ФПФилип Петровски

Три милиони евра за подобри услови за спорт во 30 училишта звучат добро. Но салите и игралиштата сами по себе не создаваат спортска нација.

Вистинскиот проблем е што спортот во Македонија одамна престана да биде достапно право на секое дете и стана услуга што родителите ја плаќаат приватно. Месечна членарина од 2.500 денари за две деца значи 60.000 денари годишно — речиси 1.000 евра. На тоа треба да се додадат спортска опрема, патувања, турнири, летни и зимски кампови. Колку македонски семејства можат да го издржат тој товар?

А што се случува со децата чии родители не можат да платат? Тие остануваат надвор од клубовите, надвор од натпреварите и надвор од системот. Државата им гради сала, но не им овозможува организирано и бесплатно да спортуваат во неа. Тука е суштината на проблемот. На Македонија не ѝ се потребни само нови спортски објекти. Потребна ѝ е сериозна реформа: бесплатен и масовен училиштен спорт, локални лиги, редовни натпревари, стручни тренери и клубови достапни за секое дете — без оглед на приходите на неговото семејство.

Младите што немаат организирани активности полесно остануваат на улица, пред екраните или се изложуваат на пороци како пушење, алкохол и дрога. Спортот не е украс во образовниот систем. Тој е превенција, дисциплина, здравје, заедништво и инвестиција во иднината. Да вложиш три милиони евра во инфраструктура е добро. Да немаш систем што ќе ги внесе сите деца во тие сали е промашена политика.

Спортот не смее да биде привилегија на децата чии родители можат да платат. Спортот мора да биде право на секое дете.

Првпат објавено на Facebook, 16.9.2026.

Следи нè на GoogleДодај го filippetrovski.mk како омилен извор и моите текстови ќе ти се прикажуваат први во вестите на Google.