Распаѓањето на поранешната СФР Југославија и сите процеси што претходеа и
следеа на тој настан, меѓу кои и потпишувањето на Договорот за сукцесија го одбележаа
крајот на 20 век.
На 29 јуни оваа година се навршија 15 години откако во Палатата Хофбург во
Виена е потпишан Договорот за прашањата за сукцесијата на поранешна СФРЈ.
За остварување на овој Договор беа потребни долготрајни преговори, коишто
траеја една деценија и беа олеснувани и контролирани од меѓународната заедница.
Политичкото значење на овој правен акт е неспорно, бидејќи го потврдува
распаѓањето на една држава. Договорот ги уредува нерешените содржински и правни
прашања, поврзани со распаѓањето на Југославија и нејзиното наследство од страна на пет
независни држави-наследнички: Босна и Херцеговина, Хрватска, Сојузна Република
Југославија (денешна Србија), Македонија и Словенија.
Во модерната меѓународна заедница создавањето на новите држави се поврзува со
деколонизацијата и желбата на народите за самоопределување, а подоцна и со падот на
комунистичките режими и распаѓањето на повеќенационалните држави во Европа.
Распаѓањето на СФРЈ е еден од најкомплексните и најтрагичните процеси.
Потпишувањето на Договорот за сукцесија се случи по низа настани во регионот,
како што се: прогласувањето на независноста на поранешните републики; нивното
меѓународно признавање и зачленување во ООН и мислењето бр. 8 од Бадентеровата
арбитражна комисија, со кое се потврдува крајот на правното постоење на СФРЈ.
Република Македонија активно се вклучи во преговорите за сукцесијата на
поранешната заедничка држава по референдумот од 8 септември 1991 година и
прогласувањето на независноста на Република Македонија, Резолуцијата на Генералното
собрание на ООН за прием на Република Македонија како нејзина членка, како и
нејзиниот прием во повеќе меѓународни организации и асоцијации.
Потпишувањето на Договорот претходно не беше можно заради оружениот
конфликт на територијата на Југославија, но и поради конфликтните ставови за статусот
на поранешната заедничка држава, особено ставот на Сојузна Република Југославија дека
токму таа претставува континуитет на СФРЈ.
Тешка дипломатска битка околу наследството од поранешна СФРЈ се водеше во
ОН, како во Советот за безбедност така и во Генералното собрание.
Значајна улога во постигнувањето на Договорот имаше Мировната конференција за
Југославија од 1991 г. и т.н. Бадентерова арбитражна комисија.
По потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, Советот за мировна
имплементација ја презеде главната улога во процесот, назначувајќи го Сер Артур Вотс
како специјален преговарач за сукцесија во 1996 година.
Под негово водство е финализиран Договорот за сукцесија.
Треба да се напомене дека распаѓањето на територијата на поранешна Југославија
продолжи и во 2006 и 2008 г. со декларациите за независност и самостојност на Црна Гора
и Косово, но тоа не влијаеше на сукцесијата.
По ратификувањето на Договорот од страна на последниот потписник – Република
Хрватска, тој влезе во сила на 2 јуни 2004 г..

Во текстот од Договорот од Виена се прецизирани основните права и обврски
наследени од поранешна СФРЈ. Тој е составен од вкупно седум анекси во кои се опфатени
прашањата за движниот и недвижниот државен имот; финансиските побарувања и
долгови; архивскиот материјал; пензиите; останатите права, бенефиции и долгови како и
приватната сопственост и стекнатите права.
Имплементирањето на Договорот е во согласност со меѓународното право и негов
главен принцип е правична и еднаква поделба на правата и обврските.
Според членот 4 од Договорот е формиран Постојан заеднички комитет од високи
претставници на секоја држава-наследничка, со задача да ја надгледува неговата ефикасна
имплементација и да дискутира за важни прашања за сукцесијата.
Досегашни високи претставници за прашањата за сукцесијата од Република
Македонија биле: Минчо Јорданов, Душанка Христова, Никола Тодорчевски и Зоран
Петров, а во моментот е Елена Кузмановска, државен секретар во Министерството за
надворешни работи на Република Македонија.
