Најавувам нова книга. Веќе сум во завршна фаза со една посериозна студија, низ лична перспектива, за студентските протести од 1997 година.
Книгата ја следи целата нишка. Протестите. Злоупотребата на полицијата и на тајните служби. Водењето политички досиеја. Законот што го донесовме и со кој ги отворивме досиејата. И моментот кога, речиси дваесет години подоцна, во 2016 година, ја објавив едицијата „Црните страници на УДБА“.
Со ова се занимавам триесетина години. Сега сите материјали ги собрав на едно место. Книгата ќе има преку триста фусноти.
Заглавени, но дел од Европа
Ме прашуваат дали европскиот сон е уште жив за Балканот. Ние сме дефинитивно заглавени. Црна Гора сега добива порака да ги реши билатералните прашања со Хрватска ако сака да влезе до 2028. Хрватска имаше исто такви прашања со Словенија и ги реши со арбитража, со обврска однапред дека ќе ја почитува. Тоа се држави од некогашниот австроунгарски свет и работите знаат да ги решат пофино.
Кај нас ќе биде потешко. Ние сме заглавени во некаква пострумелиска фаза, во доцниот период на распаѓањето на Отоманската империја. Тие цивилизациски норми не можеме да ги надминеме и тоа се гледа во секојдневниот живот.
Но секој од нас има право да се чувствува Европеец. Вредностите ни припаѓаат. Ние сме дел од Европа и континентално, и културно, и историски. Ако сакате, и почеток на Европа, бидејќи античкиот свет не е Грција, туку култура на Егејот во која е и неподелена Македонија.
Текстот е изработен според видеото на мојот YouTube канал.