Зошто Мицкоски ја нема мојата поддршка?

Колумна на Филип Петровски по повод изборниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
од Фокус 15.12.2021

Мицкоски е просто кажано продолжена рака на Груевски. Поставен беше на наместен Конгрес за да ги заштити интересира на претходното раководство и да слуша безпоговорно. Се сомневам дека „дилот“ оди дотаму дека „отепувањето“ на партијата на ваков начин беше предуслов за да може да избега Груевски од Македонија.

Пишува: Филип ПЕТРОВСКИ

Христијан Мицкоски е оспоруван од моја страна затоа што дојде во фотељата на Никола Груевски со наместен Конгрес. Губењето на последователните избори потоа дојде само како логична последица.

Некомпетентноста и принципот на негативна селекција која беше и се уште е демонстрирана од него доведе до промена на името и Уставот, бришење на АСНОМ од Преамбулата на Уставот без скоро никаков проблем од страна на владеачкото мнозинство.

Неспособноста да се спротивстави како опозиција на целосното разградување на Македонија кулминираше со губењето на претседателските и парламентарни избори непосредно потоа. На тие избори, правилното раководење на партијата и заштитувањето на интересите на државата и народот требаше да резултира со победа и бришење на СДСМ од регистарот на партии. Наместо тоа, СДСМ непречено владееше.

Сега, години потоа народот се умори од корупцијата и некомпетентноста на Зоран Заев и неговата екипа и едноставно ги казни. А бидејќи политичкиот систем е коруптивно групиран околу двете партии, не постои избор и по инерција бингото падна кај Мицкоски. Тажно. Сиво. Безперспективно.

ДАЛИ ДЕСНИЦАТА Е ОБЕДИНЕТА?

Не може да се каже дека десницата е обединета. Се прашувам што е десница? Има ли Македонија десница? Ако направиме анализа на „идеологијата“ која на квази начин се предлага на народот, можам со сигурност да заклучам дека нема десница во оваа држава.

Ќе повторам, среќна околност за Мицкоски и Белата палата е што народот се умори од глупостите на Заев, Филипче, Царовска. Инаку уште 100 години ќе владееја. А ми се чини и дека ќе владеат. Бидејќи се што гледаме како пласман на стратегија од Мицкоски е лага дека има мнозинство за да ги држи во кондиција тие 3-4 илјади гладни и жедни за функција клиенти.

Попатно, со скапа пропаганда се залажува и измаченото и секако потценето членство. Не, не гледам обединетост никаква. Освен сложно чекање на фунции, привилегии и тендери.

СОМНЕЖ ЗА „ДИЛ“

Мицкоски е просто кажано продолжена рака на Груевски. Поставен беше на наместен Конгрес за да ги заштити интересите на претходното раководство и да слуша безпоговорно.

Се сомневам дека „дилот“ оди дотаму дека „отепувањето“ на партијата на ваков начин беше предуслов за да може да избега Груевски од Македонија, како и да се одолговлекуваат во бесконечност (до застарување?) судските процеси против тимот на Груевски за корупција и крадење на пари од буџетот и државата.

Мицкоски е едноврено и бледа копија на Груевски. Со Љубчо Георгиевски не можам да го споредувам. Но, Груевски сакаше таква бледа копија за да не избледи токму неговиот ореол на „чувар на нацијата“ и повторен втемелувач на „Александровата традиција“.30 години по независноста не остана ништо ни од ВМРО нити од било каква здрава историска заоставштина. Жално!

„ДУВЛО“

Се на се, наместо да биде конкретен одговор на потребите на граѓаните и народот, како модерна партија, ДПМНЕ се претвори во обично „дувло“. Политиките се креираат според потребите на тесен круг за зграбување на лична моќ, со која би се лечеле поединечно и групно комплексите на помала вредност.

Партијата одамна ја загуби својата есенција, поради која сметам дека историски во 1990 беше реоформена. Да ги заштитува интересите на Македонскиот народ и граѓаните на Македонија. Ништо од таа Македонија во меѓувреме не остана а партијата на сите промени или кумуваше или беше нем набљудувач.

Време е некој да го изгасне светлото. Ама, во буквална смисла кажано.

Авторот е поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник, конзул во Њујорк и директор на Државен архив.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *