ФПФилип Петровски

Овие денови видовме како група бугарски провокатори се обиде нелегално, без никаква законска дозвола од македонските државни институции, на македонска територија, да постави спомен-плоча на загинати бугарски војници од Првата светска војна.

Провокацијата им остана јалова, плочата беше уништена.

Македонскиот револуционер Владислав (Славчо) Ковачев, во 1924 година најдобро ги опишува мотивите и целите на соседните држави на Македонија, со кои тие учествувале во Балканските војни (1912-1913) и во Првата светска војна (1914-1918).

Ковачев пишува :

„ Од анализата на двете последни војни (Балканските и Првата светска), се забележуваат следниве констатации:

• Прво, бугарските влади при спроведувањето на надворешната политика македонското прашање секогаш го третираа како монета за поткусурување;

• Второ, и бугарските и владите на другите балкански земји, и со Букурешкиот договор од 1913 год, и со Нејскиот мировен договор од 1919 год, покажаа дека тие секогаш гледале и ќе продолжат да гледаат на македонското население како маштеи (маќеи). Нели секоја од соседните балкански земји претендира да го смета македонскиот народ за свој роден брат? Зошто тогаш тие македонското население го подложија на нечовечка политичка ампутација, при што секоја од нив се погрижи да откине поголемо парче од телото на маченицата Македонија, а ниедна од нив не посака да ја остави целосна, прокламирајќи ја гласно нејзината независност;

• Трето , и двете војни од ослободителни, за македонскиот народ се претворија во поробувачки, исклучиво во корист на завојувачкиот империјализам на балканските држави;

• Четврто, според горните факти, сега сосема е природно убедувањето на целиот македонски народ дека македонскиот проблем ќе може трајно и правилно да се реши само преку издигањето на Македонија во нејзините географски и економски граници, во независна држава како рамноправна членка на балканската федерација!

• …Истовремено, неопходно е веќе да се конкретизира суштината на македонското прашање…Додека едни не престануваат да го поврзуваат со судбината на бугарската кауза, други го третираат како монопол на словенската раса.

И едните и другите забораваат на неоспорниот факт дека македонското ослободително движење уште во зародишот јасно го истакна својот национален карактер. Црковно – училишните борби од крајот на минатиот век и револуционерните движења кои се сметаат за природна последица на тие борби, како суштински мотив го имаа националното осамостојување на македонското население.

Не е важно да се знае во каква привидна форма досега се изразувало македонското ослободително движење. Битно е да се подвлече неговата национална физиономија, која денес е строго определена: исклучиво македонска!…“

Првпат објавено на Facebook, 25.9.2016.

Следи нè на GoogleДодај го filippetrovski.mk како омилен извор и моите текстови ќе ти се прикажуваат први во вестите на Google.