ПРОБЛЕМИ ВО РАЈОТ
Оние кои површно ја следат евроинтегративната динамика редовно запаѓаат во стапицата на политичкиот романтизам секогаш кога од Брисел ќе стигне некоја оптимистичка реторика. Со години наназад на јавноста ѝ се сервираше наративот за Црна Гора како апсолутен регионален шампион што веќе чекори низ отворените порти на ЕУ со цел затворање на сите поглавја и експресно полноправно членство. Но, реалполитиката и дипломатскиот механизам функционираат по сосема друга логика. Најновите информации што протекоа од работните тела на Советот на ЕУ претставуваат ладен туш затоа што Холандија, со директна поддршка на Хрватска, Естонија, Литванија и Латвија, побара официјална пауза и дополнителни проверки пред носење на какви било одлуки за затворање поглавја.
За да ја разбереме суштината зад овие штури соопштенија, мора да ги погледнеме работите во кои никој не сака гласно да чепка. Главните сопирачки воопшто не се случајни, па така на тапет се повторно поглавјата за транспортната политика каде Загреб држи конкретни резерви, како и надворешната и безбедносна политика која е во практичен застој најмногу поради сомнежите околу руското и регионалното влијание во Подгорица. Зад сè ова стои и силен балтичко-холандски геополитички филтер кој бара будност во актуелниот безбедносен контекст, каде секоја нијанса на лојалност се тестира под микроскоп. Тука е и билатералниот товар со соседите кој покажува дека илузија е кога некој мисли дека отворените сметки се реликвија од минатото. Односите меѓу Подгорица и Загреб се сериозно затегнати поради резолуции, спорови за воени бродови и прашања од деведесеттите, а Хрватска отворено става до знаење дека добрососедството си има цена.
Најважно од сè е да се разбере дека не сме единствени со вакви проблеми и дека кај нас одамна треба да се разбие тој комплекс на помала вредност дека само ние тапкаме во место. Реалноста на теренот ги демантира сите. Ниту Црна Гора е имуна на сопирачки, ниту пак Албанија – која доби привремена еуфорија по одвојувањето од нашиот пакет – ќе помине без слични искушенија, имајќи предвид дека веќе ги почувствува грчките условувања, а допрва ќе се соочува со строгите оценки на европските метрополи за владеењето на правото. Кога ќе се повлече црта, Делегацијата на ЕУ во Подгорица може да ја смирува јавноста со дипломатски фрази дека нема официјален застој туку само опсежни процедури, но вистината е јасна: најавеното затворање поглавја пропадна, а консензус нема. Европската комисија може да предлага и да ветува рокови, но во Советот секоја земја-членка има рака на прекинувачот.
Сето ова е уште еден суров потсетник дека процесот на проширување не е некој експресен воз во кој се влегува со три декларативни закони, туку лавиринт каде националните интереси и скриените вета секогаш ја имаат последната реч. Рајот на брзиот влез уште еднаш се покажа како обична политичка фатаморгана.
Првпат објавено на Facebook, 20.9.2026.