Порше под задникот, а депонија во главата.
Слика и прилика за нашата нова „елита“: застанува со луксузен џип среде бел ден на мост, елегантно ја отвора вратата и го истовара сопственото ѓубре директно во Лепенец.
Ова не е само прекршок, ова е дијагноза. Демонстрација на класичен малограѓански примитивизам каде што парите можат да купат германски коњски сили, но не можат да купат ни грам домашно воспитување, елементарна свест или срам.
Парадоксот на нашето општество собран во една сцена: надвор сјај, скапи брендови и лажен гламур, внатре тешка мизерија и духовен отпад. Таквите утре први ќе ви солат памет за Европа, ќе се жалат на смрдеата во градот и ќе бараат ред, додека самите го третираат сопствениот град како септичка јама.
Овде не помагаат апели за совест – одамна ја нема. Овде треба драконска казна, одземање на возилото за загрозување на животната средина и општокорисна работа: да ѝ се даде елек, ракавици и вреќа, па да го чисти коритото на Лепенец метар по метар, секој викенд, додека не разбере дека реката не ѝ е приватна депонија.
Првпат објавено на Facebook, 17.9.2026.