По повод 65-годишнината од основањето на Државниот архив на Република Македонија, денеска во Куманово беа пуштени во употреба новите простории на Регионалниот Државен архив и на МВР сместени во реновираниот објект на поранешниот Дом на Армијата.

Се работи за инвестиција од 42 милиони денари со која целосно е реновиран објектот на Домот на АРМ со површина од 2.750 метри квадратни, набавена и внатрешна опрема, специјални плакари за чување на хартиени документи кои се движат на шина и се со заштита од пожар и поплава и плакари во кои треба да се сместат микрофилмови. Реновиран и холтикултурно уреден е и дворот на објектот со површина од 1.600 метри квадратни, како и оградата.

Градежните работи за реновирањето на руинираниот објект, лоциран на само 500 метри од центарот на Куманово, почна пред осум месеци, а подготвителните и порано.

– Овој објект беше многу руиниран и оставен на забот на времето со години. Во еден разговор со поранешниот директор на Државниот архив, сега покојниот Зоран Тодоровски, на негова иницијатива оценивме дека е добро да се обнови, да се реконструира и да се стави повторно во употреба затоа што има потреба за Државниот архив. Подоцна произлезе дека има потреба и за МВР и објектот беше темелно реконструиран и сега без малку изгледа како нов, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по свеченото пуштање во употреба и додаде дека со него ќе се решат потребите за Државниот архив за наредните 50-ина години.

моментот на пресекување на лентата и свечено пуштање во употреба на новиот архив во куманово

Тој прецизира дека првото ниво од новиот објект ќе го користи МВР за обавување граѓански работи поврзани со издавање на лични документи, а другите две нивоа ќе бидат за Државниот архив и во нив ќе се чува огромна архивска граѓа од Куманово, но и од поширокиот регион.

– Се заврши голема работа и се направи нешто што многу се разликува од она што беше претходно. Кога ги погледнав сликите од порано можам да кажам дека Службата за општи и заеднички работи на Владата која го спроведе реновирањето завршила одлична работа, рече Груевски.

Заменик-министерот за внатрешни работи Митко Чавков рече дека во просториите на МВР ќе биде сместен Одделот за граѓански работи за издавање лични карти и пасоши, како и Комисијата за прекршоци и други служби.

Директорот на Државниот архив Филип Петровски истакна дека во новите простории на Државниот архив во Куманово има простори во кои може да се смести целиот Архив од Куманово и регионот и дури ако затреба и за други региони.

Тој оцени дека реновираниот објект на Домот на АРМ во Куманово сега е најубавата управна зграда во градот.

– Во новите специјални плакари изработени од штипска фирма во Државниот архив во Куманово има простор за сместување на два километри хартиен материјал. На погорниот кат има резерва за уште еден километар хартиени документи, а во иднина доколку затреба бидејќи таванот е висок може да се стават уште вакви плакари, рече Петровски, нагласувајќи дека има депо за долги години за целиот кумановски регион.
Прецизира дека документите покрај во хартиена форма и микрофилмови ќе се архивираат и дигитално во специјални фајлови со што се намалува можноста за нивно губење.
– На тој начин сме сигурни дека ќе ги сочуваме материјалите, дека ниедна катастрофа не може да ги оштети, потенцира Петровски.

Извор: А1ОН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *