ФПФилип Петровски

Ги прочитав сите записници на тајните служби од 1990 година. Секое собрание на кое се формираше комитет на ВМРО-ДПМНЕ има свој запис. Само за формирањето на општинскиот комитет во Битола постојат десет страници. Точно се знае кој зборувал, што рекол и кој седел во салата.

Тоа значи едно: на секој собир имало оперативци. Партијата што требаше да ја урне старата власт се раѓаше пред очите на службата што таа власт ја чуваше.

Комитетите тогаш се формираа брзо, со луѓе што се запознаваа на лице место, во салата. Тоа беше нивната сила и нивната слабост. Немаше време некој да провери кој е кој. Првиот и вториот извршен комитет се составуваа од луѓе што ги гледаш за прв пат.

Зошто службата не ја запре партијата?

Одговор немам ни денес. Моето мислење е дека УДБА проценувала дека партијата е под доволна контрола. Ако знаеш што се зборува на секое собрание, нема потреба да го забраниш. Парадоксално, можеби токму тоа ја заштити партијата во првите години.

Контролата не беше само во записниците. Во Штип, на почетокот на деведесеттите, во полна сала, водителот на собирот требаше само да го најави следниот говорник. Човекот што подоцна Киро Глигоров го постави на чело на комисијата за границата со Србија и го испрати за амбасадор го зеде микрофонот и рече: ние сме ВМРО, ама југословенско ВМРО, не ова за кое зборуваат овие. Такви удари имаше куп.

Каде се 120.000 досиеја?

Втората приказна е за досиејата. Во шеесеттите години Сојузот на комунистите на Македонија формира комисија за ревизија на работата на тајната служба. Комисијата ја сочинуваат видни партиски дејци и составува извештај. Тој извештај го најдов и го објавив.

Во него стои бројка: 135.000 досиеја. Македонија тогаш имала околу милион и пол жители. Значи, секој десетти човек имал досие.

Денес во Државниот архив се чуваат околу 15.000. Прашањето е едноставно: каде се другите 120.000?

Дел се уништени уште во шеесеттите. Голем дел исчезнале на крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите, кога е направено големо чистење под последниот министер за внатрешни работи на Социјалистичка Република Македонија, Јован Трпеновски. Потврда за тоа нема. Ги нема досиејата, ја нема ни бројката.

Кога на крајот на деведесеттите во Собранието го донесовме законот за отворање на политичките досиеја, дознавме дека досиеја навистина постојат. Меѓу другите, и за мене. Законот даде една година за увид. Кој видел, видел. Потоа граѓата требаше да се предаде на Државниот архив.

Службата тогаш го извести Собранието дека чува 19.500 досиеја. Во Архивот се предадени околу 15.000. Разликата е 4.000 досиеја. И тоа е последната проверка, од пред дваесетина години.

Досиејата се чистени, и тоа не еднаш. Затоа секоја расправа што почнува со „за него нема ништо во досиејата“ е расправа со она што некој веќе го отстранил. Отсуството на досие не е доказ за невиност. Најчесто е доказ дека некој стигнал прв.

Текстот е изработен според видеото на мојот YouTube канал.

Следи нè на GoogleДодај го filippetrovski.mk како омилен извор и моите текстови ќе ти се прикажуваат први во вестите на Google.