Андов во времето кога бев пратеник беше Претседател на Парламентот. Според тоа ми беше логично за мојата книга „За НАС“ која ги содржи моите парламентарни говори да побарам од него да ја рецензира. Подолу под линкот можете да ја прочитате рецензијата. А ако кликнете на линкот ќе можете да ја прочитате или симнете оваа моја книга, која што ми беше прва објавена. Одамна е исцрпена во класичен формат. Така што можам да ја понудам само електронски…

За Нас (мојата прва книга од 2003 година)

Стојан Андов: РЕЦЕНЗИЈА на книгата „За нас“ од Филип Петровски
Моите оценки и предлози ќе ги изложам во 4 точки.

1. Временски опфат на книгата на Филип Петровски и основните карактеристики на тој период.

Во својата книга „За нас“ Филип Петровски опфаќа период од скоро пет години и тоа од почетокот на 1997 година скоро до крајот на 2001 година. Тоа е периодот во кој скоро дефинитивно е утврден правецот на процесите и натаните во регионот што сега го нарекуваат Западен Балкан и тоа доуредување ја зафати и нашата земја.
Иако тој период не е доволно темелно проучен и сеуште недоволно е разбран, особено во Македонија, видливо е веќе дека токму во тоа време се одигра пресудното „уредување на просторот“ на Западниот Балкан. Она што останува за уредување, во Босна и Херцеговина и во СР Југославија тешко да отстапи од веќе утврдениот правец на движење. Во тие пет години поразени се политичките сили во Романија и Бугарија кои се обидоа да ги вратат работите назад, да го запрат и напуштат процесот на интеграција на тие земји во Европската унија и НАТО.

Филип Петровски говори во Парламентот, на почетокот на процедурата за промена на Уставот во 2001 година

Во Хрватска, откако почина Фрањо Туѓман, напуштен е неговиот режим кој беше поставен врз основите на емотивен патриотски романтизам, и се претвори при својот крај во режим со видливи белези на бонапартизам. Во СР Југославија големите демонстрации при крајот на 1996 година и почетокот на 1997 година предизвикани од фалсификувањето на локалните избори од страна на режимот на Милошевиќ брзо го збришаа неговиот имиџ на миротворец стекнат поради неговата улога во изготвувањето и донесувањето на Дејтонскиот договор.
Во периодот од петте години што ги зафаќа книгата „За нас“ од Филип Петровски дојде и до интервенцијата на НАТО во Југославија, а потоа и до падот на режимот на Милошевиќ. Во текот на 1997 година дојде и до распад на одбранбениот систем на Албанија. Од воените магазини беа однесени околу 800.000 парчиња оружје и беа расеани низ Албанија, на Косово и на западниот дел на Македонија. Како резултат на тие собитија следуваше повеќегодишната политичка нестабилност и безвластие во Албанија, формирањето на ОВК и оружаните судири на Косово, како и подоцнежната интервенција во Македонија.
Така, накусо, може да се прикаже петгодишниот период што го зафаќа книгата „За нас“ од Филип Петровски. Во оваа книга, се разбира, Петровски не се занимава со состојбите и процесите во регионот, ама тие во тој период силно го притискаа секој човек во Македонија, па и Петровски. Заради сите тие околности на почетокот на тој период започнува и јавната политичка активност на Филип Петровски. На крајот на тој период Петровски се повлекува од јавниот политички живот и заминува на функција која е неспоива со политичката активност.

2. Тематската содржина на книгата „За нас“ од Филип Петровски воглавно се движи во рамките што ги создаваат состојбите во регионот. Кога внимателно се читаат текстовите во книгата се стекнува впечаток и за редоследот на вредностите кои го мотивираат нејзиниот автор во неговиот политички ангажман.

Прво, Филип Петровски безрезервно е убеден дека се бори за развој на демократијата, за правата и слободите на човекот и граѓанинот во најширока смисла. Тоа го прави како убеден член на партијата ВМРО-ДПМНЕ и како талентиран полемичар. Главната препрека на развојот на демократијата во Македонија Филип Петровски ја гледа во настојувањето на партијата СДСМ пак да воспостави еднопартиско владеење на тој начин што ќе оствари доминација во економијата и финансиите, во медиумите и невладините организации (ССМ, Сојуз на студентите и др.), но и во тајните служби на тој начин, смета Филип Петровски, СДСМ е кочница на развојот на земјата.

