Пред речиси триесет години, на 22 февруари 1997, „Дневник“ го објави ова интервју со мене во рубриката „Форум“, на 12. страница. Разговорот го водеше Бранко Героски. Имав 24 години, бев апсолвент на Филозофскиот факултет во Скопје и неформален водач на студентските протести против Законот за Педагошкиот факултет, со кој се воведуваше настава на албански јазик. Насловот го зедоа од мој одговор: „Ни залепија етикета дека сме против Албанците“.

Што зборував тогаш
Во интервјуто не се согласив дека сум многу популарен. Реков дека медиумите ме претставуваат во негативна светлина и дека некои сакаат да ме поврзат со политичка партија, за да ги дискредитираат протестите и сите што учествуваат во нив.
Членството во ВМРО-ДПМНЕ не го криев. Уставот ми го гарантираше правото на политичко определување и јас тоа право го користев. Но протестите не ги организираше партијата, а студентите не смеат да бидат студенти од втор ред само затоа што имаат политички став.
За самиот закон реков дека сум длабоко уверен оти Уставниот суд ќе утврди дека е неуставен. Како студент го прочитав Уставот, особено членот 48, и сметав дека имам право да го читам и да кажам што мислам за него. Се оградив и од инцидентите на протестите: досега не сум забележал да се фрлаат камења, а се трудиме да ги елиминираме и јајцата.
Предупредив и дека паралелен систем на образование не води кон интеграција, туку кон подвојување на општеството.
Интервјуто го објавувам онака како што излезе во весникот, без измени, како документ од времето.