Срам, беда и апсолутно институционално дно. Македониумот, вечното почивалиште на претседателот на Крушевската република Никола Карев и врховниот симбол на македонската борба за слобода, е сведен на евтина сценографија за кич и вулгарност. Веста дека овој споменик од највисок национален пиетет бил изнајмен за 500 евра за снимање рап спот со наслов „Секси мама“ не е само шлаканица за секој чесен граѓанин, туку брутален доказ за тоталната морална капитулација и распад на системот.
Македониумот не е дискотека, не е студио за изнајмување и не е бина за инфлуенсери и трендови, туку темел на нашата државнотворност натопен со крвта на илинденците, кој сега некој без трошка совест решил да го распродава по багателна тарифа.
Ова понижување не падна од небо, туку има конкретен потпис, печат, име и презиме. Затоа јас лично барам, веднаш и без одложување, јавно да се објави кој директор, кој службеник во Управата за заштита на културното наследство или кој партиски функционер во Министерството за култура ставил параф на овој срам и дозволил гробот на Карев да стане циркуски декор за петстотини евра.
Не ме интересираат бирократски соопштенија, ниту префрлањето на топката од една на друга институција. Барам итна одговорност, неоповикливи оставки и кривичен прогон за сите инволвирани, затоа што оној народ што ќе дозволи за ситни пари да му се гази врз сопствената историска меморија и врз коските на сопствените великани, не може да очекува почит од никого на овој свет.
Првпат објавено на Facebook, 29.9.2026.