Мислења

Говор на д-р Филип Петровски пред членовите на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово, февруари 2019

Говор на д-р Филип Петровски пред членовите на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово, февруари 2019, испорачан на ден пред партиската конвенција во Струга (транскрибиран и прилагоден за читање){истиот е пренесуван и во живо и се наоѓа на профилот на Петровски на Фејсбук}

            Се сеќавам на нашите митинзи од пред 20 години тука на плоштадот. Се сеќавам дека имаше луѓе до кружниот тек. Не знам веќе дали има капацитет за таков митинг македонски митинг да се повтори. Жал ми е ако тоа отишло засекогаш во историјата, бидејќи јас го памтам Тетово како македонски град. А ја паметам и војната од 2001 година. На доаѓање навака застанавме на Карпалак, едно видео кратко направив. Се дигна голема еуфорија, тага за загинатите од пред некој ден. Изразив сочуство, но потсетив и на нашите загинати  во 2001 година токму на Карпалак. За жал тие сеуште немаат свој споменик, а скоро 20 години изминуваат.
            Во суштина, вечерва, тука и со овој говор ја завршуваме на некој начин оваа кратка кампања (ако може да се нарече кампања). Тоа беа презентации во тек на осум дена во неколку Општински комитети на ВМРО за едноставно да се видам со членовите, со делегатите и со горе-долу сите заинтересирани што сакаат да ги чујат овие презентации. Ние одиме и во живо, јас сакам да што повеќе луѓе чујат и видат, кои и од објективни причини се спречени да бидат со нас и да ги чујат тезите.  И горе-доле овие тези што ќе ги чуете, ако го пратите мојот профил  веќе сте ги слушнале.
            Имав неколку пати промена во пристапот во овие осум дена за да бидам пократок, поконцизен, појасен и недвосмислен затоа што нашата партија и нашето членство бара јасни и прецизни одговори и параметри каде тоа ние се движиме и што сакаме да постигнеме со изборот за Претседател на Република Македонија.

            Четири точки издвоив, наместо да бидат 254 или 378 затоа што можеме да набројуваме и со часови, но во суштина се може да се сведе на четири најбитни точки. Не зборувам за економија, не зборувам за здравство, за труд и социјала. Зборувам за она што во моментов на нас ни е најбитно како на Македонци и на луѓе кои што живеат во македонска држава. Тие четири точки се основните принципи кои што утре и во кампања, а и со Господ напред и после победа ќе ги оствариме, односно ќе ги оживотвориме на некој начин во полн капацитет и во интерес на сите Македонци и сите лојани граѓани на нашата држава.
            Првата точка од мојата програма, (а утре ќе го побарам тоа да го размислат убаво и делегатите, јавно, а верувам тука има делегати) која што според мене не може да биде импровизирана, не може да биде некаде помеѓу, и не може да биде одговорена со замајување. Може да биде одговорена само со да или не! Тоа е ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР. Јас сум против Преспанскиот Договор! Јас сум против промената на името! Сметам дека промената на името е извршена насилно и спротивно на волјата на Македонскиот народ. Нашиот народ се произнесе за време на Референдумот на 30-ти Септември сосема поинаку и не ја прифати понудената промена на името. Ќе ја образложам во детаљи првата точка.
            Втората точка од програмата е просто, УКИНУВАЊЕ НА ДВОЈАЗИЧНОСТА!
            Третата точка од мојата програма е враќање на принципите на ИЛИНДЕН и на АСНОМ, и
            Четвртата точка, предизвикување на предвремени парламентарни избори.
            Ова се точки кои што не се тешки да се запомнат, не замајуваат, не развлекуваат и јасно ја цртаат мојата позиција како кандидат за Претседател на Република Македонија.
            И според мене, не само ВМРОвец, туку секој Македонец треба да се спротистави во секаков можен капацитет на Преспанскиот договор. Преспанскиот договор е погреб на Македонија и на Македонскиот народ. Се брише името, се брише идентитетот и се оспорува нашата историја, се оспорува нашата култура, се оспорува нашата посебност како народ. Тоа не се случува со ниеден друг дел од народ или малцинство што живее во Македонија, се случува само со нас Македонците. Затоа мислам дека ние имаме чест и пред се обврска, а се разбира дека е и опасност за тој што го зборува ова, да кажеме НЕ! Ние сме против промената на Уставното име! И не се сложуваме со ова што се случува по ниедна основа!
