Скопје, 18 април (МИА) – Издавачката куќа „Ѓурѓа“ во рамки на одбележувањето на 20 годишниот јубилеј, ги отстапи своите авторски права од  едицијата со монографии од македонските сликари на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ со цел книгите да се дигитализираат и да се објават на интернет.

– Тоа се 24 мали книги на издавачката куќа „Ѓурѓа“ и библиотеката е во процес на нивна изработка. Дисковите ќе бидат збогатени со содржини и од „Вардар филм“ и од Кинотеката на Македонија. Прва дигитализирана книга од едицијата на „Ѓурѓа“ е за сликарот Лазар Личеноски. Освен тоа што книгата е скенирана, на дискот ќе има и видео-материјал. Дел од овие содржини ќе бидат достапни и на интернет, изјави директорот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ Филип Петровски.

Тој истакна дека Библиотека пред извесен период почна со дигитализирање на книжниот фонд што е достапен за читателската публика и досега се изработени две едиции со 22 книги, заведени под име „Македонско богатство“, а третата едиција е Зборникот на Миладиновци.

– Намерата на библиотеката е да се дигитализира македонското книжевно богатство, а во исто време и да се заштити, да стане подостапно за читателите и да го ставиме на интернет-страницата со цел да се надминат границите на Македонија. Секој што ќе ја посети интернет-страницата HYPERLINK “http://www.gbibisk.edu.mkна”www.gbibisk.edu.mk ќе може книгите да ги подигне без проблем и бесплатно. Тоа е со цел да се популаризира македонското книжевно наследство, да стане достапно и да се заштити. Интернет-страницата  официјално е рекламирана во дијаспората  преку македонското Министерство за надворешни работи и преку сателитската програма на МТВ, истакна Петровски.

Тој наведе дека целта на дигитализирањето на македонскиот книжен фонд е поттикнато поради што Македонците во странство немаат можност да дојдат до изворни книги на македонски јазик, посебно до книгите издадени од периодот 1945 – 1950 годинa.

Библиотеката почна и трета едиција под наслов „Македонски великани“ при што ќе се издаваат илустрирани биографии, со малку текст, а повеќе цртежи со цел да биде подостапни за помладите читатели. Со трите едиции до крај на годинава ќе имаме од 80 до 100 дигитализирани наслови кои бесплатно ќе бидат достапни до читателите во Македонија и во странство, Засега, интернет-старницата дневно ја посетуваат околу сто читатели од странство, нагласи Петровски.

Тој потенцира дека до крајот на годинава и во соработка со другите издавачки куќи ќе бидат дигитализирани над 100 наслови и ставени на интернет-страницата на Библиотеката.

Leave a Reply

Your email address will not be published.