ФПФилип Петровски

Кавгата во СДСМ веќе не личи на расправија за иднината на партијата. Личи на расправија околу тоа кој ќе го наследи нејзиниот пораз.

Едните бараат промена на раководството и најавуваат „вистински опозициски фронт“. Другите во нив гледаат фракција и обид за пуч. Во таква атмосфера секој зборува за спас на партијата, а речиси никој за причините поради кои таа ја изгуби довербата. Како да е доволно да се смени човекот на врвот, па граѓаните да го заборават она што се случувало со државата. Партиите не пропаѓаат во денот кога ќе се скараат нивните функционери. Тоа е само денот кога внатрешната пукнатина станува видлива. Вистинското распаѓање почнува многу порано: кога политиката ќе ја изгуби мерката за тоа што смее да бара од народот, а потоа ќе очекува народот да ѝ биде благодарен.

Македонската држава го смени знамето во 1995 година. Во 2001 година помина низ вооружен конфликт, а мирот што следуваше ја постави земјата пред тешки прашања за безбедноста, меѓуетничките односи и уставниот поредок. Со Преспанскиот договор беше променето и уставното име и Преабулата. Овие настани се различни по време, околности и политичка одговорност, но имаат ист НЗС. Во политичката меморија на граѓаните тие не се ситни фусноти што може да се прескокнат со ново партиско лого и нов претседател. За секоја од тие одлуки имаше образложение. За некои се говореше дека носат мир, за други дека отвораат пат кон меѓународно признавање или европска иднина. Политиката има право да ги брани своите одлуки. Граѓанинот има исто толку право да праша каква цена платил и што навистина добил.

Токму тука е историскиот проблем на СДСМ. Предолго се однесуваше како секој приговор за националните прашања да е нешто што треба да се надмине со уште едно објаснување. Но националното достоинство не исчезнува затоа што некој го прогласил за пречка на патот кон иднината. А социјалната правда, ако партијата сè уште сака да се нарекува левица, не може да живее само во говорите додека луѓето заминуваат, платите не стигнуваат, а партиските елити расправаат за сопствените позиции.

Затоа и денешната кавга звучи толку празно. Јавноста слуша кој бил виновен за изборниот пораз, кој е „фракција“, а кој прави „пуч“. Не слуша убедлив одговор на потешкото прашање: што научивте од годините во кои носевте одлуки во наше име? Не мислам дека една политичка идеја може да пропадне засекогаш. Но партија што постојано бара нова доверба без да ја испита старата одговорност може да стане само сопствен споменик. Таа ќе има органи, прес-конференции и претенденти за лидерство. Ќе има сè, освен причина граѓаните повторно да ѝ веруваат.

Првпат објавено на Facebook, 26.9.2026.

Следи нè на GoogleДодај го filippetrovski.mk како омилен извор и моите текстови ќе ти се прикажуваат први во вестите на Google.