Говор на д-р Филип Петровски, директор на Државниот архив на Република Македонија по повод 65-годишнината од постоењето на Државниот архив на Република Македонија

Почитуван Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов,

Почитувано Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски господин господин Стефан,

Почитувани колеги, соработници,

Почитувани гости,

Денес, кога со гордост го одбележуваме 65-годишниот јубилеј од основањето на Државниот архив на Република Македонија, со задоволство се потсетуваме на развојот и дејствувањето на една од најзначајните македонски национални институции, која истовремено е трезор и извор за проучување на целокупниот политички, економски, научен и културен развој на Република Македонија.

Самиот чин на основање на Државниот архив претставува еден од најзначајните настани во нашата понова историја и е огромна придобивка од историско и од национално значење. За Македонија и за македонскиот народ Архивот претставува изворно сведоштво за постоењето, за опстојувањето на нашиот национален идентитет, за борбата на нашиот народ за создавање своја национална држава и за континуитетот на македонската политичка, државно-правна и национална мисла.

Развојниот пат на Државниот архив е тесно поврзан со создавањето и развојот на младата македонска држава по Втората светска војна, а самиот чин на основањето има примарно национално значење во заокружувањето на државната власт.

Во развојот и унапредувањето на архивската теорија и пракса во Република Македонија несомнено огромен придонес дадоа архивските работници, коишто целиот свој живот ѝ го посветија на професијата, на специфичната улога на чувари на пишаната документација на нацијата, применувајќи ги и усовршувајќи ги современата архивска методологија и пракса.

Денес имаме нови поповолни услови, нов политички амбиент и можност да работиме и да твориме во сопствена, самостојна и суверена држава, со цел да ги афирмираме македонските вредности во Обединета Европа и во светот.

Нашиот јубилеј е повод да потсетиме дека современиот свет е незамислив без архивските институции и архивските документи. Архивските работници носат огромна одговорност за документирањето на настаните, за размената на информациите и за постојаната примена на  информациски технологии, особено на електронската обработка и дигитализацијата на архивската документација, изградувајќи го со тоа идниот заеднички европски и светски архив, којшто ќе му биде достапен на секој жител на планетата Земја.

Државниот архив на Република Македонија е формиран со посебен закон – Закон за Државните архиви, донесен на 6 јануари 1951 година од Народното собрание на Народна Република Македонија.

Официјално Архивот почнал да работи на 1 април 1951 година, на чело со првиот раководител господинот Тодор Талевски.

Во периодот од 1951 до 1960 година се основани девет околиски историски архиви во: Битола, Куманово, Охрид, Прилеп, Скопје, Струмица, Тетово, Велес и Штип, кои денес претставуваат дислоцирани организациски единици на Државниот архив, кои извршуваат архивски функции на одредено територијално подрачје од неколку општини.

Од јануари 2014 година Државниот архив ја промени својата локација и се пресели во новоизградена зграда Палата „Александар Македонски“, дел од проектот „Скопје 2014”.

Државниот архив има статус на управна организација во рамките на државната управа на Република Македонија и по вертикална линија е непосредно поврзан со Владата на Република Македонија и директно одговорен пред неа.  

Една од суштинските цели на дејноста на Државниот архив на Република Македонија е да го презема и трајно да го чува јавниот архивскиот материјал и да обезбедува услови за негово непречено користење во јавноста.

Согласно со Законот за архивски материјал, донесен на 26 јули 2012 година, со последна измена и дополнување од 30 септември 2015 година, јавниот архивски материјал е во сопственост на Република Македонија, а право на користење имаат сите под еднакви услови. Освен за остварување на функциите на државните органи и на јавните институции, јавниот архивски материјал се дава на користење за научни истражувања, за публицистички потреби, за потреби на образованието, за изложби како и за остварување и заштита на слободите и правата на граѓаните.

Земајќи го предвид овој факт, Државниот архив се грижи за соодветна заштита на јавниот архивски материјал, уште од неговото создавање во јавните институции и преку стручна помош и надзор им помага на имателите да обезбедат што подобри услови за негово чување, сè додека не го предадат во Државниот архив на трајно чување.

Меѓу најзначајните документи што се наоѓаат во депоата на Архивот се: старословенските и црковнословенските ракописи; документите од периодот на османлиското владеење во Македонија; документите создадени од страна на македонските просветители; документите од македонското револуционерно и националноослободително движење; од Илинденското востание, од Балканските војни и Првата светска војна; документите што сведочат за активноста на ВМРО и ВМРО (обединета); од периодот меѓу двете светски војни; за активноста на Комунистичката партија на Македонија; за Народноослободителната војна и АСНОМ; за периодот на социјалистичкиот развој на Македонија во рамките на СФР Југославија како и документите по 1991 година, кога Македонија ја добива својата независност.

Во претстојниот период Архивот планира интензивирање и преземање архивски и мемоарски материјал, по пат на откуп, подарок и депозит од приватни лица, носители на општественополитички функции во периодот од постоењето на поранешна СФР Југославија, но и од лица што во тој период биле репресирани од тогашната власт заради несогласувања и поинакви политички ставови. Се прават напори да се стапи во контакт со Македонците иселени во дијаспората заради преземање материјал со кој ќе се фрли дополнителна светлина на животот и дејствувањето на нашата политичка и економска емиграција во светот.

Како посебна активност се предвидува валоризација на целокупниот архивски материјал согласно со Законот за прогласување на културно наследство од особено значење во Република Македонија и избор на архивски фондови и збирки што ќе се стекнат со статус на културно наследство и ќе бидат предложени за дигитализација, согласно со националната стратегија за дигитализација на движното културно наследство.

Најголем сектор во Државниот архив е секторот за средување и обработка, со вкупно 123 вработени, благодарение на кои архивскиот материјал станува достапен за сите граѓани и научни истражувачи од земјата и од странство.

Во рамките на меѓународните активности на Државниот архив, а со цел да се дополнат фондовите со кои располага Државниот архив на Република Македонија, се организираат и се реализираат истражувања во странство.

Државниот архив има потпишано повеќе билатерални договори за соработка со архивски институции од странство. Овие договори се потпишани под уставното име на Република Македонија, а врз нивна основа и во согласност со националното законодавство се врши размена на искуства од архивската пракса, размена на специјалисти-архивисти, организирање архивски советувања, подготовка на заеднички публикации и изложби, пронаоѓање документи за нашата историја и слично.

Од 1992 година Државниот архив е член на Меѓународниот архивски совет, неутрална и невладина организација, која повеќе од 60 години ги обединува архивите од целиот свет.

Во 2010 година Архивот стана член на Меѓународниот центар за архивски истражувања ИКАРУС, конзорциум со седиште во Виена, кој им помага на архивите полесно да се соочат со предизвиците од страна на дигиталната технологија.

Во изминатата, 2015 година во Државниот архив на Република Македонија се реализирани повеќе активности како што се: активности во врска со проектот за дигитализација на заедничкото архивско наследство од поранешна СФРЈ, истражувања во Архивот на Југославија, во Хрватскиот државен архив, во Државната агенција – Архиви на Република Бугарија, во Националниот архив на Шведска (каде што на наше изненадување се најдени драгоцени материјали за историјата на Македонија), во Генералната дирекција на државните архиви на Турција итн.

Остварени се средби и посети од страна на повеќе странски делегации во Архивот, потпишани се повеќе договори за соработка со архиви од странство, а под покровителство на Претседателот на Република Македонија, НЕ д-р Ѓорге Иванов беше организиран Симпозиум на тема „100-годишнината од Првата светска војна, фронтот кај Чанаккале и нивните глобални последици”.

Публикувањето на архивскиот материјал претставува важна дејност во Државниот архив на Република Македонија, која почнала уште во 1963 година, а до денес се објавени повеќе од 200 изданија, зборници на документи и монографски трудови.

Во изминатата година се публикувани книга 4 и 5 од едицијата „Драган Богдановски – Мојата борба за Македонија”, „Ангел и Христо Узунови – Псевдонимите на ВМРО” како дел од серијата насловена „Архивата на Ангел Узунов”; монографијата „Христо Матов”, зборникот на документи „Руската колонија во Скопје”, книгата „Турски документи за историјата на Македонија”; списанието „Македонски архивист” и „Дипломатски документи за Граѓанската војна во Грција”.

Новина во работењето на Државниот архив на Република Македонија е тоа што Архивот почна да публикува серија копии од репрезентативни документи од македонското културно наследство. Оваа идеја се роди на „Отворениот ден на Архивите”, кога јавноста беше добредојдена во сите Архиви и преку документите чувани во депоата на Архивот се презентираше македонската историја и се промовираше архивистичката професија.

Државниот архив е добитник на повеќе одликувања и признанија, меѓу кои на државната награда „11 Октомври” во 1981 и 2001 година и на најзначајното признание „Орден за заслуги за Република Македонија“, доделено од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија НЕ д-р Ѓорге Иванов во 2011 година.

 

* * *

 

Во оваа прилика имам особена чест да ја промовирам монографијата публикувана по повод 65-годишнината од основањето и работата на Државниот архив на Македонија.

Преку оваа монографија сакаме на јавноста и на читателите да им презентираме еден дел од материјалите што ги имаме во богатите ризници на депоата на Архивот низ цела Македонија и да ги доближиме до нив. Веруваме дека отвореноста на Архивот и инкорпорирањето на проектите во иднина можат да придонесат за поквалитетно образование, за создавање електронска библиотека, што особено ќе им користи на учениците, на студентите и на младите истражувачи. Оттука се јавува и мотивацијата да се работи уште поинтензивно и со поголем елан, а на следната годишнина да се излезе со уште поголемо и повредно дело од ова. Тука на ум ја имаме улогата на создавачите, имателите на архивски материјал и граѓаните на Република Македонија, кои сакаме да ги охрабриме да ја дополнат нашата документација со свои лични и семејни фондови. Пример за тоа треба да ни бидат донаторите на архивски материјал, со чија активност ги збогатувавме нашите фондови во изминатиот период и се надеваме дека со наша помош и поттик тоа ќе стане сè почеста пракса во иднина. Сите ние создаваме документација и заедно ја пишуваме историјата на Македонија и иднината, а нашата институција ја негува и ја чува.

65 години од постоењето на Државниот архив на Република Македонија е сериозен јубилеј, кој го покажува односот на државата кон документацијата, а тоа е материјалот од кој ја пишуваме историјата, врз чија основа се создавал нашиот идентитет, па наша обврска и долг спрема идните генерации е да ја пренесеме таа порака.

 

 

Д-р Филип Петровски,

Директор на Државниот архив

на Република Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published.