ФПФилип Петровски
Корица: Солзите на Јустинијан

Во една чајџилница во Скопската чаршија е убиен сопственикот. Под клепката убиецот му остава мала оловна капка во облик на солза, а на подот врежува линија. Скопје ја прима првата солза. И не заплакува.

Случајот го добива инспекторот Игор Ангелов од станицата „Пролет“. Шефот Вардарски сака истрагата да биде брза и тивка. Но жртвите продолжуваат: архитект што работел на новите фасади, убиен на Калето, па професор по историја на уметноста кај Старата железничка станица, каде часовникот одамна стои на 5:17. Сите се поврзани со реконструкцијата на центарот.

Тогаш пријателот на Игор, Андреј, ги става точките на стара мапа. Убиствата цртаат крст преку градот. Четири краја и центар, а центарот е под Камениот мост.

„Солзите на Јустинијан“ е урбан ноар и психолошки трилер, но и роман за тоа како архитектурата станува идеологија. Во архивите Игор наоѓа документ, донесен речиси незабележано, кој сака градот да се „врати“ сè до царот Јустинијан. Вистината се контролира, медиумите линчуваат, а за јавноста веќе е подготвен виновник. Игор е суспендиран и сам. Има само една насока, која му ја дава непознат човек со папка: „Не барај човек. Барај форма.“

Убиецот, Виктор Барлев, не е обичен психопат. Како дете гледал како ја рушат куќата на неговиот дедо. Тој не мисли дека убива. Мисли дека лекува: „Ова не е казна. Ова е корекција.“ Најнепријатното во книгата е што неговите аргументи против уништувањето на градот на моменти звучат разумно. Игор тоа го чувствува. Се надевам дека ќе го почувствувате и вие.

Под Скопје има слоеви: османлиски, југословенски, византиски. Ништо не исчезнува, само се закопува. Над сите нив стои невидлива мрежа што опстојува без оглед на тоа кој е на власт.

Ова е третата книга од моето скопско ноар, по „Заѕидана во барок“ и „Олово во коските“. Се чита и самостојно, но оној што ги читал претходните ќе препознае траги, имиња и рани што продолжуваат.

Градот не беше убиен. Градот беше преработен. Оваа книга прашува кој го направил тоа и колку чини.

Филип Петровски

Нарачајте ја „Солзите на Јустинијан“ →

Следи нè на GoogleДодај го filippetrovski.mk како омилен извор и моите текстови ќе ти се прикажуваат први во вестите на Google.

Остави коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *