
Секоја власт има човек кој ѝ ги пишува зборовите. Ги смислува фразите што министрите ги рецитираат како свои, ги крои спиновите и одлучува што народот ќе гледа утре наутро. Во „Еретичка приказна“ тој човек се вика Марко.
Четири години тој ѝ служи на машината. Вечера на Водно, во резиденцијата „Белведере“, со министерката Емилија, со тајкунот Коле, кого сите го викаат „Бордот“, и со Генералниот, човекот што зборува малку, а одлучува за сè. Додека се служи скапото вино, на телефонот му стигнува порака од мајка му: хемотерапијата на татко му е одложена, затоа што апаратот на Онкологија е расипан. Истата вечер фирмата на Коле добива тендер за сервисирање медицинска опрема.
Оттука приказната оди брзо, во пет глави и неколку дена. Наутро треба да се пушти „димна завеса“ на петнаесет портали. Прстите на Марко застануваат над тастатурата. Поимот „дигитални решетки“ го смислил како студент, а сега самиот е инженер на тие решетки. Потоа една реченица изговорена на маса го прекинува молкот, и Марко го прави она што во неговиот свет не се прашта: ја кажува вистината.
Ова не е приказна за херој. Марко не е жртва на системот, туку негов соучесник. Неговиот бунт доаѓа доцна, со срам и со самообвинување. Затоа и казната е модерна: нема апсење, нема затвор. Системот, како што вели книгата, „не те затвораше зад шипки. Те бришеше.“ Пропусницата е блокирана, пријателите го бришат од профилите, а армија ботови му измислува скандал.
Новелата е современо читање на истоимениот расказ на Бранко Ќопиќ од 1950 година. Ја пренесов во Скопје денес: меѓу луксузот на Водно и скршената столица во ходникот на Онкологија, меѓу Вибер-групите и порталите, меѓу кариерата и таткото кој чека терапија.
Ја напишав за сите што барем еднаш ги молчеле работите што ги знаеле. И за оние што еднаш проговориле, па сфатиле колку тоа чини.
Кратка е. Се чита во една вечер. Но прашањето што го остава, дали бунтот на еден човек менува нешто надвор од него самиот, нема да ве остави уште долго.
Филип Петровски
Нарачајте ја „Еретичка приказна“ →