Кандидатот Петровски обвинува за манипулации во ДИК, а оттаму го демантираат

Филип Петровски најави кривична пријава до Државната изборна комисија. Поранешниот директор на Државен архив од Владата на ВМРО ДПМНЕ, сега самостојно собира потписи за претседтелска кандидатура, но се жали на нерегуларности во процедурата на ДИК. Тврди дека службениците имаат наредба да подметнуваат неважечки листи на граѓаните кои сакаат да се потпишат, а валидните листи со неговиот потпис да останат празни. Обвинува и дека дипломатско-конзуларните претставништва се уште не се отворени за македонските државјани да се потпишат за кандидатурата.

– „Со оневозможување на потпишување во Македонија и во дипломатско-конзуларните претставништва се укажува дека силен центар прави добра контрола кој ќе биде кандидат за шретседател, а потоа и претседател на РМ. Јас се сомневам дека големите две партии, бидејќи ДИК ја контролира Мицкоски, имаат договор да поминат само нивните двајца кандидати. Ова воопшто не е демократска процедура.“ – изјави Филип Петровски – кандидат за претседател.

Првиот човек на Државната изборна комисија ги демантира обвинувањата на Петровски. Деркоски за ТВ 24 тврди дека е неосновано да се обвинува ДИК за подметнување на листи за потписи и вели дека кандидатите сами ги доставуваат листите до подрачните единици, па имаат увид во истите.

– „Несериозно и неоправдано. Целосно ги отфрлам обвинувањата од Филип Петровски, а доколку смета дека се кршат законите, нека докаже. Државната изборна комисија си ја врши работата согласно изборниот законик и досега сме немале никакви жалби од другите кандидати кои собираат потписи.“ – изјави Оливер Дерковски – претседател на Државна изборна комисија.

Досега во државната изборна комисија освен Филип Петровски, Гордана Силјановска Давкова и Амди Бајрам, потписи за кандидатура собираат и тројца кои се непознати за јавноста: Димче Петровски, Господин Поповски и Јосиф Мирчевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *