Нели е и давање поткуп кривично дело?
Во каква држава живееме?
Пред неколку дена јавноста беше сведок на спектакуларни апсења и притвори поврзани со сомнежи за местење тендери во Царинската управа. Меѓу приведените се најде и поранешен висок функционер. Според обвинителството, станува збор за сериозни сомнежи кои заслужија дури и мерка притвор. Ок штом така. Нема спорно. Или има?
Но уште пошокантно од самите апсења е фактот што фирмата која се наоѓа во центарот на скандалот продолжила да добива државни тендери и оваа година, а според медиумските извештаи и по промената на власта. Ако е така, тогаш проблемот очигледно не е во една партија, една влада или еден директор.
Проблемот е системот.
Години наназад слушаме како „ќе се расчистува криминалот“, како „ќе има одговорност“, како „институциите работат“. А на крај излегува дека тендерите си продолжуваат, фирмите си работат, парите си течат, а граѓаните добиваат уште една прес-конференција и уште едно ветување.
Излегува дека кај нас единствено што се менува по избори се партиските знамиња на прес-конференциите. Системот останува ист.
Ако фирма поврзана со предмет за кој луѓе завршуваат во притвор и понатаму добива државни договори, тогаш не станува збор за борба против корупција. Станува збор за држава која не знае што прави со левата рака додека десната дели јавни пари.
Македонија е веројатно единствената земја каде што една институција апси поради сомнежи за злоупотреби, а друга институција во исто време потпишува нови договори со истите структури.
И после некој ќе се навреди кога граѓаните ќе кажат дека државата не е функционална.
Не. Државата функционира совршено.
Само не во интерес на граѓаните.
Првпат објавено на Facebook, 8.6.2026.