ФПФилип Петровски

Турбофолкот во Македонија никогаш не беше прашање на музички вкус или обично кафанско ѓубре што случајно ни се лизна преку граница. Тој беше и остана увезен, перфидно инсталиран проект за тивка лоботомија – совршена алатка за контрола на масата и систематско убивање на секоја критичка мисла и културен музички/уметнички вкус.

Додека овде се крчмеше државата, се распарчуваше општественото ткиво и тоневме во беспарица, на народот му беше сервирана евтина анестезија. Македонија доброволно се претвори во најобична провинциска тезга за српските и босанските естрадни ѕвезди. Истите оние што во деведесеттите переа крвави военопрофитерски пари и им пееја на локалните криминалци, кај нас беа дочекувани како божества. Салите полни, хонорарите кеш во џеб, а за возврат – колективно заглупување. Кога умот на еден народ од сабајле до мрак е затрупан со естрадни војни, силикони, туѓи скандали и евтина патетика, кој ќе ти мисли за инфлација, за украдената иднина или за институциите што се распаѓаат?

Но, најтрагично е што процесот не застана таму. Како што минуваа годините, проектот само си ја смени кожата. Денешниот треп и комерцијален рап не се никаква алтернатива, туку природен „next stage“ – надградена, уште повирулентна фаза на истиот тој турбофолк. Истата матрица, спакувана во поинаков ритам.

Ако порано бахатоста и криминалот се славеа со хармоника и шаторски патос, сега се рецитираат преку аутотјун. Пораката е потполно идентична: вулгарноста стана доблест, дрогата и лесното криминално богатење се врвен животен сон, жената е сведена на потрошен декор, а агресијата на улица – мерка за машкост. Истиот оној простаклак што порано се продаваше како „кафанска душа“, сега им се сервира на тинејџерите како „урбан лајфстајл“. Суштината не е променета ни за милиметар: брзи пари без труд, исмевање на секој што чесно учи и работи, и претворање на општеството во евтин циркус.

И тука е вистинската победа на оваа машинерија. Публиката повеќе нема потреба да чека гостинска тезга од Белград или сараевски рапер во локалната дискотека за да биде дел од шоуто – самите луѓе станаа естрада. Матрицата се пресели по училиштата, низ кафеаните, по сообраќајните гужви и социјалните мрежи. Секојдневието ни стана полигон за мерење его и силење, а на секоја неправда и секојдневна агресија се креваат раменици со она летаргично, отровно: „Па каде живееш ти?“

Кога на еден народ со децении ќе му го труеш вкусот и ќе му го отупиш умот – прво со турбофолк, а потоа со вулгарен рап – добиваш апатична толпа со која се управува без никаков отпор. Тоа никогаш не беше само забава; тоа беше и остана совршено испланирана капитулација на нашиот здрав разум.

Првпат објавено на Facebook, 18.9.2026.

Следи нè на GoogleДодај го filippetrovski.mk како омилен извор и моите текстови ќе ти се прикажуваат први во вестите на Google.