На 30 јуни 2016 година, д-р Филип Петровски, директор на Државниот архив на Република Македонија, оствари посета на Генералната дирекција на Архивите на Албанија во Тирана.
Оваа посета се реализираше врз основа на претходно упатена покана од страна на г-дин Гјет Ндој, директор на Генералната дирекција на Архивите на Албанија, а во рамките на договорот за соработка помеѓу Државниот архив на Република Македонија и Генералната дирекција на архивите на Албанија, потпишан на 6 ноември 2015 година во Скопје.
За време на посетата во Тирана, д-р Филип Петровски и неговиот колега г-дин Гјет Ндој, разговараа за обликот на понатамошната соработка меѓу двете државни архивски институции и можноста за збогатување на архивските фондови во двата архива со архивски документи кои се однесуваат на Македонија и македонската историја, односно Албанија и историјата на Албанија, а се наоѓаат во Државниот архив на Република Македонија или во Архивите на Албанија.
На средбата, Д-р Филип Петровски го информираше неговиот колега за неговиот избор за член на Извршниот одбор на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет и за активностите околу иницијативата за формирање на Професионално архивско здружение на Југоисточна Европа. Двајцата директори разменија информации за начинот на работењето во нивните Архиви, на д-р Филип Петровски му беше овозможено да ги посети депоата на Генералната дирекција на Архивите на Албанија, а имаше можност да го посети и Националниот историски музеј во Тирана.
Соработката на Државниот архив на Република Македонија со Архивите на Албанија е традиционално добра и богата. Првиот договор за соработка меѓу овие два архиви е склучен уште во далечната 1991 година и од тогаш па до денес се реализирани повеќе проекти, како и научно-истражувачка работа во повеќе наврати и реципрочна размена на копии на архивски материјал, што се однесува за историјата на двете држави.
Извор: ДРЖАВЕН АРХИВ