Високите претставници остваруваат блиска соработка со заедничките комитети за
одделни области опфатени со анексите.
Во Анексот Д, кој се однесува на архивскиот материјал, под терминот „архивски
материјал од поранешна СФРЈ“ се подразбираат сите документи, без оглед на датумот или
видот, кои се настанати или примени во СФРЈ или која било претходна конститутивна
структура на југословенската држава, во периодот од 1 декември 1918 година до 30 јуни
1991 година.
Во согласност со меѓународниот принцип на провениенција, доколку некој
архивски материјал е дислоциран од Републиката на која ѝ припаѓа, треба да ѝ биде
вратен. Според принципот на функционална пертиненција дел од државниот архивски
материјал на СФРЈ, потребен за нормално управување на една или на повеќе држави,
треба да премине во надлежност на тие држави.
Анексот Д од Договорот за сукцесија, подразбира дека дел од државниот архивски
материјал на СФРЈ треба да ѝ припадне во оригинал на Република Македонија, а тоа се:
оригиналниот договор за проблемите од водостопанството помеѓу ФНРЈ и Грција,
потпишан во 1959 г. и Договорот за чување и обновување на пограничните ознаки на
југословенско-грчката граница, а со цел заштита, превенција и решавање на пограничните
инциденти.
Тие договори и покрај големите настојувања од македонска страна, до денес не ѝ се
предадени на Република Македонија.
Во врска со враќањето на овие договори Државниот архив на Република
Македонија постојано интервенира преку МНР на Р. Македонија, нашата Амбасада во
Република Србија и преку директни контакти со Дипломатскиот архив во МНР на Р.
Србија и Архивот на Југославија.
Од 2005 година па до денес Државниот архив спроведе повеќе истражувања во
Архивот на Југославија (поранешен Архив на СФРЈ), со цел идентификување на сите
архивски фондови од интерес за Република Македонија. Како резултат на тие
истражувања, но и врз основа на претходни информации и истражувања, Република
Македонија уште во 2006 година достави список на архивски материјал коишто го
побарува од Република Србија.
Во 2011 година Државниот архив се приклучи на иницијативата за заеднички
проект на државните архиви на сите поранешни републики на СФРЈ за дигитализација на

заедничкото архивско наследство од поранешната држава, а во септември минатата
година организиравме состанок на сите овластени претставници за архивите, во врска со
реализацијата на проектот.
Државите-наследнички мора да се договорат меѓу себе и да одлучат за поделбата и
дигитализацијата на архивскиот материјал од поранешната СФРЈ.
Иницијативата за ова мора да ја преземат државните архиви од Македонија,
Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. За жал од страна на Србија се соочувавме со
во одредена мера инертно и опструктивно однесување кога беше во прашање поделбата на
архивскиот материјал од поранешна СФРЈ.
Во интерес на сите нас, кои што живееме во регионот е неговата стабилност и
добрите меѓусебни односи, а решавањето на прашањето за сукцесијата на поранешна
СФРЈ е битен фактор.
Изложбата што денес имаме чест да ја отвориме за првпат беше презентирана на
меѓународната конференција, насловена како „Договор за прашањата за сукцесија – 15
години подоцна“, одржана во јуни 2016 во Љубљана. Нејзин автор е нашиот драг пријател
и соработник, д-р Бојан Цвелфар, директор на Архивот на Република Словенија, а истата е
реализирана во соработка со Министерството за надворешни работи на Република
Словенија.
Документите и фотографиите претставени на изложбата се осврнуваат на
десетгодишните преговори што претходеа на потпишувањето на договорот и секако на
петнаесетгодишниот период од потпишувањето на Договорот до денес, неговото
спроведување и постигнатите резултати, со посебен акцент на придобивките за Р.
Словенија.
Се надевам дека презентирањето на оваа изложба ќе нè потсети на тоа дека треба
уште многу да се работи за целосното имплементирање на Договорот за сукцесија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *