Историографијата треба да истражи колку врз македонското револуционерно движење влијаел фактот дека многу од нејзините дејци биле активни членови на масонски ложи.

Филип Петровски
Градска Библиотека Браќа Миладиновци
2006 година

Масонството било навлезено во македонското револуционерно движење во првите децении од минатиот век, а дел од истакнатите членови имале и значајни позиции во масонските ложи. Тие биле дури и на позицијата „големиот мајстор“, што е највисока функција во хиерархијата, а ги имало и многу со статус „мајстори“. Истовремено, се’ уште е енигма какво влијание врз македонското движење имало тоа што повеќето личности биле во масонството, особено во периодот на Илинденското востание.

Материјалите потекнуваат од Државниот архив на Бугарија, каде што е зачувана обемна документација за масонската ложа „Светлина“, која е дел од Големата ложа на Бугарија. Составен дел на Големата ложа била и ложата „Македонија“, која дејствувала на денешното подрачје на Република Македонија, а средбите на нејзините членови најчесто се одржувале во Скопје.

Генерал Александар Протоѓеров, кој ја обновувал ВМРО во периодот по Првата светска војна, Антон Кецкаров, делегат на Смилевскиот конгрес на ВМРО, Ѓорѓи Баждаров, припадник на четата на Јане Сандански и делегат на Конгресот на ВМРО во 1903 година, се само дел од личностите за кои постојат пишани документи оти биле масони. Меѓу масоните се и други личности, кои биле родени во Македонија, а потоа станале членови на важни бугарски институции, како на пример, Љубомир Милетич, писател и научник роден во Штип, член на Бугарската академија на науките.

Масоните, кои се нарекуваат уште и слободни ѕидари, претставуваат специфичен вид организација чии почетоци датираат од 1717 година, кога нејзината мрежа од Шкотска се проширува низ светот. Дејствувањето на организацијата, односно на масонските ложи што се формираат во разни држави, се заснова врз специфични принципи. Членовите на овие ложи, главно, се подучуваат на моралната филозофија на животот, при што негуваат толеранција, разбирање и хуманост. Поради тајното дејствување, масонството низ историјата го следат мистификација и постојани сомневања за заткулисни игри.

Во Централниот државен историски архив на Бугарија се чува оригиналниот документ од кој се гледа дека Александар Протоѓеров бил Големиот мајстор на Големата ложа на Бугарија. Од документот се гледа дека оваа ложа била дел од Големата француска ложа. Во 1917 година Големата француска ложа ги обединувала трите тогашни бугарски ложи во една Голема ложа на Бугарија. На 17 јуни 1917 на чело на Големата ложа на Бугарија бил поставен Протоѓеров, кој бил и претседател и на македонските друштва во Бугарија. Протоѓеров е роден во 1867 година во Охрид. Бил учесник во Горноџумајското и во Илинденското востание, а од 1915 година бил и член на ЦК на ВМРО.

Од Охрид потекнува и Антон Кецкаров, кој основното образование го стекнал во Струга кај Глигор Прличев. Кецкаров се приклучил на ВМРО веднаш по нејзиното формирање, а во 1903 година бил делегат на Смилевскиот конгрес од битолскиот округ, кога била донесена одлука за кревање на Илинденското востание. За време на Илинденското востание тој дејствувал со чета во реонот на Дебарца. Од документите се гледа дека тој во 1922 година бил воздигнат на степен на „мајстор“, со што биле запознати „сите браќа и сите ложи во светот“. Неговото име денеска го носи и една улица во Скопје.

На гробот на револуционерот, илинденецот Мише Развигоров, кој потекнува од Штип, а загинал во 1907 година, се видливи масонските обележја – шестар, триаголник и чекан. Се претпоставува дека масон бил и дипломатот и публицист Симеон Радев.Филип Петровски, директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, со чии истражувања документите станаа достапни за јавноста, вели дека тие отвораат нови простори за историската наука.

– Предизвик за историската наука треба да биде во каква меѓусебна врска била припадноста на масонството и членувањето во македонското револуционерно движење. Некои влијанија сигурно постоеле, само треба да се открие колкав интензитет имале. Јас не сакам да навлегувам во тоа какви чувства во однос на националната припадност имал секој од нив поединечно. Битно е дека тие се родени во Македонија и дека нивната дејност е поврзана со нашата држава – вели Петровски.Тој истакнува дека истражувањата треба да откријат дали во иконографијата на ВМРО постојат симболи што се користени од масоните.

– Јас забележав дека и кај масоните и кај ВМРО се употребува човечкиот череп. Вистина е и тоа дека черепот е чест симбол, но треба да се види кои симболи се заеднички – укажува Петровски.

Тодор Чепреганов, директор на македонскиот Институт за национална историја, вели дека врските на македонските дејци со масонството досега не биле истражувани.

– Ако некои од нив членувале таму, со сигурност може да се каже дека тоа што биле масони имало влијание и во нивната дејност. Неодамна се појавија документи што зборуваат дека масоните имале големо влијание и врз Младотурската револуција. Тогаш зошто да не се дозволи таквата можност и кај нас – вели Чепреганов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *