Дали медиумите се над судовите? – мислење 112

Дали медиумите се над судовите?
Број 3101 сабота, 03 октомври 2009
Се сеќавате – „славните успеси“ на Фондот за здравство беа предмет на кампања без скрупули подолго време. До моментот на исчезнување на директорот од сцената. Навистина чудно, ниту отчет, ниту интервју, ниту каков било глас. Па, каде е човекот? Од сублиминалната порака која требаше да ни биде врежана во потсвеста ние требаше да „сфатиме“ дека успесите се толку големи што во здравствениот систем на нашата држава веќе нема проблеми. Ќе се согласите дека доколку тоа навистина беа успеси, ќе немаше причина за човекот да исчезне, туку тој со гордост ќе продолжеше да парадира и да ги претставува тие успеси и како лично животно достигнување.

Во меѓувреме, ми раскажуваше еден пријател, нашето здравство нема реагенси за да се извршат основни тестови на значајни групи пациенти. Бидејќи станува збор за здравјето, пријателот е загрижен оти и тој и неговата сопруга се осигурени, значи плаќаат придонеси за здравствено осигурување. Ми се пожали, а јас не знам што да му одговорам. Ако се пошегувам, може нема да ме сфати на шега. Да му кажам да не губи верба, затоа што сум слушнал пропагандни пораки дека здравството ни е во најдобра можна форма, ризикувам повторно или да ме сфати на шега или дополнително да го разочарам. Сепак, решив да ризикувам, па му велам не грижи се за директорот на фондот, ќе се појави сигурно како нов во некоја држава…

И така, додека размислував за достигнувањата на нашето здравство, за херојските реформи, ми се јави новинар од А1. Бараше изјава по повод мојата тужба за клевета, која и’ ја подигнав на една новинарка од бесплатниот дневен весник „Шпиц“. Бидејќи во меѓувреме се заврши процесот, кој е стар речиси две години, реков дека немам што да додадам. Се’ што имав да кажам, кажав на суд. Во меѓувреме, судот пресуди и случајот заврши пред повеќе месеци. Меѓутоа, новинарот беше упорен, што имплицираше дека тој има задача да извлече што може од мене. Затоа љубезно го потсетив дека судски одлуки не се коментираат. Бидејки се чувствуваше дека тој е под притисок на неговата куќа, го предупредив дека едно е да се бара вистината и за неа да се известува, а друго е клевета. Токму затоа го поздравувам секое објективно и вистинито известување, но му се спротивставувам на секое изживување од медиумите.

Не толку одамна, додека активно се занимавав со политика, бев предмет на организирано и систематско уништување од новинари инструирани да го прават тоа поради политичка опортуност. По отворањето на полициските досиеја за политички неистомисленици во 2000 година, открив документ кој имплицира дека во Македонија се користени брутални методи на оцрнување во јавноста на политичките неистомисленици и по прогласувањето на независноста. Притоа, инволвирани се тајните служби, но има индикација дека и некои новинари биле дел од „системот“. Не сакам да мислам дека во „систематското уништување“ на ВМРО и на мене биле инволвирани повеќе структури, но индикациите се тука. Одозгора на се’, ЛУСТРАЦИЈА нема. Како што гледам и нема ни да има. Тоа ми дава за право заклучам дека ништо не се случувало случајно.

Како и да е, без некоја особена горчина се сеќавам на периодот од првото владеење на ВМРО, за јавната тортура со секојдневно изнесување клевети, лаги, невистини. Сфатив дека тогаш уште сме се бореле да го урнеме конзервираниот систем и практично сме морале да ги истрпиме сите тие омаловажувања за кои никој никогаш не беше повикан на одговорност. Во меѓувреме, работите се променија. Станавме поискусни, системот се развиваше, законите се подобруваа. Стана јасно дека клевета е клевета. Стана јасно дека јавно кажаниот збор мора да биде потпрен врз факти и вистини. Иако напредувавме бавно, сепак, некои резултати се постигнати. Успеавме да научиме дека не може некој ако не ни се допаѓа, а случајно сме новинар (бидејќи друга работа не сме успеале да најдеме), не можеме да го уништуваме неговиот јавен и приватен живот како што сакаме.

Воден од тие побуди по напишаните серија невистини и клевети од новинарка на „Шпиц“, решив да ја поканам на суд тоа и сето да го докаже. Ништо повеќе, ништо помалку. Како што реков судските одлуки не се коментираат, дури ни владата не ги коментира. Но, за да се појаснат некои работи, пред се’, на системот за информирање кој се инволвира во тужбата пост фестум, за да демонстрира моќ, ќе го коментирам законот во врска со конкретната тужба. Не се работи за една навреда и клевета, туку се редица навреди и невистини. Тие се објавени во „Шпиц“ без моја согласност и спротивно на Кодексот на новинарите, како и спротивно на Кривичниот законик. За конкретното кривично дело, доколку тужениот уредно е поканет, а не се јави на рочиште и не го оправда својот изостанок, судот, врз основа на законот, има право да суди во негово отсуство. Дотолку повеќе што тужената имала полномошник-адвокат, кој исто така не се јавил на рочиштето или не го оправдал изостанувањето. Тужениот можел да го стори тоа и по писмен пат. А1 пренесе изјави на тужената и на адвокатката. Беа тоа сериозни невистини, дека тие не биле уредно поканети и поради тоа не можеле да го кажат своето мислење. Во мое присуство беше одложено рочиште во нивна корист, за да се запознаат со предметот. Се работи за второто рочиште. Протестирав, затоа што сметав дека имале доволно време да се запознаат со предметот. Во прашање беа повеќе месеци. Сепак, судот одлучи да има ново рочиште на барање на тужената.

Пред самото рочиште, на телефон ми се јави Героски, во својство на главен уредник, за да бара да се откажам од тужбата. На тоа доби од моја страна прашање дали тој го прочитал текстот за кој новинарката е на суд. Му предложив да го прочита прво текстот и доколку смета дека не содржи клевети, да ми се јави и да ми предложи повлекување на тужбата. Героски не се јави повторно. На последното рочиште тужената и нејзиниот полномошник не се појавија. Сега се кажуваат приказни дека била надвор од државата. Патување во странство не е причина која е предвидена во законот за одложување рочиште, така што е очигледно дека е донесена одлука која е во согласност со законот. За пресудата, тужената се жалела и на апелационен суд. Меѓутоа, и тој нашол дека нема законски основи да се уважи жалбата. Затоа заклучувам дека однесувањето на тужената, со нанесување нови клевети извршени преку јавен медиум, покажува дека казната не ја постигнала својата цел. Тоа значи дека тужената има проблем со прифаќањето на реалноста и со правниот и судскиот систем во државава. Медиумот каде што таа работи треба да се замисли дали таква личност треба и во иднина да се занимава со таа дејност.

На крај, бидејќи се користи аргументација дека јавните личности и политичарите треба да го трпат тоа што се пишува, да прашам дали во државата има луѓе од втор ред кои треба да бидат омаловажувани само за да има за што да пишуваат весниците, а телевизиите кои се во иста сопственост со нив, од тоа да прават шпанска сапуница синхронизирана на македонски?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *