ГЛУПОСТА НЕ Е НЕДОСТИГ НА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА. ТАА Е ОТКАЖУВАЊЕ ОД СОПСТВЕНАТА МИСЛА.
Дитрих Бонхефер предупредувал дека глупоста може да биде поопасен непријател на доброто од злобата. Злобниот човек има намера и интерес. Може да се препознае, да се разобличи и да му се спротивставиме. Глупоста, пак, најчесто настапува уверена дека е во право.
Карло Чипола ја определува глупавата постапка како онаа што им нанесува штета на другите, без да му донесе корист дури ни на оној што ја презема. Значи, губат сите. Токму затоа глупоста не зависи од образованието, богатството, функцијата или општествениот статус. Дипломата не е доказ за разум, исто како што високата положба не е гаранција за мудрост.
Најопасната глупост не се раѓа во осаменост. Таа расте во масата. Се храни со пароли, слепа послушност, пропаганда и страв од самостојно размислување. Кога човекот ќе ја предаде сопствената совест на партијата, водачот, групата или авторитетот, тој престанува да биде граѓанин и станува алатка. Тогаш фактите повеќе не помагаат. Логиката се доживува како напад. Секое прашање се прогласува за предавство, а послушноста — за доблест.
Општествата не пропаѓаат само поради малкутемина злобни. Пропаѓаат и поради многутемина што престанале да мислат, а продолжиле ревносно да извршуваат. Затоа вистинското образование не е собирање дипломи, туку создавање слободен ум. Не е способност да се повторува наученото, туку храброст да се постави прашање кога сите молчат.
Злобата има план. Глупоста нема граници. А кога глупоста ќе добие моќ, штетата станува државна политика.
Првпат објавено на Facebook, 21.9.2026.