Во декември 2015 година, како директор на Државниот архив на Република Македонија, работев во Шведскиот државен архив (Riksarkivet) во Стокхолм, каде што истражувавме документи поврзани со Македонија. Не пречека шведскиот државен архивар (riksarkivarie) Бјорн Јордел (Björn Jordell), кој ја водеше институцијата. Материјалите ги прегледувавме во депото, меѓу ормарите со ознака „Sveriges krig“ (Војните на Шведска).

Меѓу документите што ги отворивме беше и германската карта „Die Balkanländer“ (Балканските земји), издание на Carl Flemming Verlag од Берлин, како и папки со ракописна ознака „Bulgarien“.


Меѓу материјалите беше и австриска карта во размер 1:750.000, издание на дворската и универзитетска книжарница R. Lechner од Виена, на која се Македонија со Охридското и Преспанското Езеро, Солун и Егејското Море. Посебно интересни беа извештаите на шведска воена комисија испратена да прави воени студии во Грција и Бугарија. Во нив има и фотографии од Балканските војни: цар Фердинанд со принцовите Борис и Кирил и со главниот штаб во Одрин, полска батерија и бугарска хаубичка батерија од 10,5 cm кај Одрин.



Копиите од документите ги донесовме во Државниот архив на Република Македонија.