(Тука, во овој пост, можете да ја прочитате целата книга) 

Времето поминува бргу. Во 2006 г. ја објавив мојата втора книга „Уште еднаш за нас“, сакајки со неа да се поврзам  со мојата прва книга „За нас“, која пак ја објавив веднаш по враќањето од Њујорк во 2003 г. Практично со тие две книги, опфатив период од цели десет години, од 1995 г., па се до 2005 г. Книгите ги содржат моите говори во парламентот, кога бев пратеник (1998-2001), како и поважните колумни и интервјуа. Но, книгите содржат и опширни воведи, затоа што сметав дека не е доволно само да се објават говори, интервјуа или мислења во книга. Мојот пристап вклучува и повторно коментирање на текстовите, како и давање на поширока рамка на тоа што било мој став, односно дообјаснување на моите убедувања. Исто така, давав и објаснување на политичките и општествени околности во кои одредени акции настанувале, затоа што, кај нас не постојат доволно материјали кои за своја основа ги имаат хрониките на времето. Токму затоа некои настани многу бргу исчезнуваат од нашиот видокруг, од нашиот интерес и сосема се забораваат.

Радио станици на Пулс24

Подоцна, истите имаат импликации врз нашите животи, а ние самите не сме во состојба да имаме аналитички или пак критички однос кон нив, затоа што не располагаме со пишан материјал за нив. Еве, како за пример ќе споменам дека денеска сеуште нема соодветни анализи, коментари или пак согледби од актерите кои учествуваа во војната од 2001 г. Сеуште целата таа година е обвиена со превез на мистика и заговор. Некои сомнителни ликови и ја користат таа година и војната за да ги клеветат политичките неистомисленици. А, поради усвојувањето на „рамковниот договор“[1] ние 8 години потоа[2] имаме сериозен притисок по повеќе линии во нашата држава.

Зошто хроники?

Секако има уште стотици настани кои на секојдневна основа влијаат врз нашите животи, а кои не се доволно познати, коментирани. Без критички настоена јавност, тие поминуваат без да остават трага. А, јас пак сметам дека еден ангажиран интелектуалец е повикан да ги проследува и коментира настаните во општеството. Да го кажува јавно својот став и со тоа да допринесува да се збогатува лепезата на мислења. Нашето општество е многу силно поделено по линии на партиските штабови и набиена е голема негативна енергија која што ги дели граѓаните. Тие немаат избор и многу често се приклонуваат кон едната од двете доминантни опции, кои сите ги носат во ровови и ги спротивставуваат со јасно поставена стратегија, според која оној кој не е подржувач е непријател… Или си со нас или си наш непријател.

Цената на слободниот интелектуалец

 Немајќи намера да се „стопам“ во овој комплот, со задоволство ја прифатив понудата да пишувам редовна колумна во дневниот весник „Утрински“, со што можев слободно да го кажам своето мислење, а не на некој друг. Понудата од Утрински дојде во јуни 2007. Тогаш бев пред крај на магистерските студии по меѓународна политика на правниот факултет. Колумните ми дојдоа како добра можност она што го промислував околу магистратурата, да го претворам во мислења кои би биле блиски или пак интересни за пошироката јавност…

Втората книга ја затворив со колумната „Македонија и позитивното европско ави“[3]. Во неа ги коментирав комплицираните односи кои нашата држава ги има со ЕУ, како и со НАТО. Така, уште во колумната „Ние во НАТО – мало сутра“[4] ги коментирав нашите аспирации, како и можностите да влеземе во северноатланската алијанса, укажувајки дека тоа тешко ќе се случи во блиска иднина. Како што можете да се уверите, денеска, четири години потоа, сеуште се наоѓаме во чекалницата на НАТО. Исто е и со ЕУ. Процесите се и повеќе од спори, а на мојата генерација и врви животот. Ние веќе дваесет години чекаме да заврши транзицијата и да станеме истовремено дел од цивилизираниот свет.  Цело време нешто чекаме, и никако да дочекаме.

Следете ме на овие социјални мрежи

Филип Петровски

Македонски политичар, воен ветеран, библиотекар, колумнист, хроничар, коментатор, архивист, конзервативец, десничар и универзитетски професор.

поврзани текстови