Српските студенти ја кренаа државата на нозе, а албанските направија земјотрес.Македонските? Се крстат во автобус кога ќе видат црква.
Во таа една слика е собрана целата наша дијагноза. Младина сведена на билдање мускули во теретана, омраза кон сѐ што е поразлично и тивка покорност пред секоја неправда. Наместо бунт – празно суеверие. Наместо кичма – наведната глава.
Ни ја продадоа приказната дека „можеме сѐ по мирен начин“. Не, тоа не е мир. Тоа е дресура. Тоа е алиби за кукавичлук со кое ве убедија дека молкот е мудрост, а трпението доблест. Затоа денес нѐ гази и нѐ заебава кој ќе стигне.
Иднина не се чека во расипан автобус на ЈСП со прекрстени раце, надевајќи се дека некој од горе ќе ја поправи државата што сами сме ја пуштиле низ вода. Слободата и достоинството никогаш не се добивале со молитва и молчење, туку со глас, со отпор и со заземање став.
Општество во кое најмладите и најсилните избираат да бидат неми статисти наместо двигатели не стагнира, тоа веќе умира. Народ чија младина се плаши од сопствената сенка не губи само држава. Губи право на иднина.
Првпат објавено на Facebook, 18.10.2026.