            Членството на ВМРО ДПМНЕ, како и Македонскиот народ кој што во последниве 30 години беа комплементарни. Често е тоа е една иста маса, понекогаш се двоиме ние, флуктуираме, имаме со нас повеќе народ или помалце народ, но ние сме во суштина тој народ или негов политички израз. Треба јасно и гласно да се каже дека членството и  народот се против Преспанскиот договор. Секоја поинаква изјава е мотивирана од друг центар или е мотивирана за други интереси. Ние имаме обврска (кандидатите, партијата и нашиот народ) да застанеме против Преспанскиот договор. Да го кренеме гласот против секој оној кој што ни вели дека на овој начин на нас ни сторил нешто добро и не унапредил или не знам каде не донел. Не знам во кој сојуз не ставил. Се е тоа лага. Лага и ништо друго. Масовна хипноза и еутаназија на македонскиот народ!
            Ќе ве потсетам, исто така голем стрес и траума за Македонскиот народ беше и Рамковниот договор во 2001 и ние не можевме да ја поднесеме таа траума. Имавме околу сто мртви Македонци во борбите за одбрана на државата, преку петстотини ранети, додека другата страна што војуваше против нас (терористите од УЧК) имаа неколку илјади мртви. Рамсфелд имаше изјава во капацитет на секретар за одбрана, шеф на Пентагон, дека Македонија е спремна за НАТО откако ќе го спроведе Рамковниот Договор. Оти сметаа дека сме поднеле навистина голема жртва… 
            Се поставува прашање зошто се смени она што беше барано од нас и беше испорачано како изјава од Рамсфелд? Тогаш имавме војна и се направија многу помалу отстапки од македонското ткиво за македонските национални интереси во однос на Преспанскиот договор сега. Знаете што се смени? Се смени затоа што ние немавме јасен став. Некои велат, па дури и во нашата партија го слушам тоа дека Филип сака да предизвика војна. Напротив. Не сакам да предизвикам војна. Туку сакам да бидам Македонец во Македонија. Ако е војна да бидеш Македонец во Македонија, тогаш е срамота за било кој, кој што го изјавува тоа. Па зошто загинаа нашите луѓе во 2001 тогаш? – Требаше да дадеме се тогаш. Или кога прогласија Илирида во 1992 година. Зошто се лажевме 30 години?
            Значи мора во ваква критична ситуација со став, јасно и прецизно мора да се застане и да се каже: “Овде е доста!”. Тоа може да биде и според мене мора да биде Претседателот на Република Македонија.
            Они велат вака: -Тоа ќе го кажеш? -Да. – Ќе имаш веднаш импичмент. Имаат 2/3 во Парламентот. Заев има 81 глас (а ќе дојдеме и до тоа како има 81) и ќе ти направат импичмент и џабе ги збориш овие работи. Но, јас велам дека не е така. Прво, импичментот не се случува во еден ден. Друго, импичментот не е нечија играчка и трето, викам дај боже да направат импичмент на Претседател избран од 500.000 Mакедонци. Е тогаш, јас нив ќе ги импичирам. Ќе го викнам целиот народ на улица и попрво ќе паднат они од што ќе падне новоизбраниот Претседател во полн капацитет.
            Дали сум спремен на тој ризик, дали се нафаќам? -Да. Животот ми е во опасност уште сега затоа што станува збор за противење на големи системи и интереси кои што однадвор ги теледиригираат нашите корумпирани политички елити овде во оваа држава.
            За жал, корумпирањето на политичките елити доведе и до тоа Заев да има 81 пратеник. Ние во Јуни, Јули и Август лани зборувавме дека промена на Уставот и промена на Уставното име не може да се случи без ВМРО, па сепак во Јануари оваа година ни се случи промена. Таа промена навистина не можеше да се случи без наши пратеници. Се сеќавате дека во Декември 2016 после изборите ние имавме 51 пратеник. Што се случи во меѓувреме? Што тоа ни се случи на нас?
