Во интервју по повод 35 години од словенечката независност, Милан Кучан повикува на надминување на поделбите и на искрен разговор за историските прашања, вклучително и за партизанското движење, колаборацијата и наследството од Втората светска војна. Неговата порака е едноставна: нема помирување без вистина.
Токму тука Македонија има сериозно недовршена задача.
Повеќе од три децении по независноста, сè уште не е завршен процесот на целосно отворање и научно истражување на архивите на поранешните тајни служби. Наместо целосно соочување со минатото, добивме селективни толкувања, политички пресметки и премолчување на многу чувствителни теми.
Пред години објавив 30 тома под наслов „Црните страници на УДБА“ – обемен документарен материјал посветен на механизмите на следење, прогон, репресија и политичка контрола во поранешниот систем. Тоа не беше политички проект, туку обид да се зачуваат историски извори и да се отвори простор за сериозна научна дебата.
За жал, денес тие изданија тешко можат да се најдат. Некои тврдат дека речиси се ставени под клуч. Прашањето што природно се наметнува е: дали тоа е случајност или нечиј свесен избор?
Во меѓувреме, Европската Унија со години инсистира земјите од поранешниот комунистички блок да обезбедат поголема достапност на архивите на репресивните структури, токму затоа што демократската култура не може да се гради врз затворени досиеја и недостапни документи.
Не барам лов на вештерки. Не барам реваншизам. Барам историска вистина. Барам документите да зборуваат. Барам историчарите, истражувачите и јавноста да имаат пристап до материјалите што ја обликувале нашата современа историја.
Силните држави не се плашат од архивите. Тие ги отвораат.
Само општества што имаат храброст да ја погледнат вистината во очи можат да изградат вистинско национално помирување и сигурна иднина.
Зашто вистината може да биде непријатна, но нејзиното криење секогаш е многу поопасно.
Првпат објавено на Facebook, 22.6.2026.