
Секоја зима ја гледаме истата слика: магла над котлината, маски на лицата, апликации што светат во црвено. И секоја зима некој ни кажува дека е виновно времето. „Олово во коските“ е книга за тоа дека маглата не дојде од небото. Ние ја изградивме.
Д-р Софија е педијатарка од Битола, која работи во поликлиника во Аеродром. Кај малата Јана, шестгодишно девојче од соба 312, наоѓа олово, кадмиум и жива во крвта. Потоа ги наоѓа истите вредности кај десетици други деца. Тоа не е вирус. Тоа е труење. А државните сензори упорно покажуваат: „Квалитет на воздух: добар“.
Трагата води до фабрика во Кисела Вода, која луѓето ја викаат „Црниот Монолит“. Таму вицепремиерот Никола, со странски партнери и камиони со отпад од половина Европа, гори она што никој друг не сака да го гори. Логиката на моќта во книгата е сведена на една реченица: болен народ е послушен народ.
Софија почнува да прашува, и системот реагира како што знае. Лабораторијата на нејзиниот професор е уништена во ноќна „инспекција“. Анализите се бришат. Една медицинска сестра вели „Тоа се деца“, а одговорот е „Не. Тоа се податоци.“ Задачата да ја замолчи ја добива Марко Б., оперативец на АНБ и син на поранешен началник од тајната служба. Марко ја знае работата. Не ја знае само крвната слика на сопствениот син.
Ова е политички трилер, но во неговиот центар е прашањето со кое живее секој Скопјанец: што дишеме и кој заработува од тоа. Во него се врзуваат транзицијата и приватизацијата, континуитетот од старите служби до новите технократи, барокните фасади и европските фондови, Балканот како депонија и Брисел што гледа на другата страна. Оловото во коските е вина што се таложи со децении, од татковците кон синовите.
Книгата се надоврзува на „Заѕидана во барок“. Читателите ќе ги препознаат Офицерскиот дом, Црната пирамида во библиотеката и трагите што ги оставил инспекторот Виктор Николов. Сепак, приказната е целосна и се чита самостојно.
Ја напишав затоа што не сакам децата во овој град да цртаат небо без облаци. Во книгата, малата Јана објаснува зошто на нејзиниот цртеж ги нема: облаците не се болни, само луѓето се.
Оловото нема политичка партија. Ние ја имаме одговорноста.
Филип Петровски
Нарачајте ја „Олово во коските“ →