ФПФилип Петровски

Како и за многу други работи, и за сопствените производствени капацитети ни текнува доцна. Предоцна за да бидеме подготвени кога ќе дојде кризата. Разговорите за можно рестартирање на ОКТА повторно го отвораат суштинското прашање: колку сме способни да ги обезбедиме основните потреби на државата кога меѓународните пазари ќе се нарушат?

Македонија мора да се сврти кон капацитетите на сопствена територија: производство на енергија и храна, преработувачка индустрија, функционална инфраструктура и стратешки резерви. Потребни се инвестиции, стручен кадар и план што ќе важи подолго од еден владин мандат. За ОКТА треба сериозна техничка, економска и еколошка процена, со јасни рокови и одговорност. Истиот пристап ни е потребен во секој сектор од кој зависи секојдневниот живот на граѓаните.

Целосна самодоволност е тешко остварлива. Но поголема отпорност е можна и мора да биде државен приоритет. Секој домашен капацитет што може одржливо да работи ни дава поголема сигурност и простор за одлучување во услови на војни, блокади и прекинати синџири на снабдување.

Цената на зависноста на крајот ја плаќаат граѓаните. Преку поскапа храна, поскапо гориво и понесигурен живот. Државата се подготвува додека има време. Кога кризата ќе тропне на врата, веќе ја плаќаме цената на пропуштеното.

Првпат објавено на Facebook, 16.10.2026.

Следи нè на GoogleДодај го filippetrovski.mk како омилен извор и моите текстови ќе ти се прикажуваат први во вестите на Google.