Седумдесет одбрaни колумни од jуни 2007 gодинa до декември 2008 година: тоа е квантитативниот биланс на колумнистичката актива што Филип Петровски се решава да jа печати сега за сега, во оваа книга, со оглед на тоа дека читателите на “Утрински весник” се уште jа следат неговата саботна колумна. Од декември 2008 пак до сега има речиси уште една цела година, односно уште педесетина колумни, кои читателите на Петровски сигурно ќе ги очекуваат во евентуален втор том од ова издание. Тие, читателите, се навикнаа на ова сjаjно колумнистичко перо многу бргу, посветуваjќи му jа саботата нему, како што тоj петоците им ги посветува ним (за оние кои не знаат – колумните се предаваат во печат наjмалку еден ден пред да бидат обjавени). Во тоj занает (велам занает зашто колумната многу често не е сврзана со инспирациjата, туку со брза реакциjа на новинарското “морам”) Петровски се снаjде уште од првите текстови, небаре осекогаш бил таму – на таа страница од весникот, со несомнен новинарски стаж, со публицистички дар и со рефлекс за брза, но задлабочена колумнистичка реакциjа. Во ова тврдење може да се увери читателот, зашто авторот воопшто нема интервенирано во колумните, туку ги печати онака како што биле обjавувани во весникот.

Колумнистите се делат на интересни и здодевни. Ниедна друга поделба не е можна: затоа колумната е понемилосрден жанр дури и од додворувањето. Оноj коj е здодевен, многу бргу од редакциjата добива “благодарница” и потем на негово место доаѓа – друг. Тоа е така затоа што колумните се наjдобар барометар за читаноста; тие се “критични” места во весникот, “jадици” за читателот, па оттаму стануваат и важни фактори на читаноста и тиражот. Според досегашниот стаж на Петровски, неговите колумни се очигледно живописно интересни и високотиражни. Но, за Петровски колумните се и стратешко место за средба со читателите – барем врз примерот на неговата колумна тоа станува така, затоа што уште од првите свои колумни тоj почна во нив да им дава повластено место и значење на читателските коментари. Со тоа, тоj во нашето новинарство меѓу првите (ако не и прв) почна еден тип на диjалошка колумна, во коjа, како што кажав, едниот глас го имаат читателите (Петровски отвори и своj приватен блог на коj можеа да реагираат читателите, покраj “службениот” портал на “Утрински”) а другиот е неговиот глас.

Така, неговата колумна стана контрапункт со наjмалку две мелодиски линии, со два гласа, кои често не се согласуваат, но тоа не е причина за “воjна”. Оттука, неговата колумна е култивирано полемична, диjалошка структура, толерантна кон мислењето на Другиот (тоа е често и непотпишан, анонимен читател чиjа мотивациjа не мора секогаш да биде добронамерна и конструктивна), но таа колумна знае да биде и немилосрдна по однос на читателските коментари, тогаш кога има да понуди “дебела” аргументациjа, пред коjа дури и недобронамерниците (па дури и партиските мешетари и дежурни колум-провокатори) мора да замолчат.

Сопствениот став е, покраj диjалогичноста, втората важна особина на колумната на Петровски според коjа тоj драстично се разликува од морето наjчесто анемични пишувачи на колумнистички редови во нашиот печат.

За колумната мораш да имаш своj стил, за да те запомнат; за да имаш своj стил, треба да имаш “свои зборови” со кои ги кажуваш нештата; за да имаш “свои зборови”, треба да имаш свои мисли; конечно, за да имаш свои мисли, треба да имаш своjа, а не некаква општопартиска глава. Влегуваjќи во колумнистичкиот занает со jавен и нескриен политички багаж (Петровски беше член на партиjа важна за политичкиот живот на Македониjа, како и дипломат истурен на првите боjни редови – во САД), тоj ризикуваше да биде препознаен само како гласоговорник, мегафон на партиските идеи или идеите на власта. Меѓутоа, тоj не само што не стана тоа, не само што не беше тоа ни кога беше активен партиски и политички активист, туку покажа и едно речиси дисидентско лице по однос на коjа и да е догма во политиката. Неговата острица е немилосрдна, без разлика дали е вперена кон “левите” или кон “десните”, па вероjатно од тие причини честопати е ставан на листата на “неомилените” во потесните партиски и идеолошки лоби-групи.

            Но, цената на слободниот интелектуалец е таа: тоj е речиси секогаш осамен затоа што храбрите не одат во стадо, туку како поединци; напротив, стадото служи да се сокриеш во него и да си го спасиш животецот. Петровски, како силна интелектуална фигура коjа сака слободно да мисли, како интелектуалец коj одбрал дури и кога извршува политички задачи да мисли со своjа глава (во политиката, таквите кои мислат, не се баш омилени), низ овие години на страниците на “Утрински” прерасна во едно од првите наши пера не само во колумнистичка, туку и во една поширока, научно-публицистичка смисла.

Неговите колумни, впрочем, уште од почетокот не беа само новински став од типот jас мислам, туку покажуваа завидна склоност кон убедување на читателот во сопствениот став, што не би можело да стане без употреба на извесна аргументациjа. Аргументациjата пак не би можела да се роди без ерудициjа, коjа каj Петровски ги заслужува епитетите: раскошна а ненаметлива, екстензивна а интензивна, специjалистички фокусирана, а стилски дозирана за општонародно разбирање. Тоа е уметноста на колумната: треба да jа разбере и еден академик, но и земjоделец или занаетчиjа.

Каква е ерудициjата на Филип Петровски? Таа е, како што се рече – раскошна, детална, темелна. Но, она што jа прави заводлива е начинот на коjшто таа се покажува. Иако е тоа знаење кое главно се стекнува со полагање тешки испити по предметите меѓународно право, историjа на политиката, политокологиjа, современи политички системи – односно се што е потребно за еден современ политички аналитичар, таа ерудициjа при своjата презентациjа нема ама баш ништо стерилно академско во себе. Таа е сликовита, често посегнува по примери од секоjдневието (во таа смисла, маестрална е сликата од првата колумна овде – дали земjата може да биде погодена со пикадо на светската карта или не!), и што е наjважно, таа е учителски упорна. Петровски знае трпеливо, со многу такт да jа развива своjата теза, да ги соопштува ставовите на своите опоненти, па ако е потребно и континуирано, во повеќе саботи, во повеќе различни колумни да им обjаснува дека грешат, трпеливо да ги подучува, да им го нуди истото и истото мени на аргументи кои тие го отфрлаат без да го прочитаат (позната е разорната моќ на предрасудите кои почнуваат со нечитање на кафанското мени!), да ги советува, и токму кога тие ќе заборават на него и ќе помислат дека и тоj заборавил на нив – одненадеж, по некоj друг повод да им се наврати, да ги потсети на “спорот” и да ги победи.

Се препознава во неговите колумни и често адресирање на познати jавни личности со кои Петровски расправа и полемизира отворено, искрено, машки чесно, со аргументациjа “до срж”, квалитет што во нашата колумнистичка актива речиси и го нема; колумнистите денес ги чуваат нозете како да се доброплатени фудбалери во меч со банана-репрезентациjа или светски балерини кои излегле да го одиграат “Лебедовото езеро” во некоjа планинско-селска пустелиjа.

Конечно, jа наведувам и последната специфика на колумната на Петровски, коjа не jа сметам за помалку важна од претходните: неговиот критички патриотизам. Ретко коj колумнист толку jа сака своjата татковина, и затоа често и “вика” по неа. Стара вистина е дека се грижиме само за она што го сакаме и дека го укоруваме само она за што ни е важно да се поправи, да успее. Она кон што сме индиферентни не го заслужува ни нашето внимание, ни нашите пофалби, а наjмалку пак нашиот прекор. Овде, во колумните на Филип Петровски, се среќаваме со силна полемика со она што е предмет на обожување: сопствената татковина, сопствениот народ, мислата на ближниот.

Таа особина ми се чини посебно шармантна во колумнистичкиот феномен наречен Филип Петровски. Се друго може да се научи или одглуми, но љубовта – не. Љубовта боли кога она што е неjзин предмет е болно и треба да оздрави. Во таа битка за здравjето на своjата татковина Петровски е немилосрден, без разлика какви етикети ќе му залепат. Живееме во време на масовно етикетирање на се и сешто, од нестандардизирани тегли со производи, до идеолошко жигосување. Во такво време да се има колумната на Филип Петровски – значи да се има цврст и стабилен курс кон наjвисоките интелектуални европски и глобални вредности, без елиминациjа на патриотското чувство, за кое многумина кусогледи сметаат дека е пречка на тоj пат. За умните, како и за Петровски, тоа е само уште едно превозно средство на тоj наш Пат, што нема своjа цена.

Венко Андоновски

Цената на слободниот интелектуалец

Филип Петровски: Мислења 2007-2008 (цела книга)

Ѕвонко Јанкуловски: Брутално разголување на политиката

Следете ме на овие социјални мрежи

Филип Петровски

Македонски политичар, воен ветеран, библиотекар, колумнист, хроничар, коментатор, архивист, конзервативец, десничар и универзитетски професор.

поврзани текстови