ФПФилип Петровски

НОВОТО ПРАВИЛО НА ВЛАСТА: АКО АПЛАУДИРАШ – НАРОД СИ. АКО КРИТИКУВАШ – АГЕНТ СИ.

Инцидентот во Ташмаруништа совршено ја разоткри владејачката ароганција. Еден граѓанин му дофрлил нешто непријатно на премиерот. И наместо власта да го прифати тоа како нормална појава во едно демократско општество, веднаш почна операцијата за политичко „расчовечување“ на критичарот. Прво бил пијан. Потоа бил провокатор. На крајот, за комплетирање на приказната, била објавена и неговата бугарска лична карта. Уште само недостигаше да соопштат дека зад грмушките го чекал странски разузнавач со куфер полн евра.

Според логиката на ДПМНЕ, граѓаните што го поздравуваат Мицкоски се „народот“. Оној што ќе му каже нешто што не му се допаѓа – веднаш станува сомнителен елемент, платеник или продолжена рака на некаков странски центар. Толку од демократијата. Оваа власт очигледно сака граѓани што аплаудираат, климаат со главата и молчат. Не поднесува прашање, критика, дофрлање, протест, па дури ни незадоволна гримаса. Во нивната владејачка фантазија премиерот треба да се движи меѓу народот како недопирлив владетел, опкружен со внимателно одбрана сценографија и задолжителен аплауз.

Но власта не е верска догма, а премиерот не е света личност. Граѓаните имаат право да бидат незадоволни и тоа да го кажат. Може да бидат пристојни или непристојни, оправдани или неоправдани – но нивната националност, документите што ги поседуваат или партиската припадност не ја укинуваат слободата да ја критикуваат власта.

Најопасното во целиот случај е обидот секоја критика да се претстави како заговор против државата. Тоа е старата болест на арогантните режими: кога веќе не можат да одговорат на незадоволството, го прогласуваат незадоволниот за непријател.

Ако еден човек со неколку дофрлени зборови може толку да ја вознемири власта, тогаш проблемот очигледно не е во човекот. Проблемот е во власта што веќе не трпи никој ништо да ѝ каже.

И колку е поголема ароганцијата, толку е помал прагoт на толеранција. Денес легитимираат човек што дофрлил. Утре можеби ќе бараат лична карта и од оној што не аплаудирал доволно силно.

Првпат објавено на Facebook, 4.8.2026.

Следи нè на GoogleДодај го filippetrovski.mk како омилен извор и моите текстови ќе ти се прикажуваат први во вестите на Google.