ФПФилип Петровски

По долгогодишното системско уништување на домашното производство, стигнавме до фаза каде купувањето на основните прехранбени продукти стана руски рулет за сопственото здравје.

Откако неквалитетното млеко со палмино масло и млекото во прав ја вознемирија јавноста, Агенцијата за храна и ветеринарство сега излегува со уште позагрижувачки податоци – кај сувомесните производи отстапувањата од квалитетот биле уште покатастрофални.

Ова не е едноставно прашање за „лажни декларации“ – ова е прашање на организирано профитерство на сметка на здравјето на граѓаните. Со години сведочиме на рапиден увоз на палмино масло и сомнителни суровини, додека инспекциските служби реагираат пост-фестум, дури откако алармот во јавноста ќе стане неиздржлив. Во држава каде цените на храната уриваат рекорди, граѓаните за своите пари добиваат хемиски сурогати и нутритивен отров.

Барањето одговорност не смее да заврши само со симболични парични казни или јавно објавување на имињата на прекршителите. Кога некој свесно пласира фалсификувана храна на пазарот, тоа е кривично дело против здравјето на луѓето. Потребна е итна, темелна институционална чистка и драстични казни и за производителите кои ги лажат потрошувачите, но и за сите инспектори кои со години „мижеле“ пред овие девијации.

Време е за одговорност – правна, професионална и морална. Граѓаните заслужуваат да знаат со што точно се хранат нивните семејства и кој го дозволил овој децениски криминал со храна!

#ЈавноЗдравје #ИнституционаленКолапс #АХВ #ОдговорностВеднаш

Првпат објавено на Facebook, 4.6.2026.

Следи нè на GoogleДодај го filippetrovski.mk како омилен извор и моите текстови ќе ти се прикажуваат први во вестите на Google.