Второ, тој смета дека СДСМ со етикети и дисквалификации, со доминација во медиумите, оневозможува да се оствари македонско национално единство. А токму еден од мотивите за неговиот ангажман е создавање на такво единство.

Трето, по негово мислење недостатокот на македонско национално единство го ослабнува значењето на македонскиот народ како фактор во политичкиот живот во земјата. Авторот често доаѓа до заклучок дека поради тоа Албанците „премногу сакаат, ама не се криви тие за тоа“.

Четврто, него го окупира и фактот што пречките во развојот на демократијата, воспоставувањето на македонско национално единство и поради тоа, дебалансот што настанува во меѓуетничките односи водат кон дисфункционалност на државата.

Филип Петровски емотивно настапува и дава особен личен белег на тие општи рамки во кои дејствува. Особено е емотивно мобилизиран во своите настапи по повод на Рамковсниот договор и во постапката за донесување на уставните амандмани. Тука завршува неговата политичка активност и со тоа завршува и оваа негова книга.

3. Структурата на книгата е многу поедноставена, толку поедноставена што може да делува збунувачки кај некои читатели и да го отежне разбирањето на ставовите и аргументите на авторот. Таа содржи Увод, во кој авторот настојува да ги објасни политичките мотиви за своето ангажирање, но зборува доста и за своите емотивни состојби кои го притискаат и за својата одговорност. Потоа следуваат триесет и четири подолги или пократки текстови од неговите јавни настапи и интервенции: На крајот е ставен „Додаток“ во кој се поместени четири документи.

4. Предлагам оваа книга на Филип Петровски да се објави. Иако во неа се содржат и текстови од главните настапи на авторот во периодот кога тој не беше пратеник во Собранието на Република Македонија, сепак тежиштето на книгата го сочинуваат текстовите од неговите настапи како пратеник.

Ова е прв пат да некој автор пишува книга за својата работа како пратеник. Читателот не мора да се согласи со авторот, но неспорно е дека авторот во оваа книга ги допира виталните прашања што го окупираат нашето општество. Особено што Петровски тоа го прави ангажирано, упорно, елоквентно, а понекогаш и полемички дрско, што е дополнителен фактор на заинтересираност на читателот.

На авторот му предлагам неколку, по мое мислење, подобрувања во структурата на книгата. Воведот во основа е добар но може да се подобри ако искажаното авторот подобро го систематизира со тоа што ќе ги објасни прво мотивите на своето политичко ангажирање, а потоа во општи линии да ги претстави фазите во своето дејствување.

Текстовите што ги содржат јавните обраќања и интервенции на авторот, предлагам да ги среди на следниот начин: прво, тие текстови да ги подели во три дела и тоа во првиот дел да ги стави сите текстови што ги содржат неговите настапи кога тој не бил пратеник, второ, во посебен дел да ги стави сите негови настапи како пратеник кои не се однесуваат на Рамковниот договор и трето, во третиот дел да ги стави сите свои настапи во парламентот кои содржински се поврзани со уставните амандмани.

Понатаму предлагам од книгата да отпаднат имињата на претседавачите на седниците и нивните интервенции. Исто така, да отпаднат и текстовите на репликите со кои интервенираат опонентите на авторот. Доколку авторот сака да му овозможи на читателот да дознае што му одговорил опонентот на авторот, тогаш тие реплики треба да бидат ставени во фусноти, а не да бидат составен дел на авторскиот дел од книгата.

Предлагам, исто така, „Додатокот“ да се преименува во „Прилози“.

СТОЈАН АНДОВ (тогашен претседател на Парламентот на Република Македонија)

***

Подолу можете да го проследите мојот говор во 2001 година по повод отворањето на процедурата за промена на Уставот на Република Македонија. Ова според мене беше ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ и бетонирање на промената на суштината на нашата држава. Она што не успеаја да го направат таа 2001 го завршија во јануари 2019. Но, битно е да се знае дека намерата беше иста и во 2001 година, само што поради отпорот што го дадовме доведе до моменто повлекување, и примена на скалест притисок, се до остварување на крајната цел… (сум зборувал многу на оваа тема)

Неодамна го открив овој коментар. Многу ми е драг и затоа ќе го поместам на крајот од овој текст:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *