Државниот архив на Република Македонија во мај 2015 година ја објави публикацијата Ангел и Христо Узунов – „ПСЕВДОНИМИТЕ НА ВМРО“, серија „Архивата на Ангел Узунов“ во редакција на д-р Ленина Жила, д-р Филип Петровски и д-р Зоран Тодоровски.
Разбирајќи ја важноста на дешифрирањето на псевдонимите за истражувачите на македонското револуционерно движење, Државниот архив на Република Македонија одлучи да ги објави собраните и декодираните псевдоними од Ангел и Христо Узунови.
„Псевдоними на ВМРО“ – така Христо Узунов, синот на долгогодишниот деец на македонското револуционерно движење Ангел Узунов, условно ја означил составената од него картотека на собрани и дешифрирани од неговиот татко и од него самиот псевдоними на географски имиња и на личности, кои биле употребувани во различно време од страна на Македонската револуционерна организација.
Псевдонимите биле важен елемент на конспиративната техника на Македонската револуционерна организација. Членовите на Македонската револуционерна организација, работејќи во тајност, во своите преписки ги користеле измислените имиња на личности, а, исто така, и на држави, градови, села и др. Личностите, како правило, добивале или конспиративни имиња или псевдоними-прекари (псевдоними според некоја особина, потеклото, занаетот итн.).
Првично за Ангел Узунов, како за деец на ВМРО, користењето на псевдоними претставувало неопходен технички елемент во неговата работа.
Потоа (од 1948 год.), кога Ангел Узунов почнал да ги обработува архивите на неговиот татко Димитар Х. Узунов, на неговиот дедо Георги С. Чакаров, на неговиот брат Христо Узунов, на Охридскиот околиски револуционерен комитет и својата лична архива, „како на пунктов началник на ВМРО во Ќустендил и како на народен претставник на XIV редовно народно собрание на Македонската парламентарна група (1924–1928), тогаш се појавила неопходност од систематска работа за пронаоѓање, собирање и дешифрирање на псевдонимите употребувани во различно време од страна на Македонската револуционерна организација.
На Ангел Узунов му помагал неговиот син Христо Узунов, кој ја продолжил работата, според зачуваните белешки, и по смртта на својот татко.
За да се олесни користењето на собраните податоци, Христо Узунов ги систематизирал псевдонимите (псевдоним – име, име – псевдоним) по азбучен ред и ја направил картотеката „Псевдоними на ВМРО“.
Иако постојат доволно голем број публикации за псевдонимите употребувани од Македонската револуционерна организација, од кои најопфатна е книгата на Борис Николов, „ВМОРО. Псевдоними и шифри“ сепак, истражувањето на Ангел и Христо Узунови не ја изгуби ниту својата актуелност ниту својата важност.
Собраните од Ангел и Христо Узунови податоци дозволуваат да се преиспита правилноста на дешифрирањето на некои псевдоними.
Картотеката „Псевдоними на ВМРО“ содржи и дешифрирани псевдоними што досега уште не беа разоткриени.
Картотеката „Псевдоними на ВМРО“ се публикува целосно, дури и со недешифрирани псевдоними, и со направениот од страна на Христо Узунов редослед.
Псевдонимите се објавуваат на јазикот на оригиналот, т.е. на бугарски јазик (од левата страна), и во транскрибираната форма – на македонски јазик (од десната страна).
„Псевдоними на ВМРО“ е втора книга, по „Спомени“ на Ангел Узунов, од серијата „Архивата на Ангел Узунов“.