ФПФилип Петровски

Јас сум растен во кумановскиот театар. Татко ми работеше во бифето на театарот, меѓу актерите, и уште како дете ги знаев сите. Куманово тогаш имаше џез фестивал, театар, културна сцена. Тоа беше град.

Парадоксално е, но во социјализмот и во првата деценија на слободна Македонија тоа беше многу поизразено. Луѓето што беа видливи имаа поголем габарит. Денес живееме во отворен заговор на медиокритети. Нашите деца не можеме ни да ги убедиме како живеевме и што значеше култура за нас.

Селебрити наместо култура

Пред дваесетина години напишав две колумни за Цеца. Денес би го употребил терминот селанизација на Македонија и на Балканот. Ништо од тоа не дошло само по себе. Тоа се добро смислени проекти.

Пејачката доаѓа, зема знаме, го пали, зема сто илјади евра и си заминува. И тоа го повторува по пет пати во годината, денес во Велес, утре во Прилеп, задутре во Струмица. Не се криви граѓаните на Велес. Ја викнала општината. Затоа треба да се праша кој плаќа.

Од Македонија досега се извлечени десетици милиони евра, а за возврат добивме кич и простаклук. Кога ќе ја спуштиш фреквенцијата, кога ќе ги навикнеш луѓето да примаат информации на тоа ниво, полесно ги контролираш и за други проекти. Пуштете „Заветна“ по таков концерт и истата публика ќе падне во несвест. Пуштете нешто бугарско и веднаш е проблем.

Што може да се направи

Овој проект на спуштање на моќта на расудување е прилично успешен. Затоа одговорот не е лут коментар на социјалните мрежи, туку организиран општествен отпор. Култура се враќа со театар, со фестивал, со книга, со јавни пари потрошени на нешто што ќе остане.

Куманово знаеше како се живее со култура. Само треба да се потсети.

Текстот е изработен според видеото на мојот YouTube канал.