ДПМНЕ посебно… Јас бев еден од директно/индиректно инволвираните. Заседаваше ДИК. Се правеше обид на ВМРО да му се одземат 2 пратеници и од 51 на крај да заврши со 49, со што одеше директно во опозиција. Тоа беше планот на „големите“.

На крај сите знаеме дека после неколку месеци им излезе планот. За жал година ипол подоцна се чини дека доста работи не сум знаел нити јас, нити пак народот што упорно со месеци маршираше по улиците…

Оставањето на сопствениот народ на ледина, користејќи го како штит, тебе те прави ѕвер. А народот кој сметаше дека се бори за „вистински вредности, за Македонија“ не е виновен ниту 1 процент. Тој, народот беше очигледно, се плашам да речам НАМЕРНО доведен во заблуда. Последиците допрва ќе се чувствуваат на национално ниво. Поединци пак, кои што „се залетаа“ се по зандани, некои обвинети за тероризам, со уништени животи. 

Еве го интегралниот текст кој што тогаш се појави по повеќе портали: „Откако во својот синоќешен говор пред ДИК директорот на Државниот архив д-р Филип Петровски му порача на еден од амбасадорите во Македонија дека не ни треба нов Таксим и Киев да се тргне и да не не провоцира, денес соросовите портали наводно од дипломатски извори „дознаваат“ дека тоа е причината за денешната средба на амбасадорот Бејли со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Очигледно реториката на Петровски, кој меѓу другото порача и дека трпението на народот е при крај, не му се допаднала на амбасадорот па видно возбуден и нервозен поитал да реагира кај Груевски, да го „смири“ Петровски и членството.
Прашањето кое само по себе се поставува е зошто амбасадорот бил видно нервозен и во кој дел од обраќањето на Филип Петровски се препознал?
Неформално дознаваме дека побарал гаранции дека радикалните членови ќе останат смирени и на страна од случувањата, на што му било одговорено дека доколку не се почитува волјата на граѓаните лесно може работите да излезат од контрола.“

Со Унија на жени од Прилеп во мај 2017

И да добри се тезите во текстот. Јас Бејли никаде не го спомнав, но тој и неговата свита се препознале. И навистина имаше средба со Груевки утредента. А во штабот кога се појавив бев пречекан како да сум победил на МЕЧКИН КАМЕН против ТУРЦИТЕ, сум имал м… до колена (извинете на булгарноста, но тоа се вистинските зборови). Искрено ми беше чудно. Не ми требаше нити сега ми треба хвалоспев.

Она што го кажав пред ДИК го мислев тогаш го мислам до збор и денеска. Се гледа од небо дека сме „на линија на огнот“ и не е голема нити храброст нити генијалност тоа да го кажеш. Односно да побараш истото што се случи на Таксим и во Киев да не се случи и во Скопје. 

И сега 16 месеци подоцна дознав дека не сум бил член на ВМРО.

Е поради ова момци вашата САГА допрва почнува. Детално ќе ги запишам и објавам сите настани пред тоа, по тоа… па нека суди историјата. Друго не е битно. Цела среќа е што ме држи паметот, во кондиција сум, да не речам во ТОП МЕНТАЛНА ФОРМА. Башка сум си имал од секогаш страст кон прибирање весници, слики, документи, спомени, видеа… 

Оригиналниот текст на ПУЛС24> Повиците на Филип Петровски пред ДИК го пратија амбасадорот Бејли во штабот на ВМРО-ДПМНЕ

Следете ме на овие социјални мрежи