Обраќање на д-р Филип Петровски, директор на Државниот архив на Република Македонија

Проф. д-р Зоран Тодоровски е роден 1950 година во Скопје. Дипломирал на Филозофскиот факултет, група Историја со историја на уметност во 1972 година во Скопје. Во 1981 година магистрирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на тема: “Дејствувањето на автономистичката ВМРО 1918-1924”, а во 1995 година докторирал на истиот факултет на тема: “Внатрешната македонска револуционерна организација 1924-1934”.

Тој беше долгогодишен директор на Државниот архив на Република Македонија и тоа во два мандата, првиот во периодот од 1999 до 2002 година и вториот мандат од 2006 до 2015 година.

На денот кога почина, 5 март 2006 година, требаше да присуствува на Состанок во Хрватскиот државен архив во Загреб, на тема реализацијата на Анексот Д од Спогодбата за сукцесија на поранешна СФРЈ, односно заедничкото архивско наследство од поранешна СФРЈ.

Проф. д-р Зоран Тодоровски беше активен и стручно и општествено мошне ангажиран. Бил секретар на Сојузот на друштвата на историчарите на Р. Македонија, член на Редакцијата и одговорен уредник на списанието “Историја”, член на Републичката комисија за музеи и на Републичкиот педагошки совет. Бил претседател на Одборот за наградата “13 Ноември” и член на Одборите за наградите за “Климент Охридски”, “23 Октомври” и “11 Октомври”. Бил претседател на Советот на научно-културните средби “Десет дена Крушевска република” (2000-2002), член на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, член на Советот на Министерството за иселеништво, член во два мандата на Националниот совет за заштита на културното наследство при Министерството за култура и др.

Добитник е на државната награда “23 октомври” за 2008 година и наградата “11 октомври” за 2014 година.

Како директор на Државниот архив на Република Македонија, проф. д-р Зоран Тодоровски во рамките на меѓународната соработка, има постигнато особено богата и интензивна активност со повеќе архивски институции во странство, со Меѓународниот архивски совет, со седиште во Париз Меѓународниот центар за архивски истражувања, со седиште во Виена и Меѓународниот институт за архивистика од Трст и Марибор. Тој склучил или како резултат на неговото лично ангажирање и лични контакти се продолжени билатерални договори за соработка со 20 државни архиви од повеќе земји во Европа, меѓу кои со: Р. Турција, Р. Бугарија, Р. Романија, Р. Унгарија, Руската Федерација, Р. Хрватска, Р. Словенија, Р. Албанија, Р. Полска, Р. Австрија, Р. Италија, Кралството Шведска, Р. Франција, Р. Украина, Р. Црна Гора, Косово и др.. Сите овие договори се склучени со уставното име на Република Македонија и на македонски јазик. Со овие Договори Државниот архив, предводен од проф. д-р Зоран Тодоровски, на некој начин го отвори патот на признавањето на Република Македонија под уставното име од страна на многу држави.

Проф. Д-р Зоран Тодоровски има постигнато значајни резултати во презентацијата на македонската историја и култура и во афирмацијата на Државниот архив во државата и во странство. Архивската изложба “Македонија низ вековите”, чиј автор е тој, гостувала во сите поголеми градови во земјата, но и во странство во Шведска (Гетеборг), Франција (Париз), Романија (Букурешт и Констанца), Словенија (Љубљана), Албанија (Подградец) и Бугарија (Варна и Ќустендил). Издавачката дејност на Државниот архив на Р.М. е мошне богата за време на неговите два мандата како директор на Државниот архив, а изданијата на Архивот тој ги промовираше не само во Скопје, туку и во повеќе градови во земјата и странство.

Како директор на Државниот архив тој работи како автор на повеќе заеднички изданија со државните архиви на Р. Бугарија, Р. Турција и Р. Полска.

Значајно е да се одбележи плодната научно-истражувачка дејност на проф. д-р Зоран Тодоровски во архивите и библиотеките во Р. Бугарија. Бил учесник во првата група на македонски историчари-истражувачи во бугарските архиви во 1991 година (заедно со д-р Орде Ивановски и проф. д-р Михајло Миноски). Од сите негови истражувачки престои од 1991 година до денес, тој има донесено и бесплатно донирано во Државниот архив на Република Македонија околу 120.000 документи од: Централниот државен архив, Научниот архив на Бугарската академија на науките, Архивот на Министерството за внатрешни работи, Градскиот архив на Софија, Историскиот архив при Народната библиотека “Кирил и Методиј” во Софија, Воениот архив во Велико Трново и од државните архиви во Варна, Благоевград и Ќустендил во Р. Бугарија. Се работи за импозантен број на драгоцен архивски материјал значаен за расветлувањето на македонската историја. Тој успеа да ги донесе речиси сите фондови на Македонската револуционерна организација и на сите најистакнати дејци и револуционери на Организацијата.

Неговата библиографија е особено богата, а од изданијата на Државниот архив на Република Македонија, чиј автор или редактор е тој ги издвојувам:

– Владислав Ковачев, Политичкото верују на Македонците, Скопје, 2000 г.;

– “Македонското движење” 1902-1903, Скопје, 2002 г.;

– Методија Андонов-Ченто, Скопје, 2002 г.;

– Петар Шанданов – Спомени, Скопје, 2002 г.;

– Тодор Поп Антов – Спомени, Скопје, 2002 г.;

– Христо Поп Антов – Спомени, Скопје 2006 г.;

– К. П. Мисирков – Дневник, Скопје, 2008 г., која во 2009 година беше прогласена за најпродавана книга меѓу два саеми на книга;

– Димитар Мирчев – Спомени, Скопје, 2010 г.;

– Методија Шаторов – Шарло, Документи и материјали, Скопје 2012 г.;

– Павел Шатев, девет тома, Скопје 2012 и 2013 г.;

– “Драган Богдановски – Мојата борба за Македонија”, три тома, Скопје, 2014 г., а остави готови ракописи за том 4, 5 и 6;

– Ангел Узунов – Спомени, Скопје, 2014 г., кое не успеа да го промовира; и многу други.

Како резултат на неговите залагања како директор во Државниот архив на Република Македонија, оваа институција во 2011 година, кога славеше 60 години од нејзиното постоење, од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, доби Орден за заслуги за Република Македонија.

Тој беше активно вклучен во подготвувањето на новиот објект на Државниот архив на Република Македонија, како и преселувањето на оваа институција од старите во новите простории.

Вработените од Државниот архив на Република Македонија ќе го паметат како човек со многу позитивни карактеристики, голем професионалец, патриот и особено посветен на својата работа.

Д-р Филип Петровски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *