Биографија

Филип Петровски – биографски податоци

 

Filip Petrovski
Филип Петровски

Филип Петровски (28 мај 1972, Куманово) — македонски политичар, воен ветеран, библиотекар, колумнист, хроничар, коментатор, архивист, конзервативец, десничар и универзитетски професор.

Во моментов актуелен директор на Државниот архив на Република Македонија.

Филип Петровски е најстарото дете на Тихомир Петровски и Маринела Петровска (м. Кузмановска). Основното образование го стекнал во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Куманово. Образованието го продолжил во средното училиште „Гоце Делчев“ (генерација 1986–1990) во родниот град. По завршувањето на средното образование заминал во војската на Југославија како дел од 63. падобранска бригада во Ниш. Служејќи го воениот рок, поминал два месеци во Словенија и еден месец во Хрватска во 1991 година, каде бил сведок на распадот на Југославија.

По отслужувањето на воениот рок и враќањето во Република Македонија, своето образование го продолжил на филозофскиот факултет во Скопје. По дипломирањето, по покана на Владата на САД, во 1998 година бил единствен претставник од Македонија и Балканот на проектот за млади европски лидери (англиски:1998 USIA International Visitor Program, A Project for Young European Leaders). Една година подоцна бил учесник и на школата за меѓународно лидерство и економски развој (англиски:1999 Harvard University, John F. Kennedy School of Government – International leadership and economic development), организирана од школата „Џон Фицџералд Кенеди“ при универзитетот Харвард.

Во 2006 година ги завршил магистерските студии по меѓународно право и политика на тема: „Реформа на системот за колективна безбедност на ООН“, под менторство на професорот Тања Петрушевска. Во 2010 година, Петровски докторира на политички науки на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, под менторство на професорот Звонко Јанкуловски, а во 2012 година бил избран за доцент на универзитетот „Евро-Балкан“ во Скопје.

Петровски е оженет и татко на едно дете.

Filip Petrovski
Филип Петровски говори во МНТ по повод одбележувањето 65 години од Државен архив на РМ

Политичка кариера

Во 1997 година, како апсолвент на Филозофскиот факултет во Скопје, тој е еден од водачите на студентските протести против наставата на албански јазик на Педагошкиот факултет во Скопје. Воведувањето на втор јазик во наставата тогаш е спротивно на Уставот на РМ и ја нарушува унитарноста на Македонија. Студентите таа година ќе укажат на сериозноста на проблемите со кои државата во иднина ќе се соочи доколку не се прекине веднаш со политичката трговија со националните интереси. Овие протести се најсериозната најава за ВОЈНАТА ОД 2001 ГОДИНА. За жал предупредувањата на Петровски и илјадниците студенти не беа земени сериозно…

Filip Petrovski
За време на ПРОТЕСТИТЕ 1997, пред парламентот на РМ

Член е на ИК на УМС од 1995 година и одговорен за надворешните работи на младинската организација. Делегат е на 10 Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ одржан во Кичево.

Претседател е на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 1997 до 2000та година;

Во 1999 година по изборот на Борис Трајковски за Претседател на Република Македонија е испразнета позицијата Претседател на партиската комисија за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ. По предлог на Трајковски, Петровски ја презема оваа позиција се до заминувањето на служба во Њујорк.

Од 1997 до 2002 година бил член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Покрај овие функции, во периодот од 1998 до 2001 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија.

Во 2001 година, со одлука на Владата на Република Македонија бил назначен за конзул во Њујорк, при што под негова надлежност биле Северна, Средна и Јужна Америка. Одлуката за заминување ќе ја одложи скоро цела година поради учеството во резервниот состав на полицијата и ангажманот на сите фронтови.

Filip Petrovski
За време на распоредувањето во тетовските села… во 2001 за време на војната

Во 2003 година, на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Петровски бил дел од штабот на Марјан Ѓорчев, кој бил кандидат за претседател на партијата. Потоа, тој му се придружил на Никола Груевски и станал секретар на партиската комисија за надворешна политика.

Во 2009 Петровски се приклучува на партијата Обединети за Македонија (ОМ), каде ја извршува функцијата потпретседател на партијата. Во 2010 поднесува оставка поради несогласувања со партискиот претседател Љубе Бошковски заради сомнителните извори на финансирање. Потоа на изборите во 2011 година настапува со новоформираната од негова страна Демократска десница (ДД). Подоцна после сеопфатни преговори партијата се враќа целосно во ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај политичката кариера, Петровски извршувал и повеќе јавни функции. Така, во 2005 година, е избран за директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, на чие раководно место ќе остане се до 2011 година. Во 2012 година е избран за заменик -директор на Државната лотарија на Република Македонија и заменик претседател на Управен одбор на ДЛ, каде останал до 2015 година, кога е назначен од страна на Владата на РМ за директор на Државниот архив на Република Македонија.

Поради своите ставови и политички гледишта, Петровски бил следен од македонската тајна полиција и за него било отворено политичко досие со шифрата „Марта“, при што тој бил опишан како опасен за уставниот поредок на Република Македонија во периодот 1997-1998 година, се до влезот како пратеник во Собранието на РМ. Целото досие е објавено во дневниот весник „Македонија денес“, во девет продолженија, во 2000 година.

Досието на Петровски, како и на десетици други политички неистомисленици на комунистичкиот режим, во 2016 е објавено и од страна на ДАРМ во едицијата „Црни страници на УДБА“, која има 9 тома во 16 книги.

Filip Petrovski
Филип Петровски за време на интервју…

Творештво

Книги:

За нас“, Македонска книга, Скопје, 2002. Книгата содржи негови политички ставови, говори во Собранието на РМ, како и интервјуа поврзани со македонско национално прашање од периодот 1997-2001.

Уште еднаш за нас“, Панили, Скопје, 2006. Книгата содржи колумни објавувани во „Завет“, „Фокус“ и „Дневник“, во периодите 1995-1997 и 2001-2005.

Анти-блог за Филип Петровски“, Аквариус пет, 2008. Книгата содржи објави и коментари објавувани на интернет и во „Утрински весник“, во периодот 2007-2008 година.

Мислења“ за периодот 2007-2008 се објавени и од издавачот Матица во 2009 година. Инаку ова е четвртата книга на Петровски.

Во 2009 година е преведен на Бугарски јазик, при што е направен избор од првите две книги, хроники. Преведувачот ќе каже дека се изненадил додека преведувал од информативната вредност на хрониките и дека истите топло ги препорачува за тамошната јавност. Книгата објавена во Бугарија го носи насловото „За нас“.

Колумни:

Првиот текст, колумна односно писмо е објавен во далечната 1995 година во опозицискиот неделник „Дело“. Потоа Петровски до 2000 објавува и во Дневник, и Фокус. Тоа се почетоците на пишувањето и дел од овие колумни и мислења се сублимирани во првата книга „За нас“.

Вториот период е од времето на опозициските години на ВМРО-ДПМНЕ (2003-2005)  се колумни објавувани во „Дневник“ и „Вечер“. Истите се сублимирани и објавени во втората книга „Уште еднаш за нас“.

Додека третиот период е од 2007 до 2011 година и може да се нарече „опозициски период“ поради опонирањето на политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Во овој период Петровски пишува за „Утрински весник“ и „Дневник“. Вкупниот број на објавени колумни ја надминува бројката 300.

Filip Petrovski
Филип Петровски

***

Следете ме на овие социјални мрежи