НИЕДЕН ПОЕДИНЕЦ НЕ Е ПОВАЖЕН ОД ЗАКОНОТ
Законите не се пишуваат за да му го расчистат патот на однапред избран поединец. Тие постојат за да воспостават еднакви правила, објективни критериуми и заштита од самоволието на власта.
Кога некој не ги исполнува условите за определена функција, демократскиот одговор е едноставен: треба да биде избран оној што ги исполнува. Менувањето на правилата според мерката на конкретен кандидат не е реформа, туку понижување на правото и девалвација на институциите.
Секој човек треба да се издигнува во системот со своето знаење, искуство, способност и личен интегритет. Не со партиска послушност. Не со политичка заштита. И најмалку со закон приспособен на неговата биографија. Државата напредува кога поединците се трудат да ги достигнат нејзините стандарди. Таа пропаѓа кога стандардите се спуштаат за да ги достигнат поединците.
Ниеден партиски интерес и ниедна политичка кариера не се вредни заради нив да се обезвредни законот. Зашто во моментот кога законот ќе стане привилегија за едни, тој престанува да биде правда за сите.
Првпат објавено на Facebook, 4.9.2026.