ФПФилип Петровски

Седам, читам и не можам да верувам на сопствените очи. Вест за Гостивар во третата деценија од 21 век: „Ќе има бактериолошки исправна вода“.

И искрено, веќе не знам дали ова е за плачење или за смеење. Додека светот зборува за вештачка интелигенција, летање во вселената и квантни компјутери, ние во Гостивар сè уште сонуваме за основно цивилизациско право — чиста вода за пиење од сопствената чешма.

Оваа изјава воопшто не е вест за пофалба, туку е директно признание за децениски дебакл, за неспособност и системски згаснат срам. Базичните биолошки потреби за преживување тука ни се сервираат како некаков си иден капиталистички луксуз или спектакуларно политичко остварување. Жалосно е што гостиварци со години се принудени да теглат балони од продавници, да ги празнат домашните буџети или да ризикуваат здравје на сопствените деца секогаш кога ќе ја пуштат чешмата.

Не ни требаат патетични соопштенија за тоа што некогаш „ќе сме имале“. Сакаме одговорност за тоа што сега немаме. Во 21 век, бактериолошки исправната вода не смее да биде ветување за во иднина — таа е минимум стандард кој мора да биде реалност уште вчера. И не само во Гостивар.

Првпат објавено на Facebook, 1.8.2026.

Следи нè на GoogleДодај го filippetrovski.mk како омилен извор и моите текстови ќе ти се прикажуваат први во вестите на Google.