На 1 декември 2016 година, во Националната установа „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“, Државниот архив на Република Македонија ја отвори изложбата „Историја на наследството“ (Словенија и сукцесијата по распаѓањето на Југославија).

Изложбата е изработена од страна на Архивот на Република Словенија во соработка со Министерството за надворешни работи на Република Словенија, Народното собрание на Република Словенија, Канцеларијата за комуникации при Владата на Република Словенија, Националната галерија, РТВ Словенија, Фондот за сукцесија на Република Словенија и високиот претставник на Република Словенија за прашања од сукцесијата.

Изложбата се состои од 13 паноа (80 х 120 см) и два банера, а на неа се прикажани повеќе документи од Фондот за сукцесија на Република Словенија, поделени на следните теми:

– Долгиот пат до потпишувањето на Договорот;

– Потпишувањето на Договорот – големо постигнување по распаѓањето на Југославија;

– Високите претставници за сукцесија и фондот за сукцесија;

– Културно наследство;

– Враќање на амбасадорите на уметноста;

– Архиви;

– Југословенски амбасади и дипломатски резиденции и

– Поделба на финансиските средства и на долговите.

За првпат изложбата беше промовирана на 7 јуни 2016 година, во Љубљана на Меѓународната конференција, насловена како „Договорот за прашањата за сукцесија – 15 години подоцна“, организирана од претседателот на Народното собрание на Словенија, г. Милан Брглез и потпретседателот на Владата и министерот за надворешни работи на Република Словенија, г. Карл Ерјавец.

На отворањето на изложбата на присутните им се обратија д-р Филип Петровски, директор на државниот архив на Република Македонија, д-р Бојан Цвелфар, директор на Архивот на Република Словенија и Н.Е. Милан Јазбец, амбасадор на Република Словенија во Република Македонија.

Од 6 декември 2016 година изложбата ќе биде поставена во просториите на Државниот архив на Република Македонија на седми кат.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *