Јас се декларирам како десничар и затоа ќе зборувам за постулатите, а не за карикатурите. Ако ја погледнете поставеноста на десницата и јавните настапи на Реган и на Тачер, тоа е солидна, речиси идеална основа како треба да се уреди едно општество.
Начелата се јасни. Даноците треба да се намалуваат. Државниот апарат треба да се намалува. Капиталот треба да дејствува слободно. А поединецот има право сам да ја освои својата среќа, бидејќи неговата добросостојба на крајот води кон напредок на целото општество.
Што донесоа Реган и Тачер
Може да се дискутира за поединечни политики, за затворени рудници и фабрики. Но за мене најбитното е друго. Тие го урнаа Советскиот сојуз и ја ослободија Источна Европа. Европа се демократизираше, а континентот што беше насилно поделен со железната завеса се обедини.
Концепцијата за слободен пазар, за симнување на границите, за обединување на државите на континентот, не беше концепција за големиот капитал. Тачер зборуваше баш за поединецот.
Каде не е левицата
Мислам дека капитализмот и начинот на кој десницата го практикуваше, барем до деведесеттите, а може и до денес, го спаси човештвото. Тоа е најразвиениот и најприфатливиот модел за напредок на цивилизацијата.
Левите сили, особено комунистичките партии, не се демократски. Системите што ги градеа беа тоталитарни. Немаше слобода на поединецот, немаше ни слобода на капиталот. Тоа го знаеме од нашето искуство, а не од книги.
Вистинската проверка е едноставна. Денес, кога ќе си отидете дома, живеете во подобри услови отколку што живееле монарсите пред двесте години.
Текстот е изработен според видеото на мојот YouTube канал.