Книгата, поточно збирката на колумни на авторот Филип Петровски е во обем од 197 страни, компјутерски куцан текст. Во неа се поместени  колумни создавани во периодот од 2007 до 2008 година, објавени во дневниот весник Утрински весник.

Она што е карактеристично, како генерална оцена за книгата е современоста и актуелноста на темите кои ги обработува авторот во своите колумни… Во нив може да се забележи висок степен на аналитичност во коментарите за меѓународните состојби и нивно поврзување на Република Македонија – поточно нудење опции за тоа како Република Македонија да се позиционира кон настаните кои и се случуваат во меѓународното опкружување. За жал, кога говориме за меѓународните односи на Република Македонија, мора да се соочиме со фактот дека немаме изградено или усвоено концептуален модел низ кој меѓународните односи се анализирани. Наметнувајќи си политиколошка агенда, авторот во своите анализи на меѓународниот систем и процесите кои се случуваат во него, а кои ја афектираат Република Македонија многу повеќе е наклонет кон моќта, интересот, силата како детерминанти на трансформираната меѓународна политика после ладната војна, а многу малку внимание им посветува на етиката, правото, моралот и правда во функционирањето на тој систем.

За разлика од другите аналитичари кај нас, кои, имам впечаток дека звучат безнадежно идеалитички и утописки во контекст на меѓународната политика, и се што ни се случува во однос на спорот за името, авторот е крут реалист, кога очајно се обидува да ја детектира нашата улога во сето тоа. Авторот успева да проникне низ своите анализи подалеку и подлабоко во меѓународните односи, од она што како анализа ни се нуди во Република Македонија. Тој не е само набљудувачи на она што се случува во меѓународниот систем. Авторот нуди решенија и свесен за новите правила на делување на глобалниот свет се обидува да им наметне на оние кои ја креираат надворешната политика нова перцепција на однесување во рамките на изменетите односи во тој свет.

Исто така, неодминлива тема на неговите колумни се и внатрешно политичките случувања, при што авторот на еден критички и бескомпромисен начин се обидува да ја отслика политичката реалност во Република Македонија. Внесувајќи во своите анализи поголема доза на емотивност, авторот, текстот на своите колумни го оживува и му ја дава онаа нужна димензија на комуникација со јавноста. Петровски е интригантен, храбар во изнесувањето на своите ставови и е провокативен. На тој начин е отворен за комуникација и проверка на своите идеи, изложувајќи и ги на јавноста низ своите колумни. Во своите колумни не врши ретуширање на македонската политичка реалност. Ја дава вистинската слика на таа реалност, дел како непосреден учесник во нејзиното креирање, дел како нејзин набљудувач.

Велат дека плурализмот на идеи е многу важен на полето на слободната мисла. Нема магична формула кога размислувате и го анализирате она што се случува на внатрешно политичката сцена. Во Македонија многу е тешко да следите одредени принципи. Во професијата, во животот. Но, има нешто што е траен принцип кај нас кога ги анализирате ваквите процеси. Тоа е обидот влезете во компромис со политиката. Притоа вашата мисла се гмечи, изобличува, деформира, дегенерира, најчесто низ политиката. Остануваат само симпатични идеи и изневерени очекувања.

На оние на кои им се обраќате низ своите колумни. Авторот очигледно го нема тој проблем. На човечките суштества им треба смисол да го овладеаат светот во кој живеат. Ама исто така, им треба цел за да  живеат во свет кој е помалку индиферентен кон нив. Тој тоа го решил зафаќајќи се да пишува колумни и да биде многу повеќе од обичен регистратор на времето во кое живее. Вистински го живее времето. Тој е негов креатор низ своите колумни и оваа книга.

Низ своите колумни брутално ја разголува политиката, која предолго ги дразни нашите сетила со лаги и хипокризија. Тој не ги разложува своите идеи, концепти или зборови на нивните основни компоненти, а потоа ги рекомбинира на начин кој ќе му обезбеди политички бенефит.  Или го менува контекстот на кажаните зборови, на начин што лагата кај него ќе прозвучи како вистина. Авторот низ своите колумни манипулира со јавното мислење. Тој е отворен и спремен да се изложи целосно пред таа јавност. Барајќи одобрување за своите идеи и ставови, но не бегајќи од можните критики. Тоа е така кога јавноста инвестира во вас, очекувајќи да бидете присутен на пазарот на идеи. Да се соочите со предизвикот која секоја од нив го носи во третирањето на вистината и да бидете дел од јавната расправа, во која ниедна идеја нема исклучиво да биде прикажана како исправна или грешна.

На Македонија и требаат храбри луѓе. Доволно храбри да го абсорбираат и неутрализираат стравот кој го шири политиката. Доволно храбри да преземат одлуки кои ќе ни го променат животот на подобро. Доволно храбри да се конфронтираат со она што нечини во политиката.

Филип Петровски во емисијата САМО ВИСТИНА

Храброста не се докажува. Се гледа низ она што го работите, пишувате. Книгата колумни на Филип Петровски буди надеж за оптимизам. Дека во Македонија има храбри млади луѓе кои созреваат учејќи од сопствените грешки. Кои знаат да се борат за она во што веруваат и да останат свои во светот што се менува околу нив. Колумните се одговор на потребата на граѓаните на оваа држава за отворена јавна расправа. Зашто тие сакаат да размислуваат околу презентираните идеи (без оглед од кого доаѓаат), сакаат да расправаат за нив. Луѓето сакаат да чувствуваат дека не се осамени со нивните размислувања.  Дека може да ги споделат со некого. Петровски низ своите колумни се нуди за медијаторот помеѓу светот на идеите и јавноста. Се обидува да се нурне подлабоко во расправата и, како што велат, да го занишате бродот. Притоа мора да бидете спремен дека може многу лесно да станете жртва, со цел бродот да се врати во рамнотежа. Како што можам да забележам авторот го нема тој проблем.

Проф. Д-р Звонко Јанкулоски, Скопје, 2009

! Рецензија – Ѕвонко Јанкуловски

Филип Петровски: Мислења 2007-2008 (цела книга)

Цената на слободниот интелектуалец

Венко Андоновски: РЕЦЕНЗИЈА НА КНИГАТА „МИСЛЕЊА“ ОД ФИЛИП ПЕТРОВСКИ

Следете ме на овие социјални мрежи

Филип Петровски

Македонски политичар, воен ветеран, библиотекар, колумнист, хроничар, коментатор, архивист, конзервативец, десничар и универзитетски професор.

поврзани текстови