            – Не се спротиставивме! Ако не се спротиставиме, ако немаме изразен животоспособен капацитет како народ, како политичка структура, како партија, како поединци, тогаш ни тука нема да биде крајот. Уште ќе не газат. Уште ќе бараат. Немојте да мислите дека некој застанува и вели сега ми е доста од човекови права. Нема такво нешто затоа што добро знаете дека тие што тргнаа на нас во 2001 а и денеска, дека ни тогаш ни сега не се бореја за човекови права туку се бореа за територија, за Голема Албанија. До петтото коминике на УЧК се збореше за територии, за чистење на оваа територија од вас, за ослободување од јаремот на славомакедонците…
            Нема се работи за борба за човекови права и вие тетовчани најдобро го знаете тоа. За жал, од петтото коминике УЧК и терористите ги пресоблекоја во одела и им дадоа агенда да се борат за човекови права, оти само такa можеја да ја спакуваат оваа ситуација. Така што сметам дека од наша страна е мимикрија да зборуваме во некои полуформи, завиено: “Па ете добар е Преспанскиот договор, ќе видиме што може да направиме во иднина”. Нема во иднина спротивставување, туку сега и веднаш. Веднаш. До крај. До коска. Некој мора да застане против! И верувајте ова не е за мене привилегија, туку ова е за мене терет.
            За ова разговаравме општо во движењето „Македонија Блокира“, оти јас не ни помислував да се кандидирам. Потоа повеќе организации, здруженија, партија, емигрантски организации, рекоа: “Ние мислиме дека треба да одиш ти.”. Јас одговорив: “луѓе јас сум млад…”. 
            И да, четириесет и седум години имам. Можеби би било некаде оптимум педесет и пет години или пак можеби шеесет (ако е витален човекот) да се кандидира, со доволно акумулирано политичко искуство за да ја води државата. Но оваа наша држава никогаш не била нормална. Никогаш не сме имале во овие 30 години нормални политички случувања за да мислиме на еден нормален претседателски кандидат кој што ќе се занимава со некои ингиренции кои што се во голем дел и протоколарни. Затоа кога ме уверија дека се сериозни и дека ќе одиме жестоко во оваа битка и дека имам одврзани раце да го изразам мојот радикален став, оти ја немам намера да бидам протоколарен претседател прифатив! Имам и тоа како намера да го бутнам СДСМ од власт. Тоа го најавив. Не само што ќе ги оспорам овие работи сега што се случуваат, туку ниту еден Закон нема да им потпишам. Ви ветувам свечено, а сето ова е снимено и вечерва и СДСМ ќе го гледа. И нека го гледа. И на Заев нека му го пуштат. Ниту еден Закон нема да потпишам. Ќе ги носат со второ гласање, и потоа повторно нема да потпишам ни еден закон. И нека се определат, или за импичмент или за предвремени избори. НЕМА ДА ПОПУШТАМ. Свечено ви ветувам.            
            Спречувањето на Преспанскиот договор е само дел од од капацитетот на Претседателот на државата. Добар дел од капацитетот е одземањето на 2/3 од пратениците кои што ги има Заев и по мое убедување праќањето во историја на таа политичка партија. Тоа може да се случи со казна на изборите.
            Се разбира, многу е важна и втората точка од мојата програма, укинување на двојазичноста, и од тоа нема да отстапам. Не затоа што не сакам права за некој. Па во оваа држава сите ги имаат сите права освен Македонците. Во оваа држава ние сме граѓани не од втор, туку од трет ред. Во оваа држава почнаа да се формираат здруженија за заштита на правата на Македонците во Македонија. Тоа е затоа што не сме кажале ДОСТА Е. Има ли некој Албанец или Турчин или Србин што не зборува на својот јазик? Има ли некој што ги нема правата? – Јас не познавам такво нешто. Ги има од Уставен Суд до министри, до пратеници, до судии, до обвинители, до истражители, до директори, до заменици директори, до не знам што. Секаде ги има.
            И никаде нема никаква сегрегација. Освен онаа обратната, кон Македонците. Таа сегрегација е еднаква на апартхејд. Во оваа држава има тортура врз Македонците. Ние не сме граѓани од прв ред! Имате македонски политички елити. Тие се менуваат, па ги гонат, ги судат, се под прогон, под малтретирање, под закана за живот. Еве и Груевски рече дека животот му бил во опасност пред да избега. А имате од другата страна Албанци. Имаат имунитет, имаат континуитет во функциите, имаат тендери, газди се, никој не ги допира.
            Затоа и мислам дека ние треба да почнеме Движење/Борба за права на Македонците во Македонија. И тоа не зборувам за тука во Тетово. Да сме на јасно, Вие тука немате никакви права. Но, наскоро, ќе дојдеме во ситуација и во Виница да немаме права. Тоа мора некој да го стопира. Јас ќе го стопирам!
            Се ова што ви го кажувам ќе се преточи во тези, во идеологија, во позиција на Претседател на државата, ќе го преведам на сите јазиции со соодветна статистика и аргументација ќе го пратам до сите Претседатели на држави во цел свет на нивниот јазик. На сите европарламентарци ќе им го пратам ова, ќе ги поканам да дојдат кај мене во кабинет или јас ќе одам таму кај што се и нема да се смирам. Нема да се смирам затоа што за мене ова не е функција, за мене ова е кауза. За мене ова е битка на живот или смрт.
            И затоа јас не се обраќам кон поединец или делегат, јас се обраќам на целото наше македонско членство, на партијата и на македонскиот народ. И знам дека народот стои зад мене. Не затоа што ме сака дека сум му уба, туку нашиот народ бара спас или се подготвува да се исели. Некој мора тоа да го стопира. Не може да се стопира со тактизирање, не може да се стопира со консултации во Вашингтон, или во Берлин. Јас можев да не дојдам тука, туку да одам во некоја амбасада да се сликам. Тоа ли треба да ми биде предност?
            – Мислам дека ВМРО, ако погледнете историски, ако ги погледнете сите наши великани, оти се повикуваме на нив биле поинакви од нас денеска. Тие не се консултирале со никого дали да дигаат востание. Питу Гули не се консултирал дали да остане на Мечкин Камен. Тој рече: – Јас не се повлекувам од Мечкин камен. Ќе загинам за Македонија и за другите да се извлечат да преживеат.
            Ова е исто такво време, само што ние, ако немаме изразено чувство за историја не го доживуваме така драматично. Инаку ова е можеби и подраматично време од тогаш, само што сега не се убиваат луѓето. Ама и во оваа време се убиваа Македонци. Тука во Тетово, тука, гаѓаа со гранати, тука ќе ме утепаше Стојанче со граната, на Колтук. Значи кога требало да бидам со вас на Колтук, сум бил. Кога и да затреба ќе бидам тука! Не ми треба канцеларија во Скопје, тука ќе ја преселам канцеларијата. Мора да се смени нешто затоа што луѓето веќе дигаат раце во безнадеж.
            Имаме системски проблем, и како партија и како држава. Мора да се смени нешто. Служам некој од кандидатите, не ги именувам, рекол, ако дојдам ќе ги правам подготовките да го оcпорам Преспанскиот договор… Какви подготовки? Не правам никакви подготовки, ова е подготовка. Гледаат амбасадите, подготовките се тие. ЌЕ ГО УКИНЕМЕ ТОЈ ДОГОВОР. Мора да го вратиме Уставното име на Република Македонија! Или треба да кажеме готово е со името, двојазичноста е завршена работа,  дајте да не дигаме галама, ќе ни направат војна, ќе не испотепаат, ќе не затвараат, и да бараме други политички правци во рамките на образование, едукација, труд и социјала…
            Уште една да повторам, ако не се спротиставиме на сите овие работи, тие нема да бидат последни. Во рамките на тоа, на целиот тој комплет на идеи, е и третата која што според мене е исто така важна и е во директна конфронтација со Рамковниот договот од 2001, а ја насловив “Враќање на ИЛИНДЕНСКИТЕ и АСНОМСКИТЕ принципи”. Тие се всушност исти принципи. И Илинден, и АСНОМ, односно Илинденското Востание и Крушевската Република и Првото Заседание на АСНОМ се одржуваат на еден ист датум, на втори Август, а некои велат дека и Филип ги поразил Грците на ден Илинден пред 2300 години.
            Но, еве да не ги нервираме тие што сакаат да ни ја бришат историјата, иако и од тоа не се откажуваме, неслучајна е таа илинденска симболика. По мене тоа е едно исто. Илинденските, комитските принципи, АСНОМските и партизанските принципи се едно исто. А тоа е просто борбата на Македонскиот народ да создаде своја држава. И токму тоа беше запишано во преамбулата на Уставот од 1991 година, СОЗДАВАЊЕ НА ДРЖАВА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД. Се разбира и на сите останати што живеат, сите права што следуваат, според сите конвенции, но ова мора да биде држава на нашиот народ. И триесет години тука е клипот што ни го маваат. Од референдумот за Илирида, до 2001, и сега финалето во оваа 2019 година. Сега оваа наша држава според новата Преамбула на Уставот веќе не е држава на Македонскиот народ, туку е држава на сите народи кои што живеат тука и на граѓаните од Северна Македонија.
            Укинато е нашето право и избришана е нашата борба да создадеме наша држава со новата Преамбула… Забрзано, преку Комисијата што ја ревизира Историјата се бришат минатите настани и сега веќе се движат кон настани што се поблиску во минатото…
Сега завршуваат, во финален договор се дека Самоил не е дел од нашата историја, а веќе се усогласуваат и дека нити Прличев не е дел од нашата македонска историја. Значи веќе стигнавме до средина на деветнаесетти век и прочуените македонски преродбеници… Значи нема Преродба, немало потреба за сопствена држава, се е тоа фалсификат… А ако е тоа фалсификат тогаш ние немамe право на држава како народ… Затоа мораме во некој капацитет да се спротиставиме.
Според мене, кога ќе тргне таа лавина која што би завршила со победа на наш кандидат, ние би имале извонредна прилика сите овие процеси да ги стопираме. Ќе ги стопираме со блокада на законите, ако треба и со протести, нека повикаат на импичмент, ќе им дадеме и за импичмент што треба да прават, и да ги срушиме. Зошто? – Затоа што овој народ на 30-ти Септември казни, верувам дека никој од вас не гласал на референдумот, и тоа е една состојба која се повторува во сите наши комитети. Иако имаше некои наши пратенци кои што глaсаа, генерално верувам дека 95% од членството на ВМРО-ДПМНЕ не гласаше нa референдумот. Тоа беше нашата казна, нашиот одговор! Ние ги казнивме антимакедонците со единствениот можен начин што го имавме на располагање. Чекавме, акумулиравме, разгледувавме како народ, баравме начин како да го стопираме тоа разградување.
Баравме начин како народ како да се спротиставиме. Основната грешка на непријателите на Македонското револуционерно дело и на Македонскиот народ е потценувањето на истиот. Многумина велат овде нема народ, ова ли е народ, и користат и погрдни зборови. Јас велам нашиот народ најдобро знае и нашиот народ е свесен дека кога нема други алатки на располагање треба да чека и да казни со пенкало. И казни на 30-ти Септември. На 30-ти Септември, овој наш народ ја одбра варијантата која што беше единствено возможна наспроти Меркел, Столтенберг, агресивната кампања, перењето на мозок… Дури имаше луѓе и меѓу нас кои што велеа готово е, овие ќе го наместат референдумот, цел свет е на нивната страна. Па сепак нашиот народ на 30-ти Септември казни. Свесно. Немојте да мислите дека не знаел нашиот народ што прави, дека било тоа случајно и дека биле без став. Нашите луѓе беа со сосема јасен став, знаеја што прават, и казнија.
Сега доаѓа казната на поинаков начин, и затоа тука сакам пред вас, иако сеуште мислам дека е рано да се обратиме на тие што сакаат да бојкотираат, но тука во овој потесен круг, во два-три збора да објасниме што е бојкотирање на овие претседателски избори и кои се опасностите оти гледам дека некој мисли дека е легитимно бојкотирањето. Бојкотирањето вo првиот круг не е ни предвидено, затоа што нема цензус. Значи во првиот круг, само еден човек да гласа, еве само јас да гласам, ќе биде легитимен првиот круг, и нема во законот предвидено долен цензус туку има горен цензус. Значи за да победи некој, треба да има 50% плус 1 глас од вкупниот број запишани избирачи или 903.000. Бидејќи тоа не може да се случи, ќе има втор круг. Во вториот круг ќе влезат двете најбројни по глас личности. Во вториот круг има цензус, тоа е 40% и за да се помине тој круг односно за да бидат легитимни иборите, треба да има некаде околу 720.000 гласа. За да има околу 720.000 гласа, може и да излезат и да не излезат што значи дека народот може да се определи и да бојкотира и ќе мисли дека на тој начин казнува. Но јас го објаснувам следново: – дента кога нема да има цензус, В.Д.претседател на оваа држава ќе биде Талат Џафери. Тезите што се шират се дека ќе бил петнаесет дена, триесет дена, или дека ќе нема јасни ингиренции или дека ќе му бидат во помал дел ингиренциите. Овие се неточни тези. Ниту една од овие тези не е точна. Се надевам дека не се форсираат намерно. Може да е од незнаење и во тој случај ќе ги разјасниме, но ако е намерно, тогаш некој намерно ни прави сериозна штета. Талат Џафери ќе биде шест месеци В.Д. Претседател ако нема цензус без никакво ограничување во капацитетот за извршување на функциите на Претседател на државата, само што името ќе му биде В.Д., а не Претседател. Тоа според мене е една доста погубна позиција. Не дека јас не го сакам човекот, ама вие се сеќавате дека е дезертер од ЈНА и дезертер од АРМ. Се сеќавате дека од тука побегна и се приклучи на УЧК. Човекот има позади себе исто така и воени злосторства. Има дадено наредби за убивање на Македонци. Тоа вие го знаете.
Човекот се определи и за кршење на сите закони. Ја прати на објавување двојазичноста, Преспанскиот договор, со негов потпис, надвор од  Закон, во Службен Весник. Значи тој има јасно изразена тактика, стратегија и правец како делува. Ниту делува во корист на оваа држава, ниту пак во корист на било кој од вас. И затоа мислам дека наша обврска е да го казниме тоа. И ние може да го казниме тоа, нашиот народ може да го казни тоа, и за нив ќе биде најголема казна да дојде човек кој што ќе му ги каже овие работи во четири очи и во кабинет.
Јас се ова ќе му го кажам во очи. Ако е воен злосторник, воен злосторник е. Нема да глумиме пристојност. Треба да му се каже и треба да знае дека не сме заборавиле. Ова е наша држава. Може да биде и негова само ако ја почитува, а не ако тргнал да ја дели, така што мислам дека овие се доволни аргументи зошто не би бојкотирале и мислам дека нашиот народ добро ќе сфати каде е точката на казна. Ако беше на 30-ти Септември точката на казна негласањето, затоа што го оневозможуваше цензусот, сега ако ни треба во втор круг 720.000 гласови за цензус и ние да дојдеме во ситуација да имаме 400.000 или 500.000 гласови на наша страна, и тоa како ќе биде казна. И за Талат, и за Заев, и за целата таа номенклатура која што не гази.
Потоа, знаејќи ги моите позиции, верувам дека извесно ќе биде брзо одржување на предвремени избори каде што ќе треба да ги дотепаме. Нема политичка коректност. Ние не сме 300 години демократија, со стабилни национални и секакви други прашања. Ние сме држава која што е нападната од луѓе што ја разградуваат, и во таква ситуација нема политичка коректност. Нека се подигнат сите на ниво на почит на симболите и на потребите на македонскиот народ и дури тогаш ќе разговараме за секоја можна политичка коректност. Сега нема политичка коректност од таа страна и не ми е јасно зошто ја бараат од оваа страна.
Ова е накратко образложението на четирите програмски точки. Можам да зборувам многу, многу поопширно, но со оглед на тоа дека сте имале и претходно презентација и дека некои од вас утре ќе одат на пат, ќе ве упатам да погледнете дел од моите видеа, бидејќи сигурно нема да успеам се да кажам.
И мислам дека имав презентација на јасни и секако заеднички принципи.

 

 

Следете ме на овие социјални мрежи