
Оваа книга почна како обраќање кон мојот тинејџер. Додека ги пишував советите, сфатив дека им се обраќам и на родителите. Затоа и насловот има продолжение: „…но и за родителите што имаат тинејџери“.
Ред, принцип, традиција, бонтон. Тоа се зборови што полека исчезнуваат од нашите домови. Родителите немаат време, а децата се дооформуваат на социјалните мрежи и избираат идоли кои не ги заслужуваат. Често го купуваме мирот во куќата со скапа играчка или брендирана маица, наместо да седнеме и да разговараме за искреноста, упорноста и емпатијата. Јазот расте тивко, сè додека еден ден не стане преголем.
Оваа книга е мој одговор. Скромен, секако. Субјективен, се разбира.
Таа има 50 совети, и секој е кратко поглавје. Почнува со мисла на човек што имал што да каже, од Аристотел и Ганди до Рузвелт и Мандела. Потоа следуваат десет јасни реченици, напишани како жив разговор, и кус заклучок. Пишував кратко и јасно, најкратко што можев, затоа што знам колку е тешко денес да се задржи вниманието на еден млад човек.
Советите одат од карактерот до секојдневието. Верувај во себе и не се споредувај со другите. Преземи одговорност, а грешката искористи ја за да научиш нешто. Кажи „те молам“ и „благодарам“, затоа што учтивоста започнува дома. Прави го вистинското и кога никој не гледа. Ограничи го времето пред екранот, затоа што дигиталниот свет е само дел од животот. Научи да ракуваш со пари, па макар и со мали суми, да зготвиш нешто, да дадеш прва помош и да кажеш „не“. Сакај се и цени се онаков каков што си.
Книгата може да се чита по еден совет на ден. Најдобро е да се чита заедно, родител и дете, на маса. Подобро е во домот да се расправа дали едно правило е добро, отколку кој колку лајкови има.
На крајот има писмо до тинејџерот што ме инспирираше да станам подобар човек. Го оставам за оние што ќе стигнат до последната страница.
Ако по оваа книга во вашиот дом се отвори барем еден разговор што инаку немаше да се случи, таа ја направила својата работа.
Филип Петровски
Нарачајте ја „50 совети за живот на мојот тинејџер“ →